Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: Широк консензус за излез од длабоката криза

28.04.2017 година

„Граѓанската опција за Македонија смета дека од осамостојувањето на државата до денес, Република Македонија не била во поголема политичка и безбедносна криза. Оваа денешнава е потешка и поопасна дури и од кризата која ја имавме во 2001 година“, ова денеска во своето обраќање до медиумите  од партиското седиште го истакна претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски. Претседателот Јакимовски понатаму истакна дека во изминативе две години имавме постојано присуство на претставници од Брисел и Вашингтон, каде што во целост ги следевме нивните сугестии од кои произлезе и Пржинскиот договор.

– Ние како политичка партија, Пржинскиот договор го нарековме „пржинска“ измама затоа што и тогаш и сега не веруваме во него. Денес сме сведоци дека нивните инструкции и нашата послушност не не доведоа до разрешување на политичката криза во Македонија, туку напротив сме доведени до работ на граѓанска војна. ГРОМ смета дека вчера беа извршени повеќе антидржавни дејствија од политичките партии, пратениците во Собранието на Република Македонија и од индивидуални граѓани, истакна Јакимовски.

Првиот човек на ГРОМ смета дека однесувањето и дејствијата што ги преземаа одделни пратеници во Собранието и самоволието на одделни граѓани не придонесуваат за мирот и безбедноста на граѓаните, туку напротив, ќе доведат до нови конфронтации.

Затоа ГРОМ смета:

  1. Антидржавно дејствување е тепањето на пратениците во Парламентот и тоа го осудуваме. Се случило во некои земји пратеници да се степаат меѓу себе, што е непримерно, но граѓани да тепаат пратеници е повеќе од недозволиво.
  2. Антидржавно дејствување е да не се обезбеди безбедност на сите пратеници и граѓани во оваа држава.
  3. Исто така, антидржавно делување е да се пее химната на странска држава во Собранието на Република Македонија и е провокација без преседан.
  4. Антидржавно однесување е кога претставниците на законодавниот дом не го почитуваат Уставот и законите на Република Македонија кои сами ги донесуваат.
  5. Антидржавно дејствување е избор на претседател на Собранието на Република Македонија, односно на вториот човек во државата, на начин спротивен на Уставот.
  6. ГРОМ категорично изјавува дека не е против господинот Талат Џафери да биде претседател на Собранието на Република Македонија, но е енергично против да биде избран на начин спротивен на деловникот на Собранието.

Оттука, ГРОМ го осудува говорот на омраза на одделни пратеници кои не водат сметка дека со своите екстремни ставови ги подгреваат емоциите кај граѓаните и водат кон конфликти. Упатуваме апел до одделни претставници од меѓународната заедница , доколку се добронамерни и сакаат да ни помогнат, да не даваат еднострана поддршка на било чија страна, туку напротив, да дадат свој придонес за смирување на тензиите во Република Македонија. Исто така, ги повикуваме граѓаните на Република Македонија од сите етнички заедници и различна верска припадност, да бидат мудри и достоинствени, да не влегуваат во конфронтации и насилства, затоа што таквите инциденти само помагаат кон остварување на црното сценарио за Република Македонија.

-По којзнае кој пат, видовме дека целата мудрост и визија не е само кај лидерите на т.н четири политички партии, туку, треба да се остварат пошироки консултации со сите парламентарни политички партии, се со цел да најдеме излез од загрижувачката ситуација во Република Македонија, нагласи лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin