ИНТЕГРАЛЕН ГОВОР НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ НА ВТОРОТО СОБРАНИЕ НА ГРОМ
19.02.2017 година
Почитувани делегати на Второто Собрание на Граѓанската опција за Македонија-ГРОМ, драги громовци, почитувани гости…
Изминаа речиси четири години. Еве нè повторно на највисокото тело на нашата партија-Собранието! После локалните избори 2013 година, беше мирно, така да се каже летаргично на македонското политичко небо. Имавме стабилна политичко-безбедносна состојба, на економски план веќе видливо излегувавме од криза…имавме јасно дефинирана власт и опозиција. Се чини како да немаше надеж за нова политичка искра, ниту минимум простор за нова политичка опција и за продор меѓу двете најголеми политички партии…
Се појавивме како гром од ведро небо! Гледано од оваа временска дистанца ќе се согласите- во вистински момент, речиси во предвечерието на најголемата политичко-безбедносна криза од 1991 година до денес.
Набрзо потоа почнавме со кооптирање на членство. Ја направивме нашата програма, ги собравме потребните потписи и ја добивме формалната судска регистрација. За да ни се приклучат над 20.000 членови.
Имавме и што да понудиме. Граѓаните препознаа во нас некој кој точно ги погодува работите во центарот: понудивме нов концепт за развој на локалната самоуправа, за цивилното општество,понудивме своја визија за енергетска стабилност и индустриски развој на државата.
Зборувавме за неопходни реформи во безбедносниот систем, за државата како вистински сервис на граѓаните. Бевме против скапите услуги на извршителите, нотарите, високите каматни стапки на банките.Зборувавме за вистинска поддршка на земјоделците, за здравството, за унапредување на спортот. Ја афирмиравме нашата заложба „Од Скопје до секаде за час и половина“. Ги афирмиравме граѓанските права и слободи, мултиетничката толернација.
Посебно сме горди што ГРОМ од самиот старт се профилираше како мултиетничка партија на која граѓанинот и е во прв план.
За четири месеци формиравме 45 општински организации и излеговме на мегдан со многу посилни од нас во претседателската и парламентарна битка во 2014 година.
Е затоа што сме храбри – затоа што сме ГРОМ!
Понудивме добар претседателски кандидат и за ден и половина успеавме да собереме 10.000 потписи, што за многу политички партии беше мислена именка тогаш,па дури и денес. Времето покажа дека на Македонија и требаше токму таков претседател поодлучен и похрабар -претседател за вакви времиња.
Биевме две големи битки: за само 15 дена и претседателски и парламентарни. Освоивме 3,6 отсто од гласовите. Толку милуваше народот, толку добивме. Му благодариме за се, зашто за нас, народот е и поротник и судија.
Ние од ГРОМ, никого за ништо не излажавме. Во самиот старт кажавме- ние тежнееме да бидеме дел од власта.И станавме. Зашто само во рамки на институциите на власта се гради државата и му се служи на народот. Посебно ако се учествува во работата на законодавната власт.
Честопати бевме критикувани дека премногу се експонираме, лоши биле времињата, имало големо сценарио, да попричекаме да видиме како ќе биде развојот на политичката ситуација. Многу големи сили се замешани во оваа работа.
Па ако народот е дезориентиран, збунет, избезумен, му спремиле однадвор сценарио и си нашле домашни актери, зарем ние политичарите, политичките партии треба да се криеме позади народот или местото ни е да застанеме на чело?!
Ако се криеме и ако молчиме, тогаш зошто бараме поддршка од граѓаните?
Наша должност е да ја запреме политичката конфузија. Ако ја избегнуваме одговорноста денес, стануваме уште поодговорни за нашето утре. Слободата, демократијата, човековите права, македонската држава се перманентна одговорност.
Затоа го браниме правото на избор и нудиме избор- тоа е ГРОМ!
Нека извинат и големите и силните, ама гледавме со свои очи како ни ја растураат поранешната држава –Југославија и не презедовме ништо.
Денес гледаме како се обидуваат да ни ја растурат Македонија… е за неа не попупаштаме.
Каква е таква, голема ли е мала ли е, грда ли е, убава ли е, признаена ли е-непризнаена – наша е!
Политички дејствуваме за да постои овој народ и оваа земја, а не да им помагаме на оние кои што наумиле на секои 30 години да кројат нови карти.
Нашите ставови беа јасни и гласни, искажани со едноставни зборови што би рекле , секој да не разбере. Не бевме ничиј приврзок, туку го браневме светото право на граѓанинот, а тоа е приватноста. Највисока демократска вредност е да се почитува индивидуланоста,слободата и интимата на граѓанинот.
Влегување во туѓа интима не начин на водење политика, туку малограѓанштина.
Ние од ГРОМ предупредивме дека бомбите ќе се користат за уцени и за рекет. Ќе има дури и убиства. И, за жал, тоа се случи.
Ние сме единствена партија која не го признава Пржинскиот договор и го нарекува голема пржинска измама. Дали е измама или не, најдобро на своја кожа го осетија Груевски и Ахмети. Да беа поенергични, поодлучни, а ние би рекле и похрабри, денес ќе беше се подруго.
Затоа баравме поенергична акција, ако не од политичарите, барем од институцииите. Зашто, правило е, ако затајат политичарите,институциите-не смеат!
Бевме против кршење на уставот за кој леевме крв.
Не го признаваме СЈО затоа што има своја фабричка маана (спротивен е на Законот за судство и на Уставот на Република Македонија). Однапред знаевме дека ќе биде партиска инквизиција и најмалку ќе работи за доброто на граѓаните, а тоа е да ја дознаат вистината.
И ние сакаме да знаеме со кого седиме во власта: со луѓе кои ја злоупотребувале или со луѓе кои се неправедно обвинети?
ГРОМ јасно укажа дека меѓу партиската битка пред изборите, ќе се претвори во меѓуетничка- по изборите. Тоа и ни се случува. Денес главна тема е „платформата“. Никој не зборува за економскиот раст, за отворање на нови работни места, нови фабрики. никој не зборува како да им се исплати заработотеното на лозарите.
Животната средина и енергетика не е стратегија туку дневнополитичко партиско препукување.
Замислете каква иронија: држава сме без парламент, а со парламентарци.
Без влада сме, а со министри и заменици.
И наместо аир, народот, стопанството и државата трпат само штета.
ГРОМ добро знае што сака, но уште подобро знае што не сака.
ГРОМ не е проблем на државата , туку дел од нејзините решенија.
Зашто и двата пратеника на ГРОМ денес, се решение без кое не се може.
Ги повикувам политичките ривали да ги загрееме срцата и да ги оладиме мозоците: длабоко поделено општество не може да биде успешно општество. Таквото општество е само погодно тло за извоз на „меки револуции“!
Македонија мора да се врати кон себе, а ние кои живееме во Македонија, да се свртиме кон неа.
Држава без јаки институции, самопочитување и самодоверба во нив, може и натаму да биде само жариште на криза и плодно тло за манипулации и за создавање на меѓуетнички тензии.
Затоа од ова место порачуваме: ајде да се обидинеме сите политички партии по неколку клучни прашања.
ГРОМ предлага:
- Уставот го напишавме со крв и со посредство на меѓународната заедница.
Да се договориме дека тој не може да биде менуван како резултат на дневно политички пазар или да се прават уставни измени во зависност од тоа која партија колку и кога била фатена во „тесно“.
ГРОМ предлага секоја промена на уставот да оди на референдум. Како што рековме, граѓаните да бидат и гласачи и поротници и судии. И тие да ценат дали уставните измени се добри за нив. Со тоа впрочем ќе им удоволиме и на оние кои милуваат да не споредуваат со швајцарија, зашто и таму, за многу поедноставни работи, речиси секоја година имаат референдум.
- Ајде да се обединиме околу безбедноста на државата и поддршката на безбедносните служби.
- Независноста на судството и владеењето на правото и никој да не може да биде над Уставот.
- Да направиме заедничка стратегија за заштита на животната средина
- Да направиме заедничка енергетска стратегија
- Заедничка образовна стратегија
- Да сме единствену околу евроатланските интеграции
Ајде да работиме. Доста „бистриме“ политики.Меѓу бистрење политики и работа, ние се определуваме за работа. Само со работа и храброст може да се постигне углед и доверба кај граѓаните. Секако работата е подобро и посигурно средство, зашто храброста по природа не му е на секого дадена, и всушност, за храброст, можеби поретко се создава прилика, додека можности за работата има насекаде.
Јас цврсто верувам дека никој во оваа земја нема време да слуша лекции по демагогија, шарени лаги и лажни ветувања.
Ова е време за луѓе со желба, со знаење и енергија, да направат нешто повеќе, да создадат нова вредност од која ќе има реални придобивки за сите.
Не сакаме да кукаме, туку сакаме да работиме. и тоа нè одвојува од другите. По тој принцип ги бираме и нашите политички сојузници. Секој оној на политичката сцена што нуди конкретни решенија, истовремено е подготвен да ги спроведе во дело, заслужува да биде наш сојузник. Секојдневната битка за отворање на нови работни места, изградба на инфраструктура, поддршката на земјоделците, почитта и подобрување на стандардот на пензионерите, на социјално загрозените, изградбата на спортски објекти, поддршката на спортот и спортистите, цврстиот став за непроменливост на името го направи вмро-дпмне наш сојузник.
ГРОМ секогаш ќе биде со оние кои се храбри, кои не бегаат од одговорност, кои градат, а не уриваат, кои бранат , а не напаѓаат, кои сакаат , а не мразат, кои почитуваат, а не презираат.
Кои придонесуваат, а не однесуваат, кои се за Македонија да се решава овде, во Македонија, а не некаде надвор. Кои ќе работат за интересите на Македонија и за интерес на Македонија. Секогаш кога е државата во прашање, нашиот и вашиот избор, изборот на ГРОМ ќе биде-само Македонија!
На крајот, нешто сосема лично:
Ви благодарам што повторно ми ја давате довербата. Вашата доверба ме прави горд, но уште повеќе ме обврзува. Досегашниот резултат го постигнавме заедно. благодарам на вашиот досегашен ангажман и целокупната наша заедничка работа и верба во она што се залагаме.
Воедно им благодарам за придонесот за развојот на ГРОМ на сите оние што се откажаа, не издржаа во оваа психолошка битка, па покорно се вратија во старите гнезда. Но , затоа тие што останаа се најцврстите и најстамените. Тие се – ГРОМ!
Не чека многу работа. Вие добро ме познавате и знаете дека јас не се плашам од работа, знаете дека не се плашам од критики. Критиките се составен и посакуван дел од политиката. Во животот постои само еден начин да ги избегнеш грешките и критиките: да не зборуваш ништо, да не работиш ништо и да бидеш-ништо!
Е па ништо за претседател не ви треба! Ниту сум јас таков, ниту сте вие такви. И натаму ќе биде „и бобу, боб и попу-поп“. И натаму ќе бидеме храбри и храброста ќе биде нашиот заштитен знак .
Она што не поднесувам се невистините, подметнувањата и конструкциите. Против тоа ќе се борам секогаш и секаде.
Не поднесувам такви кои ништо во животот не оставиле зад себе, ниту знаат што да прават со себе, а сепак сакаат повеќе да се занимаваат со ГРОМ, со мене, да ни кажуваат каде тоа ние сме припаѓале. На сите нив и на целата македонска јавност, од ова место сакам да им соопштам три работи:
- Ние од ГРОМ и јас сме оние кои не се плашат да ги соопштат фактите, да го кажат она што е потребно, но истовремено да понудат конкретни решенија за проблемите и да се зафатат со нивното решавање.
- Кога државата е во прашање, нашиот избор е секогаш Македонија. и тоа Македонија-куќа за сите. Без поделба на наши и ваши. Секој е еднакво важен во оваа земја!
- Сите ние во оваа сала и надвор од неа знаеме зашто оваа партија постои, знаеме добро за што се залагаме и сме подготвени за најтешки битки.
Таква тешка битка не очекува во мај, на локалните избори.
На моите политички ривали во Карпош им порачувам: добивте една парламентарна битка во Карпош. Но, јас сум спортист, а во спортот не е битно „пролазното време“- битно е кој прв ќе стаса на целта!
Ајде почитувани громовци, главата горе, да чекориме напред, да гледаме напред!
Да продолжиме да си ја правиме партијата и да ја развиваме. Досега се калевме многу, станавме видливи и значајни чинители на политичката сцена. имаме јасен и препознатлив идентитет. Станавме и сме трета партија во македонскиот политички блок. Парламентарна партија сме. Најголеми и најсилни сме од „малите“ политички партии. Мали сме – но храбри!
Не победуваат големите- туку храбрите.
Да живее ГРОМ-да живее Македонија!