Прес-конференција: ГРОМ повикува на одбрана на институциите
Континуираниот напад врз институциите на системот, кој се почесто се случува во последниот период, беше повод претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, денеска да одржи прес конференција во партиското седиште.
– Се почесто сме соочени со непринципиелни напади врз институциите. Нападите се политички мотивирани врз зависност од тоа дали и одговара на една политичка гарнитура или не, така одат и атаците према истите. Видовме дека високи партиски функционери изјавуваат дека не ги признаваат судовите, не го признаваат обвинителството и одат дотаму што не покажуваат почитување ниту за највисоките судски инстанци, вклучувајќи го Врховниот и Уставниот суд, потенцираше првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
Понатаму, Јакимовски истакна дека институциите не смеат да работат под притисок, особено не под политички, и дека секој мора да сноси одговорност за својата работа.
– ГРОМ сака да покаже дека огромен број од граѓанството во Република Македонија си ја сака државата, ги почитува институциите зошто тие се наши, и се создадени да им служат ним. Ако нема институции, нема ни држава, категоричен беше претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.
На прес конференцијата се обрати и претседателот на Градската организација на ГРОМ Александар Трајановски и ги повика граѓаните на мирен собир, утре ( 15.03.2016) со почеток од 18:00 часот пред платото кај Агенцијата за електронски комуникации и Обвинителството, за да ја дадат својата поддршка на македонските институции.
– Нема посрамен чин од нападот на суверенитетот на една држава, особено ако доаѓа однатре. Постојаниот атак и дискредитација на државните институции претставува сериозен преседан во едно општество. Некој сериозно се обидува државата да ја донесе во тотален хаос и анархија. Непочитувањето на државните институции е непочитување на државата, децидно истакна Трајановски.
Одговарајќи на новинарски прашања дали повод за утрешниот мирен собир инициран од ГРОМ, е протестот закажан пред Уставниот суд во истото време, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски нагласи дека ГРОМ како демократска партија го подржува секој мирен собир и протест, и токму од тие причини ние како партија ги повикуваме граѓаните на мирен собир за изразување поддршка на институциите, а на прашањето дали поседува документ за тврдењето дека лидерот на опозицијата Зоран Заев му барал мито, Јакимовски прецизно посочи кон институциите на системот, кои се надлежни во овој случај, да го повикаат на соработка, и нагласи дека индикативно е тоа што и лидерот на опозицијата Заев, и портпаролот на СДСМ Петре Шилегов не излегуваат со демант од нивна страна, по однос на изнесувањето на овие податоци во јавноста.