Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Интервју Јакимовски: Заев е најголемиот предавник на македонските национални интереси

stevco-jakimovski-int221-1Треба да се покаже дека сме држава и дека секогаш кога ќе биде загрозена државата и кога ќе бидат надминати некои општи морални, човечки и правни принципи, нема пардон со никого, па кој сака нека биде. Дали бил претседател, премиер, архиепископ, министер, градоначалник, обичен граѓанин кој сака нека биде. Значи, има линија до каде што може да се оди, до каде што се толерира, натаму мислам дека државата не треба да има пардон, вели Јакимовски

Речиси две години по почетокот на кризата, Зоран Заев, конечно, ги отвори картите и јасно покажа која беше целта на „бомбите“. „Борбата против режимот“ се сведе на „борба за правата на Албанците“ и за бришење на Македонецот и на македонското. Кој е поривот на човекот што себеси се смета за „спасител кој бил црпнат од нива“, да влезе во една ваква опасна игра, која може да заврши со граѓанска војна?

ЈАКИМОВСКИ: Очигледно дека бомбите не дадоа резултат, не фатија „маја“ кај граѓанството. Изминатиот период се обиде со каква-таква економска програма да кажува небулози дека ќе враќал две третини, 15 отсто од ДДВ, ќе правел 500 евра просечна плата и што ли уште не. Јасно е дека граѓаните не „трзаат“ на неговите економски програми и последното за кое се фаќа како давеник за сламка, имајќи предвид дека има уште 17-18 дена до суровата вистина, се етничките прашања. И тоа ни повеќе ни помалку, туку сака да направи етнички дисбаланс во РМ, со што се обидува да загрозува една етничка заедница и, навистина, мислам дека вознемирувањето на најголемата етничка заедница во Македонија претставува сериозен проблем. Можете ли вие да замислите како ќе изгледа во источна Македонија, каде што во изборната единица 3 се намалува бројот на гласачите? Во таква тешка ситуација фали уште и двојазичност. Буквално ги дотепува. Јас одговорно тврдам дека тоа нема да им донесе бенефит ниту на Албанците ниту на Македонците, само ќе се зголемуваат етничките тензии и зијанот ќе биде огромен. Всушност, тоа е СДСМ. Тоа се неговите грешки.

Во изборна кампања е нормално политичките партии да дадат надеж за граѓаните, да дадат некоја визија. СДСМ, очигледно, им ја убива и надежта на граѓаните. Ги остава без надеж и практично за нив сѐ е црно, ништо не е добро во оваа држава и во таа безнадежност ја дотуркува и оваа нивна понуда за двојазичност на Македонија, односно за редефинирање на РМ, и тоа во моменти кога никој не го поставува тоа прашање. Ние сме речиси 15 години по завршување на Рамковниот договор, никој не го поставува тоа прашање, а сега го отвора лидерот на СДСМ.

Нели Ви е чудно што никој од гарантите на Охридскиот договор, оние кои 15 години нѐ убедуваа дека имаме успешен концепт на мултиетничко општество, не се јавија со осуда на радикалните ставови на Заев?

ЈАКИМОВСКИ: Интересно е тоа што со ништо не е повикан, а отвора прашања што речиси никој не ги поставува, ниту, пак, мислам дека во моментов има потреба во државата од редефинирање или проширување на рамковниот договор. Мислам дека во недостиг на политичка понуда, секој што не знае како да дејствува политички, секој што има оскуден речник во политичката битка, сите тие прибегнуваат кон национални прашања. Овој пат Заев одбрал не да има националистичка реторика, туку да отвора прашања на етничките заедници во Македонија. Со тие прашања најлесно можеш да влијаеше врз чувствата на граѓаните. Очигледно дека со тоа сака да влијае врз чувствата на Албанците.

stevco-jakimovski-int221-2

Освен коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која отворено се противи на ваквите ветувања на лидерот на опозицијата, не видовме дека останатите партии и коалиции од македонскиот блок јасно го кажале својот став по ова прашање. Молчат дури и партиските функционери во СДСМ. Сметате ли дека гласачите треба да го знаат ставот на сите учесници во изборите по ова прашање за да имаат подобра слика при одлучувањето за кого ќе гласаат на 11 декември?

ЈАКИМОВСКИ: Речиси сите гледаат тоа прашање помалку да се експлоатира за да не им поставуваат прашања од тој дел бидејќи нема да знаат како да се извлечат од таа ситуација. Јас не знам како другите партии реагираат на ова прашање, но ставовите на ГРОМ се кристално чисти.

Може ли народот да ги прифати двојазичноста и федерализацијата како нешто со кое може да се живее, слично како што ги прифативме промената на знамето, преговорите за името на државата, привремената референца, рамковниот договор, територијалната поделба… Можеме ли да си дозволиме како Македонци да ја преминеме црвената линија која нѐ води кон распад на државата?

ЈАКИМОВСКИ: Најголем проблем во РМ се економските проблеми. Очигледно дека опозицијата бега од тема економски проблеми, а и најголем дел од другите политички партии или не им се доволно познати или сметаат дека економските проблеми ќе се решаваат сами од себе и затоа прибегнуваат кон етнички прашања, немајќи сериозна понуда во делот на економијата. Најголемиот проблем за граѓаните на РМ се невработеноста, нискиот животен стандард, социјалнозагрозените семејства. Тоа се клучни прашања што ги тиштат сите граѓаните без оглед дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми… Ние како политички партии треба да им нудиме подобар живот, подобра иднина за нивните деца, а, напротив, да не додаваме масло на огнот, односно да ги зголемува етничките тензии во Македонија.

Заев го нарече Македонецот „грд човек“ кој бил „виновен за лошите односи со сите соседи“. Како се доведовме во ситуација да не постојат ниту морални граници ниту функционални закони и институции кои би требало да спречат вакво антидржавно однесување од кого било, особено од политичар што атакува на висока државна позиција?

ЈАКИМОВСКИ: Знаете како, прашањата на двојазичност, бинационална држава се прашања што ќе се дискутираат, ќе се дебатираат. Во крајна линија тој ги лаже албанските гласачи затоа што за таква работа е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, така што лесно дава ветувања, ама тие се тешкоостварливи. Значи, мора да има широк политички консензус за таква работа, а очигледно тој за таа работа нема да има широк политички консензус, што значи дека тоа се обични флоскули, памфлети и ветувања. Но, тоа се прашања, да речеме, кои се отвораат, кои се дискутираат, има полемики итн. Да кажеш „твојот народ има грдо лице“, да кажеш дека „не може за сѐ другите да ни се криви, вината е кај нас“, да кажеш дека „голем проблем на Балканот е твојот народ“, мислам дека нема поголемо предавство, односно велепредавство за еден човек. Вакво нешто немаат кажано ни најтешките националисти од соседните земји. Тоа се многу тешки зборови упатени на штета на сопствениот народ. Да бидам искрен, јас не знам и зошто водиме политичка кампања, зошто правиме митинзи, зошто правиме трошоци. По мене, изборите завршија во Берн. Зоран Заев се откажа од Македонците, се откажа од Македонија, кажува опасни тези што не ги кажал никој досега, направи голема штета, и на државата, и на македонскиот народ, и на сите граѓани на Република Македонија. Мислам дека дури не треба ни толку енергија, само треба да се дозволи Зоран Заев повеќе да си ги објаснува своите ставови, во секое дообјаснување тој само се, како да кажам, дозакопува и чудно е како тоа го трпи Социјалдемократскиот сојуз. Некогаш таа партија беше државотворна партија. Глигоров велеше Македонија ни е сѐ што имаме. Очигледно за овој човек Македонија не е сѐ што имаме и мислам дека сериозно треба да се преиспита. Тие некогаш ми велеа, ме озборуваа мене дека јас сум бил предавникот, сега јавно ги прашувам повторно кој е сега предавникот, дали јас Стевче Јакимоски или нивниот претседател Зоран Заев е предавникот? Не само на партиските интереси, туку и на националните интереси.

stevco-jakimovski-int221-4

Што ќе преземете вие како партија и како дел од владејачката коалиција (ако победите на изборите) за еден ден Заев навистина да одговара за велепредавството за кое го обвинивте?

ЈАКИМОВСКИ: На пример, Војислав Шешељ е ексцентричен политичар, меѓутоа тој многу често зборува со аргументи и неговите зборови имаат некоја тежина иако се ексцентрични. На Зоран Заев зборовите немаат таква тежина иако се обидува, во дадени моменти станува ексцентричен не затоа што сака или има доволно ум во главата за да биде ексцентричен, туку затоа што едноставно некои работи така лесно му излегуваат и ги пушта во етерот. Мислам дека не е толку вреден за да се занимаваме со него по изборите. Со неговата судбина треба да се оди во две насоки. Едната е онаа моралната и етичката во која граѓаните на 11 декември треба да му кажат што мислат за него и за неговата партија, треба да си одлучи како ќе се справува со него, а втората е оној правниот дел кој си има направено работи што се спротивни на законските прописи, тоа е аферата „Пуч“ и тоа е аферата „Поткуп“, и мислам дека тука правосудните органи треба да си ја завршат својата работа.

Го повикавте Заев да го објави разговорот што го водел со Вас на 16 февруари 2013 година, веднаш по Вашата кандидатура за градоначалник на Карпош. Не добивте одговор. Рековте дека од тој разговор членовите на СДСМ ќе видат за каков лидер станува збор. Можете ли сега да откриете што точно Ви кажа Заев во тој разговор?

ЈАКИМОВСКИ: Во оваа пригода можам да кажам само дека беше воодушевен од мојата постапка, дека се гордее со мене што сум негов партиски колега, се гордее на мојата храброст и дека не може да го разбере тоа лудило што постои во Социјалдемократскиот сојуз и нивните одлуки. Сега парафразирам, други детали нема да откријам, тоа е јасно. Инаку, мора да знае Социјалдемократскиот сојуз дека јас до 18:45 часот на 16 февруари 2013 година бев максимално лојален и Зоран Заев и Зоран Дамјановски веќе имаа подготвено алтернативни градоначалници, кандидати и алтернативни листи кои требаше да излезат на изборите зад кои, наводно, тајно или полутајно ќе застанат членовите на Социјалдемократскиот сојуз. Таков однос кај мене немаше тогаш кога одлучив да одам и одлучив да излезам да се кандидирам без претходно да ѝ работам зад грб на сопствената партија, тие ѝ работеа зад грб на сопствената партија и сите тие се согласуваа со мојот потег, но, очигледно, храброста што ја имав јас, тие ја немаат. Јас морам да кажам дека јас никогаш не сум бил дел од проблемите, јас не сум ги создавал проблемите, туку, напротив, сум бил дел од решенијата. И во 2013 година јас бев дел од решенијата, а тоа значи да се излезе на избори и кога Заев тогаш немаше таква храброст каква што имав јас се чудам како има храброст денес да го прави ова што го прави со странските служби, со „чадорот“, со објавувањето на прислушуваните материјали, со тезите за сопствениот народ, со давање за право на сите што не се сложуваат со Македонците, а не се сложуваат по најбитните прашања. Со едните сме во конфликт затоа што не ни го признаваат идентитетот, другите не ни го признаваат јазикот, третите не ни ја признаваат црквата. Јас не можам да разберам како тоа другите биле криви, а ние сме биле во право. За да бидат другите во право, како ќе направиме, ќе кажеме не, црквата не е македонска православна црква, туку ќе бидеме под јурисдикција на српските владики, Вранишковски ќе биде македонски владика? Ќе кажеме дека јазикот не е македонски, туку е некој друг или, пак, ќе кажеме дека не сме Македонци, односно ќе ни кажат тие како е вистинското име на нас Македонците за да, нели, бидат комшиите во право, односно да бидеме ние во криво, ако бидеме еве барем да ги задоволиме потребите на комшиите. Обврската на првиот ешалон на политичари е да внимаваат што зборуваат особено кога во етерот зборуваат работи што се однесуваат и имаат влијание врз соседните земји. Јас сум длабоко убеден дека Зоран Заев подготвува терен за после изборите, се обидува да им се додвори на комшиските влади имајќи предвид дека по тешкиот пораз што ќе го доживее на 11 декември, му следува судски процес, претпоставувам дека сака да ја добие нивната благонаклоност и евентуално можен притисок за тоа каква ќе биде разрешницата со неговите судски процеси овде во Македонија.

На претседателот на општинската организација на ГРОМ во Струмица му беше запален автомобилот. СДСМ ве обвини дека сами сте го направиле тоа за да привлечете внимание. По логиката на Заев, вие сами си палите автомобили и сами си праќате закани, од ВМРО-ДПМНЕ сами се прислушуваат и сами организираат терористички напади… Сите вие заедно лажете дека Заев ја продавал државата за да купи власт. Сметате ли дека по падот на „чадорот“ е исплатлива тактиката на глумење општо лудило?

ЈАКИМОВСКИ: Знаете што, јас, сепак, ќе речам дека можам да му честитам на Груевски за трпеливоста. Можеби и јас да сум на негово место ќе бидам толку трпелив, но, да бидам искрен, јас не би бил олку трпелив колку што е Груевски и не би му дозволил олку да се поигрува со волјата на граѓаните, со судбината на државата, да го урива кредибилитетот на институциите во оваа држава, да биде актер во пробивање на безбедносните служби и уривање на кредибилитетот на безбедносните служби на РМ, како и заканите што ги има упатувано кон премиерот и кон останатите функционери. Мислам дека премногу го толериравме и требаше да се дејствува посоодветно на состојбата, односно на ситуацијата. Далеку од тоа дека треба да се дејствува онака како што дејствува Таип Ердоган, но во секој случај треба да се покаже дека сме држава и дека секогаш кога ќе биде загрозена државата и кога ќе бидат надминати некои општи морални, човечки и правни принципи, нема пардон со никого, па кој сака нека биде. Дали бил претседател, премиер, архиепископ, министер, градоначалник, обичен граѓанин, кој сака нека биде. Значи, има линија до каде што може да се оди, до каде што се толерира, натаму мислам дека државата не треба да има пардон. И јас само можам да ги повикам правосудните институции на оваа држава. Мислам дека треба да се апстрахираат од политичките процеси во РМ и треба да си го читаат Кривичниот законик на РМ и да дејствуваат без притоа да потпаѓаат под влијание на амбасадори и на притисоци или на кого било. Секој што го прекршил законот треба да сноси санкции.

