Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: НОВ ЛИК ЗА ДЕТСКАТА ГРАДИНКА „МАЈСКИ ЦВЕТ“ ВО ТАФТАЛИЏЕ 2

02.10.2017 година

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски на денешната прес конференција најави темелна реконструкција на клонот на детската градинка „Мајски Цвет“ која се наоѓа во населбата Тафталиџе 2. Се работи за предучилишна установа чиј објект е дрвена градба (барака), кој датира од седумдесеттите години од минатиот век.

-Нашата земја, во поранешна СФР Југославија имаше највисок стандард на детска заштита од сите републики и покраини. Ние имавме такво задоволство да наследиме убави градинки, но исто така, наша обврска е тие објекти да ги разубавиме односно да ги реконструираме. Еден од тие објекти е оваа градинка „Мајски Цвет” во Тафталиџе 2. Оваа барака во која ги згрижуваме малите карпошани планираме да ја урнеме  и на нејзино место да изградиме комплетно нов модерен објект – истакна првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ образложи дека целокупната инвестиција ќе  чини околу 10.615.000 денари и веќе на тендер има избрано изведувач, со кој  е потпишан договор, банкарска гаранција и рок на изведба на градинката е 120 дена.

-Општина Карпош има десет градинки од кои седум се целосно реконструирани, што значи дека ни остануваат уште три за реновирање. Со тоа, овде ќе изградиме една прекрасна градинка која претставува извонредно архитектонско решение. Претшколската установа ќе биде функционална, енергетски ефикасна и секако многу поквалитетна за сместување на најмладите жители од општината. Изведувач на градежните работи е фирмата „Инженеринг Груп“, а стручниот надзор е на фирмата „Урбан Стил“ – објасни Јакимовски.

Тој посочи дека со оваа градежна интервенција ќе биде целосно реновирана осмата градинка на територија на локалната самоуправа, со што остануваат уште две предучилишни установи, тие се „Мајски Цвет” во Тафталиџе 1 и „Мајски Цвет” во урбаната заедница Владо Тасевски.

-За „Мајски Цвет” во Тафталиџе 1 веќе имаме објавено тендер и чекаме да се избере изведувач, а онаа градинка во УЗ Владо Тасевски останува да се реконструира наредната година – додаде кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Во оваа пригода, Јакимовски донираше за  оваа градинка околу 200 сликовници, боенки и дидактички материјал.

 

 

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin