ГРОМ ПОВИКУВА НА СМИРЕНОСТ И РАЗУМ: Не е време за популизам и собирање политички поени
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
Почитувани граѓани,
Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ ги повикува сите политички фактори во Република Македонија вклучувајќи ја и владата на смиреност и разум.
Ова не е време за општ политички натпревар во кој ќе се натпреваруваме по тоа кој каква прес конференција ќе одржи, ниту е време за популизам, ексцентризам и радикализам. Ова е време во кое што треба да дојдат до израз оние кои што знаат да водат држава, кои што се подготвени да влечат мудри потези и оние кои на сите проблеми ќе гледаат со смиреност и рационалност.
ГРОМ е против радикалните мерки што ги предлага СДСМ за воведување на минимална плата за целата државна администрација, сите избрани и именувани лица, обвинители, судии, директори на јавни претпријатија и градоначалници.
ГРОМ е исто така против укинувањето на финансирањето на било кој кобуџетски корисник вклучувајќи ги и политичките партии затоа што секој буџетски корисник ги има планирано предвидените средства што му се наменети.
Но исто така ГРОМ е против било кој да оди на работа и да работи без пари односно „пробоно“.
Затоа неопходно е да се издигнеме над ситуацијата, да се однесуваме рационално, да дадеме подршка на институциите кој „какви такви, наши се“.
Почитувани граѓани, оваа состојба може да потрае и затоа е неопходно секој политички субјект, секој граѓанин а особено владините органи да се издигнат над ситуацијата и да се однесуваат разумно.
Затоа предлагаме разумно намалување на платите на пратениците, на избраните и именованите лица од 50 %, на админстрацијата за 20-30%, се во интерес на одржливоста на буџетот, но никако тоа да оди до еден минимум кој што ќе значи и загрозување на егзистенцијата на повеќе од 120.000 граѓани во оваа држава .
Секако, предлагаме намалување на приходите на политичките партии како и на други буџетски корисници освен на здравството, полицијата и војската, но никако целосно укинување на приходите.
Товарот на оваа здравствена и економска криза треба да биде избалансиран и праведен, да се почитува принципот на солидарност но во исто време да се има во предвид дека оваа криза ќе трае повеќе месеци, а секој граѓанин, политички субјект, владата, невладиниот сектор треба да си дадат свој придонес за полесно надминување на оваа тешка состојба.