Го спомнавте нашиот претседател на општинската организација во Струмица. Прво, политичка култура е секакво насилство, особено спрема политички противник, шеф на политичка партија на разгранок во твојот град каде што си градоначалник, политичка култура е да го осудиш настанот и да бараш солидаритет, да се казнат. Јас во најмала рака што би направил, би му се јавил на претседателот на другата политичка партија да му се извинам. Ако што било смета дека ќе биде потребно, да користи моја услуга како претседател на партија и градоначалник, стојам на располагање, во исто време ќе бидам среќен да се најдат сторителите на таков грозоморен чин. Од Социјалдемократскиот сојуз таква работа не видовме. Прво, се работи за политичка некултура. Второ, со тоа што викаат дека Сашо Милковски сам земал да си го пали возилото во 2 часот наутро кога човекот спиел за да предизвика внимание, кажува дека тие кријат некого од своите редови. Трета работа, на овој млад човек постојано му се закануваат на социјалните мрежи , директно на него по неговата лична безбедност, преку праќање пораки, преку негови пријатели, дека крв ќе падне, дека ќе биде убиен. Нормално, момчето не се плаши, меѓутоа сега е одговорноста на она министерче од Куманово, а поминаа 17 дена од тогаш. Замислете тие сѐ уште не можат да утврдат кој се обиде да го запали возилото на претседателот на општинската организација на ГРОМ и со тоа да предизвика општа опасност. Ако се запалело возилото, ако случајно чуварот од околната зграда која се градела, не излезел во случајна обиколка и да види, па земал лопата и со песок да гасне. Што би се случило ако тоа возило експлодирало? Би се направило уште поголема штета, можеби и жртви. И видете, 17 дена поминаа, ние уште немаме резултат од началникот на полицијата поставен од СДСМ, од министерчето за внатрешни работи и само уште повеќе си ја демонстрираа нивната неспособност. Замислете оние од Диво Насеље да се случеа во време на СДСМ, веројатно уште ќе беа таму. Само со ова тие докажуваат колку се неспособни да ги водат институциите на системот и дека практично ја бараат власта и го користат Министерството за внатрешни работи да кријат евентуално нивни злоупотреби, да ги користат во функција на изборите, колку-толку кадровски капацитети што ги имаат да ги користат во функција на нивната изборна кампања, а впрочем тоа се виде и со аферата што се обидоа да му ја направат на заменик-министерот Диме Спасов.

stevco-jakimovski-int221-3

Како го коментирате обидот на СЈО да ја сврти приказната за „Пуч“ во корист на Заев и на Верушевски, односно жртвите да станат виновници, а виновниците – жртви?

ЈАКИМОВСКИ: СЈО нонстоп се обидува да отвора афери. Јас еве јавно ги повикувам, нека отворат и нека затворат една афера. Значи, нека ја затворат со завршена постапка, со пресуда, дали ќе биде таа ослободителна или осудителна, дури не е битно, ама нека заврши една постапка. Очигледно дека се дел од кампањата. СЈО има поддршка од меѓународната зедница, поддршка од граѓанството, поддршка од четирите лидери на најголемите партии. Ја нема поддршката само од Граѓанската опција за Македонија. Ние никогаш не сме го поддржале СЈО. Зошто? Затоа што знаевме дека џабе ќе потрошиме пари. Затоа што ќе биде се тресеше гората, се роди глувче. Затоа што нема да се најде ништо спектакуларно, само непотребно граѓанството ќе има очекувања кои, очигледно, нема да завршат онака како што некој посакува, и затоа што се направи огромна штета на угледот на обвинителството и на судството на РМ, и затоа што од капацитетот на Катица Јанева, од сателит да гледаш, јасно е дека таа е кадар на Социјалдемократскиот сојуз. И тоа се испостави, жената си платила многу убаво за реевидентирање на нејзиното членство во Социјалдемократскиот сојуз. Бидејќи сум бил член таму, не знам дека таква институција постои, реевидентирање на членството. И сум длабоко убеден дека ни случајно не ѝ паднало на памет на Катица Јанева да плаќа пари кога ѝ кажал дека ќе биде специјална обвинителка, веројатно тоа од големите умови од СДСМ за да може како кадар на СДСМ да помине на седница на претседателство ѝ рекле на жената да уплати 450 денари. Замислете да ви кажам јас дека ГРОМ ќе ве предложи за специјален обвинител, дали ќе ви текне прво да речете: „Чекај да си платам членарина во ГРОМ“. На никого таква работа нема да му текне. И по потезите што ги влечеше, и по небулозите што ги правеше, и по неспособноста што ја демонстрираше, и по срамот што го донесе на обвинителството и на фелата, јасно беше дека таа е кадар на СДСМ.

Неколку пати видовме дека подземјето е тесноповрзано со параполициските структури на СДСМ, а имавме и предупредувања од директорот на БЈБ, Митко Чавков, дека се очекува нивно повторно користење за незаконски активности. Очекувате ли инциденти до изборите и на денот на изборите кои би можеле да го нарушат кредибилитетот на процесот?

ЈАКИМОВСКИ: Насилството на изборите е измислица и патент на СДСМ. Да не се лажеме, досега најчисти, најфер и демократски гласања имало во 1992 година. Беа организирани од Петар Гошев: Народот излезе, си гласаше така како што мислеше. Да се вратиме назад. 1994 година ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Петар Гошев го откажаа вториот круг на избори затоа што беа испокрадени во првиот круг. За каков Избирачки список се работеше тогаш, знаат ли граѓаните на РМ дека оние што ги немаше на список ги допишуваа со пенкало. И потоа кога ги броеја гласовите, допишаните со пенкало не ги пресметуваа за да може Глигоров да помине во партијата, и така Глигоров стана претседател. Далеку од тоа дека Глигоров немаше да го победи Љубиша Георгиевски. Да бидам искрен, беше многу посигурен и поавторитативен кандидат. Глигоров ќе победеше и без тие заврзлами, само немаше тоа да биде во првиот круг. Меѓутоа, тие направија фалсификат. Има историја, може да се отворат документи. Во Карпош во 1996 година Сашо Кузмановски ги загуби изборите и ноќта двајца членови на СДСМ влегоа во гласачкиот материјал и направија фалсификат со војничките гласови. Така Кузмановски победи со 74 гласа. Се сеќавате на „Хард рок“, јас во 1996 и во 1998 година сум бил нивни политички противник, прво како кандидат за градоначалник и после како кандидат за пратеник во изборната единица во Карпош, и знам какви битки водевме против Есад Рахиќ и неговата структура, односно неговите рекетари. Знае граѓанството што сѐ се случуваше на изборите, и 1998 година, и 1996, и 1994 година. И тие се обидуваат повторно да ги реафирмираат тие структури. Длабоко сум убеден дека не се доволно кадарни и немаат доволно сила и капацитет, дека си играат со оган, владејачката партија во тој дел, ако дојде до таква работа, е многу посилна и е многу поподготвена, и мислам дека само ќе го извлечат подебелиот крај, а ќе направат штета на државата. Интерес на секој граѓанин на РМ, интерес на сите нам што сме актери во политиката е Македонија да има достоинствени, мирни и кредибилни избори онака како што одговара на цивилизиран народ во 21 век. Ќе биде страшно ако во 2016 година имаме полоши избори од 2002 година кога Љубчо Ѓорѓиевски ја предаде власта или од 1998 година кога Бранко Црвенковски ја предаде власта на ВМРО-ДПМНЕ. Сметам дека таква екскурзија никој не смее да си прави, а, од друга страна, одговорноста на СДСМ е многу поголема во овој дел затоа што сега министерот за внатрешни работи е нивни и ако сакаат да покажат дека се неспособни, тогаш треба да дозволат вакви работи да се случуваат на изборите.

Како искусен политичар, можете ли да дадете проценка колку време по изборите ќе биде потребно за да се нормализираат состојбите во државата?

ЈАКИМОВСКИ: Моето мислење е дека СДСМ ќе се обиде меѓупартискиот конфликт да го пренесе на етничко поле и да имаме етнички тензии и етничка криза за повторно да го предизвика меѓународниот фактор да дојде, да биде присутен во Македонија да го присилува водечкото мнозинство на отстапки, што е опасна работа. Сметам дека овие притисоци и оваа политичка криза ќе траат некаде до јуни со завршувањето на локалните избори, со тоа што СДСМ ќе ги загуби и парламентарните и локалните избори, и дефинитивно ќе стане јасно како ден и ќе биде депласирано понатаму каква било политичка криза. Моето мислење е дека сето тоа ќе трае до 15 јуни.

 

Разговараше: Нeнад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Стевчо Јакимовски е објавено во 221. број на неделникот Република, 25.11.2016) – Република online

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin