Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

УСТАВНИ ПРОМЕНИ ПО СТОТИ ПАТ

Проф. д-р Зоран Т. Поповски

– потпретседател на ГРОМ

КОГА Е БАЛ НЕКА Е МАСКЕМБАЛ

 Мнооогу прашина се дигна околу најавените уставни промени. Секој си ги толкува и анализира од свој агол, а интересот на државата и нејзините граѓани ич не им е важен. Додуше не успеваме да го чуеме ставот на најповиканиот во државата за заштита на Уставот. Некако горештинава го сокри во ладовина, па нема потреба да се занимава со „маргинални“ работи. Ама веројатно го остри пенкалото за потпис на измените на уставот. Туку ајде да го оставиме човекот да одмара, а јас ќе се обидам да дадам скромен прилог во оваа уставна приказна.

By the way, менувањето на уставот е секогаш меч со две острици. Колку помалку се менува уставот на една земја, толку таа земја е постабилна. Во математиката тоа се  вика обратнопропорционален однос. Ама за жал тоа не е случај со Македонија. Кај нас, малку – малку па ајде да го „дополниме и нашминкаме“ уставот. Од друга страна, отварањето на процесот на уставни промени во тензично општество какво што е македонското е секогаш своевидно отварање на Пандорина кутија. Убаво е ако има општ консензус за овие промени, ама овде тоа е скоро невозможно. Националната ем „идеолошката“ поларизација си го направи своето и денес Македонија е држава на поделени граѓани , па еве и по однос на најавените уставни промени.

ПРАШАЊЕ: ШТО Е ОВА? ОДГОВОР: КОЗМЕТИКА

А најавата е повеќе од козметичка и немам намера по не знам кој пат да дебатирам за преимнувањето на Народната банка, за бракот меѓу маж и жена, за новата правна алатка наречена уставна жалба, за лицемерното ограничување на јавниот долг и буџетскиот дефицит, за промените во составот на Судскиот совет, за уставниот статус на државниот ревизор, за слободната финансиска зона и уште некое карминче и креонче.  Во сите овие измени има и работи кои се помалку неважни, ама нема работи кои на долг рок ќе го решат клучниот проблем  во нашата држава, а тоа се партизацијата на се и сешто и отсуството на демократија. Да се разбереме. Тоа се работи кои не се од сега, ами датираат уште од времето на осамостојување на државата. И затоа во изминатиот  четврт век постојано ни се повторуваше приказната за Курто и Мурто, а тие „двајца“ уживаа во благодетите на власта. А заедно со нив уживаа и партиите на албанските граѓани во Македонија (многу ми е тешко што ова морам да го спомнам) кои на крилата на национализмот секогаш лицитираат со владеачката партија околу интересите на нивната етничка заедница. За жал денес тие лицитации излегуваат од контрола и ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и стабилноста на системот.

Зошто е така? Одговорот е повеќе од едноставен. Власта во Македонија од нејзиното осамостојување е надвор од контрола. Победничката партија на сите избори досега е и судија и кадија и заптија и арачлија и борчлија. Правилата на игра се воспоставени така за да нема место за „check and balance“.  И затоа во континуитет ни се случува државната комисија за спречување на корупцијата својата мисија да ја насочува кон „ситни риби“ или опозициски настроени луѓе, а при тоа да се амнестираат експонентите на власта. Затоа не е  чудо што државниот обвинител кој и да е и чиј и да е, бара вештерки само во редовите на опозицијата.  Сведоци сме на бројни извештаи на државниот ревизор кои некогаш се дури и критични кон носителите на јавни функции, ама остануваат без правна разрешница или не дај боже казни. Ништо поарна не станува ни лустрациската комисија која е последна формирана и која како да работи под директива. А каже некој нешто против власта, одма го прогласуваат за кодош. Единствено нешто што како контролен механизам е делумно во рацете на опозицијата е Државната изборна комисија во која „на крајот на денот“ владеачкото мнозинство пак си го надгласува опозицискиот претседател на ДИК. Е па со такви правила на игра, власта си е секогаш заштитена како бела мечка. Не е ни чудо што власта во такви услови станува бескурупулозна и имуна на демократија.

ПРАШАЊЕ: ШТО ТРЕБА? ОДГОВОР: КОНТРОЛА

Ајде сега да замислиме една малку поинаква ситуација. Ајда да замислиме дека во столчето на првиот антикорупционер седи човек кој не е продолжена рака на власта и кој со своите колеги катадневно следи што се случува со имотот и на оние луѓе што ја практикуваат власта. Тогаш нема да се случува процесите да се однесуваат на дела од пред оваа или онаа власт. Во таков случај контролата на имотот на претставниците на власта ќе биде присутна овде и сега. Контролата ќе биде овде и сега и за сите оние кои се огрешиле од законот независно од нивната политичка ориентација ако државниот обвинител е човек со сопствен интеритет, но не избран од власта. Извештаите на државниоте завод за ревизија нема да бидат само опомени за власта ами ќе бидат коректив и вистинска контрола на трошењето јавни пари ако со оваа институција раководи лице кое не е предожено од власта.  И конечно, лустрациската комисија по правило ќе треба да ја води претставник предложен од опозицијата каков што е случајот со ДИК. Еве овие неколку контролни механизми на демократијата и трошењето јавни пари ми паднаа на памет, а веројатно има и други. Ама независно уште колку ги има, поентата е иста: ВОСПОСТАВУВАЊЕ КОНТРОЛА НА ВЛАСТА И ДЕМОКРАТСКИ БАЛАНС ВО ПОЛИТИКАТА.

Некој сега нека ми каже дека ограничувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг со бројки е поважно од вистинска контрола во трошењето на јавните пари преку независен државен ревизор и експертска, а не партиска антикорупциска комисија. Или дека изземањето на министерот за правда од Судскиот совет и промена во техниката на неговото одлучување се поефикасни мерки од именување на државен обвинител на предлог на опозицијата.  Или дека дефинирањето на бракот како заедница на маж и жена е толку приоритетно прашање кое морало со устав да се решава, а при тоа нивото на демократијата, човековите права и слободи ни се со афрички стандарди.

Затоа денес Македонија во време на уставни промени личи на козметички салон во кој се обидуваме од баба да направиме невеста. Свесен сум дека овие предлози се далеку од умот на власта и ќе останат само неуспешен обид за афирмацијата на демократијата во Македонија. Ама ако, нека си стои запишано. „Сето тоа народот еден ден ќе го позлати“ (читај разбере и побара). Само да не биде доцна.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin