ГРОМ во локалните власти во Република МакедонијаГРОМ во локалните власти во Република Македонија
14 СОВЕТНИЦИ ГИ ЗАСТАПУВААТ ВИЗИИТЕ НА ГРОМ НА ЛОКАЛНО НИВО
Граѓанска опција за Македонија– ГРОМ е веќе партиципиент во локалната власт во повеќе градови во Републикава. Иако од официјалната промоција на партијата изминаа едвај три месеци, повеќе независни советници, но и советници од други партии се приклучија на ГРОМ и сега тие ги застапуваат ставовите и визиите на Граѓанска опција за Македонија во советите на општините во кои членуваат. На тој начин гласот на ГРОМ продира до сите граѓани ширум Македонија.
Спасе Ристевски, актуелен советник во Општина Росоман, е роден на 9 декември 1976 година. Има завршено средно индустриско образование и е приватен стопанственик кој се занимава со трговија на големо и мало. Во општествено-политичкиот живот на Росоман е активен подолго од десет години и е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Златко Јованов, актуелен член на Советот на Општина Кавадарци, е роден на 12 март 1964 година. Има дипломирано на Факултетот за музичка уметност и е професор по музичко образование, отсек труба, во Основното музичко училиште во Кавадарци. Во резимето за неговата општествена активност се вбројува седумгодишниот ангажман како директор на ООМБУ „Лазо Мицев Рале“. стопанственичката дејност како сопственик на хотелот „Вила Бела“ во Кавадарци, но и иницијативата за изградба на нов објект за музичкото училиште во родниот град. Тој е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Роберт Живадиновиќ, актуелен советник во Општина Карпош, е роден на 15 мај 1967 година. Тој е дипломиран градежен инженер, кој својот професионален ангажман го остварува во Градежниот институт на Македонија. Во општествено-политичката кариера му се вбројува тоа што втор мандат ги застапува интересите на граѓаните во Советот на Општината, како и фактот дека е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Проф. д-р Чедомир Саздовски, до неодамна независен советник во Општина Кисела Вода, кој сега таму ги застапува визиите на ГРОМ, е роден на 27 декември 1952 година. Тој е професор по кинезиологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а во неговата богата кариера се вбројуваат многу ангажмани во спортски клубови од Македонија. Тој е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Горан Ефремов, актуелен советник во Општина Пробиштип, е роден на 14 септември 1973 година. Има завршено вишо електротехничко училиште, а вработен е во Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Политички активен е повеќе од 20 години, професионално се занимавал со кошарка до 2011 година, а бил и тренер на КК „Рудар“ од Пробиштип. Советник во Општина Пробиштип е втор мандат и е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Д-р Драги Караџински, до скоро независен советник во Општина Куманово, кој сега таму го претставува ГРОМ, е роден на 18 март 1951 година. По професија е невропсихијатар, вработен во Општата болница во Куманово. Довербата на кумановчани да ги претставува во општинскиот Совет ја доби вторпат, а покрај тоа, тој е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Душица Сеизова Јовановиќ, до неодамна независен советник во Општина Куманово, која сега таму го застапува ГРОМ, е родена 7 септември 1981 година. Таа е дипломиран правник, со положен правосуден испит, а сега е и постдипломец на административно право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Вработена е во ЈП „Пазаришта на Куманово“, како советник за правни работи со лиценца за јавни набавки. Таа е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Бобан Младеновски, советник во Општина Старо Нагоричани, е роден на 14 јуни 1974 година. Според образованието е машински техничар, а вработен е во ЈП „Чистота и зеленило“ – Куманово. Политички активен е повеќе од 20 години и е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Димитар Зарков, до скоро независен советник во Општина Кавадарци, а сега претставник на ГРОМ, е роден на 17 јуни 1972 година. Според образованието е биотехнолог и апсолвент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на катедрата Студии по новинарство при Правниот факултет. Тој е приватен стопанственик, а во резимето на неговите општествени ангажмани се вбројува фактот дека е долгогодишен спортски работник, коосновач и прв претседател на Женскиот фудбалски клуб „Тиквешанка“ во Лигата на шампионите. Тој е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Прим. д-р Добрила Андоновска, советник во Општина Карпош, е родена на 28 април 1958 година. Како магистер по медицински науки, со докажана професионална кариера и меѓународна едукација, таа е хирург од областа на пластичната, реконструктивната и естетска хирургија во приватната клиника „Неуромедика“. Во својата кариера извршувала повеќе раководни функции, а активна е и во општествено-политичкиот живот. Таа е една од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Проф. д-р Зоран Поповски, советник во Општина Карпош, е роден 8 септември 1962 година. Тој е универзитетски професор по биохемија и генетско инженерство на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“. Ангажиран е и како визитинг-професор во САД, Шведска, Италија, Босна и Херцеговина, а работи и како експерт за унапредување на образованието на ЕУ и УНЕСКО. Тој е општествено активен на повеќе полиња и е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Горан Михајлов, актуелен советник во Општина Карпош, е роден на 1 мај 1963 година. Тој е дипломиран правник, со богато искуство во општествениот активизам, особено на полето на културата. Интересите на граѓаните од Карпош во општинскиот Совет ги застапува веќе четврти мандат. Тој е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Дејан Димковски, советник во Општина Карпош, е роден на 5 септември 1971 година.Според образованието, тој е дипломиран економист, а својата работна кариера му ја посветува на малиот бизнис. Еден е од основачите на Граѓанската опција за Македонија.
Љупчо Настоски, до неодамна независен советник во Општина Охрид, каде сега ги застапува боите на ГРОМ, е роден на 15 август 1958 година. Во поглед на образованието, има виша стручна подготовка од областа на туризмот, а од 1988 година е приватен стопанственик. Граѓаните на Охрид го препознаваат како голем човекољубец, иницијатор на голем број хумани акции. Во Советот е веќе трет мандат, а е еден од основачите на Граѓанската опција за Македонија.