Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Обраќање на Стевчо Јакимовски, претседател на Граѓанската опција за Македонија ГРОМ

stevce_jakimovski-mitingОбраќање на Стевчо Јакимовски, претседател на Граѓанската опција за Македонија ГРОМ и Градоначалник на Општина Карпош на народниот собир на 18.05.2015 во Скопје:

Дали се сеќавате што одговорив пред речиси 10-тина дена кога ме прашаа: што ќе се случи по 17 мај?

Ќе дојде 18 мај. И се случи!

Дали бев во право?

Еве го 18 мај и еве како изгледа!

Тука се околу 100.000 граѓани на Македонија. Луѓе кои ја сакаат и почитуваат својата земја! Луѓе од сите вери и националности: Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби и од сите други националности кои живеат во една заедничка  држава.

Луѓе кои имаат една мисла и една желба: да живеат во една стабилна, рамноправна и економски просперитетна држава. Луѓе кои не  сакаат немири, кои не сакаат говор на омраза, насилство и закани.

Дали е тоа наше легитимно и демократско право? Дали е наше право да имаме легитимно избрана власт  која ќе дејствува преку институциите на државата, и тоа право сесрдно да го браниме. Тоа вечерва сакаме да го покажеме!

Дали е тоа грев? Не, не е!

Тоа е доблест и државничко чувство и свест на секој граѓанин на Република Македонија.

Зошто сме вечерва тука покрај граѓаните, невладините организации, здруженија и ние политичките партии?

1.За нас приватноста на граѓаните е светиња по која што Зоран Заев и СДСМ со месеци  бескрупулозно чепка. Затоа што тој ја нурушува нашата приватност, интима и слобода и е влезен насекаде: на работните места, меѓу колегите,  во нашите домови, меѓу фамилиите, во спалните соби, во автомобилите, па дури и во тоалетите.

Тој ја поседува интимата на 26. 000 граѓани со една единствена цел: крајно да ја искомпромитира владата на Република Македонија, нејзините институции и сé  што досега е постигнато за овие 25 години.

Да ги урне столбовите на државата, да создаде хаос кој што тој со неговите слаби плеќи,мисли дека  лесно ќе го контролира, а ние, кои малку подолго од него се бавиме со политика, знаеме дека еден хаос носи нов хаос, уште поголем и пострашен.

Притоа, најмногу ќе страдаат граѓаните и ќе се уништат институциите кои толку тешко и макотрпно ги градиме.

  1. Ние ниту сакаме ниту имаме намера, ниту ни паѓа на крај памет да соработуваме со странски разузнавачки служби кои на Заев му доставуваат материјали од лукративни побуди, во нивна полза, а на наша штета.
  2. Не сакаме да бидеме ничија маша во насилно уривање на власта. Не сакаме да одработуваме странски агенди преку апокалиптични сценарија, затоа што сме длабоко убедени дека никој не и посакува повеќе добро на Македонија отколку самите нејзини граѓани и од нив, нивните легитимно избрани власт.
  3. Во Уставот е точно дефинирано како се доаѓа на власт: на легитимно организирани демократски избори, и според демократските принципи, оној што го има мнозинството, тој управува со државата.
  4. Ние сме вечерва тука затоа што знаеме дека демократијата не дозволуваат малцинството да врши насилие над мнозинството.
  5. Затоа што во наводната „Вистина за Македонија“ има најмалку вистина, а најмногу сеир, патетика, малограѓанштина и пуста желба да се дојде на власт.
  6. Ние, граѓаните на Македонија сме сведоци, по којзнае кој пат, во изминативе девет –десет години, како опозицијата прави невидени промашувања, погрешни процени, а тоа е резултат на фактот што ги потценуваат сопствените граѓани и нивната моќ да проценат што е добро, а што зло,

што се вистински постигнувања, што е реален живот, а што лажни ветувања.

Граѓаните имаат право да ја критикуваат својата власт, да бидат незадоволни од неа, имаат право да го изразуваат јавно своето несогласување, но, според светските демократски вредности, единствено место и начин за корегирање на владините политики е во Парламентот, а не зад „слушалките и лаптопите“ на добро платените шпиуни и прислушкувачи.

Ние сме вечерва овде, зашто сме свесни дека државата се гради со многу труд, енергија и посветеност.

Зашто економските тешкотии, невработеноста, сиромаштијата, се подобруваат со вистински економски и социјални политики и треба време секој граѓанин да ги почувствува овие резултати.

Македонија чекори по стапките на економски раст. Оваа година очекува раст на бдп од 4,1 %; раст на индустриското производство 18%; зголемување на извозот, намалување на увозот и позитивни показатели кај сите економски параметри. Но овие тешки моменти ќе го намалет растот за 0,7%, околу 10.000 нови работни места ќе бидат изгубени.

Тоа, очигледно некому не му одговара, па не може јасно да ги погледне работите. Неможе да ги види инфрастуктурните проекти, отворањето на нови фабрики, на нови работни места, не може да ја види поддршката на земјоделците, на пензионерите, на социјално загрозените, на лицата со посебни потреби, изнемоштените и многу други категории на граѓани.

Ние не го оспоруваме правото на опозицијата да мисли поинаку, да биде коректив на власта, впрочем од неа тоа се бара, но го оспоруваме крајно деструктивниот, нелегитимен и лицемерен начин со помош на оние од надвор, кои не и мислат добро на Македонија, да се добере до власта.

Од СДСМ не можеме да видиме издржана политичка, економска и социјална програма.

Впрочем СДСМ никогаш и немал економска програма, и затоа секогаш се потпирал на политиките на ММФ и Светска банка.

И кога еден убав сончев ден би дошле на власт, повторно ќе биде истата приказна: нема пари, мора да се крати, нема вработувања – има отпуштања, секоја година по 4%,се сеќавате нели?

Нема капитални инвестиции…

Толку знаат – толку умеат!

Купи ден- продај и повторно ќе бидат истите приказни за наводните европски дострели, а за тешкиот живот на граѓаните никогаш и немале чувство.

И затоа, почитувани граѓани, да се знае „Вистината за Македонија“ очигледно не е доволно да се има само „големо уво“, туку и ширум отворени очи, големо срце и уште поголема душа, здрав разум и многу, многу работа.

Почитувани, денес слушнавме од лидерот на опозицијата дека нуди тој да си замине но и да замине премиерот. Само во шахот е можно да се замени дама за пион. Во стварноста пионите остануваат пиони.

Се надевам дека по сето ова Македонија ќе остане посилна.

Да сте живи и здрави и за подобро утре на сите граѓани на Македонија!!!

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin