Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Крсте Петревски-Генерален секретар на ГРОМ: Извештај помеѓу двете собранија



И З В Е Ш Т А Ј за работењето на ГРАЃАНСКАТА ОПЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА – ГРОМ меѓу двете собранија
.

Најнапред сакам да го опишеме општествено политичкиот амбиент по второто собрание на партијата во февруари 2017 година. Да потсетиме тоа беа моменти кога ГРОМ заедно со својата коалиција имаше остварено победа на парламентарните избори но под влијание на надворешниот фактор и општата еуфорија создадена кај граѓаните на лидерот на ВМРО ДПМНЕ не му се дозволи да формира влада. За целиот тој временски период членовите на ГРОМ и тогашните пратеници беа под постојан притисок да прејдат условно речено на другата страна. Раководството на нашата партија имаше сенс за она што ќе следува во наредниот временски период и дека ваквата ситуација е дел од покрупна геополитичка игра.

Нам ни беше јасно дека ќе се случуваат крупни внатрешно политички промени и редефинирање на државата, промена на Уставот и уставното име на државата. ГРОМ оцени дека овие промени ќе имаат далекусежни последици пред се врз македонскиот народ, ќе делуваат негативно врз перцепцијата за политиката и политичките актери како и угледот на Македонија во меѓународната заедница.

Дваесет и седмоаприлските настани се црна дамка во македонската политика и ако се сеќавате тогаш ГРОМ истите ги осуди. По формирање на новата влада настана период на лов на вештерки, реваншизам, политички хајки, монтирани судски процеси…

Наводното расчистување со настаните од 27 април не беше ништо друго, туку груба форма на пресметка со политичките неистомисленици. За жал во оваа нечесна игра се инволвираа и правосудните органи кои се потрудија да ги санкционираат последиците, но не и причините кои доведоа до овој немил настан. Да потсетиме, причината беше нелегитимниот избор на претседател на собрание со 57 пратеника и пеење химна на друга држава во македонскиот парламент. Ставот на ГРОМ беше јасен, а тој е дека треба санкции врз причините и секако и врз последиците од истиот.

Набрзо уште во крајот на јули, почетокот на август, на површина излегоа политиките кои ги очекувавме. А тоа е предавство на македонските интереси со потпишување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Ставот на ГРОМ беше јасен. Со овој договор се отвара Пандорината кутија. Дали е тоа така и дали бевме во право се докажа со неколкуте блокади на европскиот пат на Македонија од страна на Бугарија и нелогичните барања кои задираат во идентитетските прашања на македонскиот народ.

Главните сили на партијата во тоа време беа сконцентрирани во општина Карпош и подготовка за локалните избори кои се одржаа на 15 октомври 2017 година. За целиот овој временски период Граѓанската опција за Македонија како и нашиот претседател беа изложени на жестоки неаргументирани критики, лаги, инсинуации, штрајкови, потпомогнати од домашни и странски центри на моќ. Целта на овие напади беше да се замолчи нашиот претседател и да се запре силата од каде ја црпеше ГРОМ – тоа е општинската организација на Карпош, а секако и партијата во целина. Таквата пропаганда доведе до дезориентирање и осипување на членството и како крајна последица губење на локалните избори во Карпош и падот на градоначалниците на нашата коалиција скоро низ цела Македонија. Ваквиот погром отвори врата за девијантни појави во општеството и кабадахиско однесување на власта во целина. На овие избори во Карпош и во Кавадарци ГРОМ настапи самостојни со што во Карпош освои 3746 гласови, а во Кавадарци 1.707 гласови, или вкупно 5453 гласови, односно три советници и плус 13 советници од коалицијата.

Да потсетиме дека непосредно пред првиот круг на локалните избори власта го купи нашиот пратеник Чедомир Саздовски кој воедно извршуваше функција на извршен секретар во партијата. Кога се обидувавме да дознаеме што е причината за оваа негова одлука неговото образложение беше дека ваквиот негов потег е резултат на несогласување со некои членови од Извршниот Одбор на партијата.

Поаѓајќи од максимата дека без секого се може продолживме понатака но мораме да посочиме дека настана период на големо разочарување на членовите на партијата како последица на нападите и конструкциите од страна на власта посебно врз претседателот на партијата. Но, иако власта тргна жестоко во политички пресметки раководството на ГРОМ не седеше со скрстени раце туку напротив и се спротивставуваше и ја критикуваше власта преку пишаните и електронските медиуми, во телевизиските настапи, и ако се сеќавате на денот на потпишувањето на Преспанскиот договор 17 јуни 2018 година. Ставот на ГРОМ беше дека ова прашање не заслужува одговор и дека Граѓанската опција за Македонија ќе биде против промена на името, промена на уставот заради промена на уставното име и последиците кои произлегуваат од истиот.

Имајќи во предвид дека раководството на ГРОМ беше постојано со јасни ставови, и се спротивставуваше на власта во обидот да го промени уставното име и да изврши процес на фактичка демакедонизација како во земјата така и во соседството.

Чувствувајќи опасност за неуспех од референдумот, а и водена од желбата за реваншизам на почетокот на август власта го уапси нашиот претседател, му го одзема пасошот и му го ограничи движењето само на територија на Скопје. Тоа како да ни даде уште поголем поттик во отпорот за промена на името и денот на референдумот 30 септември го прогласивме за „Ајвар ден“. Нашата цел беше остварена, а референдумот неуспешен.

Притисокот и голготата врз раководството на партијата и тогашниот пратеник Панчо Минов продолжи со цел да се обезбедат 80 пратеника од кои ќе произлезе промената на уставното име. ГРОМ успеа да одолее на овој притисок и не учествувавме во оваа срамна одлука на парламентот за изгласување на потребата на промена на уставот. Но, не престанавме да и пркосиме на власта и се потрудивме да ја дезавуираме во секоја можна прилика. Очекуваа дека ГРОМ ќе биде замолчен, пацифизиран, и претворен во
кооперативен послушник на власта, но напротив, отпорот растеше.

Во екот на подготовките за претседателските избори рано изутрината на 18 април повторно беше приведен нашиот претседател Стевчо Јакимовски, поднесени беа повеќе кривични пријави, одреден куќен притвор, изречена забрана за електронска и секаков вид комуникација со останатиот дел од граѓанството. Тоа беа денови на исчекување на лоши вести исполнети со секојдневно полициско иследување на членови на ГРОМ и луѓе блиски до претседателот кои работеле во општина Карпош, денови на исмејување и понижување на членовите на ГРОМ и триумфално ликување на претставниците на власта дека конечно го затвориле противникот.

Мораме да напоменеме дека ГРОМ активно се вклучи во поддршка на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова. Резултатите на овие избори според наше видување беа повеќе од добри, затоа што во првиот круг опозицијата губеше само со 4,200 гласови.

Ова значеше дека само две години по дваесет и седмоаприлските настани, мегааферата со прислушкуваните материјали и функционирањето на Специјалното Јавно Обвинителство со полн капацитет, овие резултати беа повеќе од добри. Тоа значеше дека отпорот и пркосот кон власта не беше залудна. Во вакви тешки моменти, голем дел од нашето членство не ја изгуби довербата во политиките на ГРОМ и во претседателот и продолжија со својот активизам иако беа шиканирани на секој чекор. Членовите на ГРОМ земаа активно учество во сите протести и митинзи на опозицијата и постојано присуствуваа во медиумите со аргументирани критики кон власта.

За жал, на прашањето за поддршка за продолжување на функционирање на СЈО и продолжување на незавршените истраги кои произлегуваа од прислушкуваните материјали, партијата се разиде и со вториот наш пратеник Панчо Минов кој во парламентот гласаше спротивно на ставовите на партијата и истиот беше исклучен од Централниот и Извршниот одбор.

Во овој временски период постојано се водевме од идејата дека партијата не смее да гипредаде македонските национални интереси, мора да биде против селективната правда, осуда на прислушкувањето и злоупотреба на овие материјали во политички и други цели и борба против криминалот и корупцијата. Нашите ставови и тогаш и сега се непроменети. Репресијата и селективната правда се својствени на тоталитарни режими, на еднопартиски системи, на револуции, а не на демократски општества каде што е нормално да има смена на власта. Но, не е нормално употреба на правосудниот систем во политички пресметки. Не е нормално обвинителството и судот да бидат главна потпора на неуспешната економска, социјална и надворешна политика на актуелната владејачка гарнитура.

ГРОМ навремено предупредуваше за неподготвеноста на владата и здравствените власти од светската пандемија на КОВИД 19. Со право ја оценивме како погрешна и можност за злоупотреба на вонредната состојба од страна на власта. Така и се случи. Цела
Македонија ја затворија во полициски часови, а претставниците на владејачката гарнитура со пропусници можеа да се шетаат и за време на полициски час. И во ваков амбиент беа организирани парламентарните избори во летото 2020 година. ГРОМ активно учествуваше на овие избори.

Со резигнираност можеме да заклучиме дека од страна на поголемиот коалиционен партнер не беше испочитувана пожртвуваноста и борбата на ГРОМ против власта и на овие парламентарни избори ГРОМ доби само еден пратеник, а тоа е потпретседателот Љупчо Пренџов.

Мораме да напоменеме, дека Граѓанската опција за Македонија во изминативе четири години покрај кадровски успеа и финансиски да се консолидира. Партијата нема финансиски проблеми, успешно го отплаќаме просторот на улица Прашка, уредно ги сервисираме своите обврски, плати на вработени и се покриваат трошоците на членовите на Централниот одбор.

Непоколебливоста во дезавоуирањето на грешките на Социјалдемократскиот сојуз, и покрај кривичните пријави, јасните ставови по сите битни прашања за државата и граѓаните, способната за политичко предвидување, а и лошите резултати во работењето
на локалната самоуправа, доведе до подигање на рејтингот на ГРОМ, а посебно на претседателот Јакимовски. Раководството на партијата донесе вистинска одлука да на овие избори, како и на парламентарните и претседателските не бидеме обичен привезок,
туку да земеме активно учество и во Општина Карпош да излеземе со самостоен настап. Ова доведе до мобилизација на членството и успешно завршување на процесот на собирање потписи за регистрација на партијата. Мораме да кажеме дека на локалните избори членовите на ГРОМ земаа активно учество на терен и на социјалните мрежи и резултат од таа активност е две советнички места и повторно враќање на нашиот претседател на чело на општина Карпош.

Враќањето на Општина Карпош во рацете на ГРОМ е вистинска потврда дека принципиелноста, доследноста, искреноста, чесноста, истрајноста, работливоста и резултатите од работењето се исплатеа. Повторно членовите на ГРОМ одат со крената глава, повторно граѓаните очекуваат резултати од ГРОМ. Оваа победа на локалните избори во Карпош за ГРОМ и освоените 43 градоначалнички места за опозицијата треба да биде отварање на патот кон преземање на власта во Република Македонија.

За жал, по завршувањето на локалните избори се случуваат чудни работи во рамките на коалицијата и мора јавно пред своите членови да признаеме дека односите со водечката партија во коалицијата ВМРО-ДПМНЕ не се на ниво на кое што треба да бидат. Поминаа пет месеци од локалните избори ниту еден член на ГРОМ не е ангажиран на било кое ниво, во било кој дел од Република Македонија.

Ако денот се познава по утрото, ГРОМ не може да смета на кадровско ангажирање во локалната самоуправа како резултат од нашиот ангажман на овие локални избори.

Во изминативе пет години, никакви небиднини не ја поколебаа Граѓанската опција за Македонија, нема да ја поколебаат ни во иднина. И затоа ќе продолжиме принципиелно, ќе се бориме за право и правдина, за правна држава, за функционална пазарна
економија, за почитување на човековите права, за Македонија како граѓанска држава, и за ГРОМ како носител на прогресот во Република Македонија.

Ви благодарам

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin