Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ – ЛУЃЕТО ЈА НОСАТ НАДЕЖТА ЗА МАКЕДОНИЈА

Кликни за фотогалерија25.04.2014 година

„Со отворени очи и со јасна мисла, в недела, храбро да го заокружиме бројот 8 и да го дадеме гласот за Граѓанската опција за Македонија“, повика лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, на вечерашниот завршен митинг на коалицијата во „Александар палас“, додека повеќе од две илјади симпатизери и членови громогласно скандираа „ГРОМ, ГРОМ“.

На последниот голем митинг на коалицијата, уште еднаш беа претставени носителите на листите за кандидати за пратеници од ГРОМ во шесте изборни единици.

Носителот на листата за изборната единица 6, Горан Анчески, пред присутните членови и симпатизери, посочи дека концептот на мултиетничка и мултикултурна Македонија за кој се залага ГРОМ е единствениот концепт што може да обезбеди стабилна држава, во политичка, етничка и економска смисла, но им упати и порака на лидерите на големите партии.

– И најцврстата градба може да се распадне ако малиот бран постојано удира во неа – истакна Анчески, повикувајќи ги граѓаните в недела да заокружат осумка за просперитетна, европски ориентирана Македонија.

Љупчо Настоски од изборната единица 5, пак, повикувајќи се на носечкото мото на коалицијата ГРОМ, ги повика граѓаните да бидат храбри и со тоа да ја охрабрат Граѓанската опција за Македонија да ги реализира своите визии за подобра иднина на сите во оваа земја.

На присутните им се обрати и носителот на листата во изборната единица 3, Штерјо Николов, кој потсетувајќи се на тукушто завршената кампања, подвлече дека се сретнал со многу луѓе „желни за победа, желни за подобра утрешнина“.

Генералниот секретар на партијата, Виктор Цветковски, кој е и носител на листата во изборната единица 2, најпрвин им заблагодари на граѓаните за досегашната поддршка.

– Верувам дека ГРОМ ќе направи разлика на македонското политичко небо. Доста ни се сиромашни, сакаме богати граѓани, доста ни е разединување, сакаме обединетост – истакна Цветковски, алудирајќи на тенденцијата на Граѓанската опција на Македонија да се надминат етничките и религиските стереотипи што со години му тежат на општеството во земјава.

Организацискиот секретар на Граѓанска опција за Македонија, Чедомир Саздовски, носител на листата на кандидати за пратеници во изборната единица 1, од говорницата им упати порака на членовите и симпатизерите на ГРОМ да не подлегнуваат на притисоците, а на конкурентските партии, пак, да не говорат за раскол во ГРОМ, туку расколот да го побараат во своите редови.

Френетичен поздрав го дочека на говорницата и кандидатот за претседател на Граѓанска опција за Македонија, проф. д-р Зоран Поповски, кој најпрвин ги потсети присутните на една своја колумна со која направи компарација меѓу Македонија каква што е и Македонија каква што може да биде.

– Во оваа кампања сретнав многу луѓе кои со своите животни приказни и секојдневни проблеми ми ја потврдија сликата што ја имам за нашата земја. Но, во исто време, сретнав и многу луѓе со визија, стотици, илјадници громовници кои станаа дел од нашето семејство и кои заедно, на 27 април, ќе тргнат кон остварувањето на целта на ГРОМ. А нашата цел е Македонија да ја обоиме во живописните бои на соживотот, просперитетот и на демократијата – рече Поповски.

Громогласно скандирање на името на лидерот на ГРОМ ја тресеше големата сала во хотелот „Александар палас“ пред почетокот на обраќањето на Стевчо Јакимовски, претседателот на Граѓанска опција за Македонија, но и во текот на целиот негов особено инспиративен говор.

– По четириесетина дена кампања, очекував овде да видам изморени лица. Но, овде гледам храбри, решителни, насмеани лица, гледам ГРОМ-луѓе – со очигледна гордост истакна лидерот на ГРОМ. Тој им се заблагодари на сите членови и симпатизери на партијата што помогнале во тоа за Граѓанска опција за Македонија да се чуе во секое катче на земјата и да се прошират визиите на ГРОМ.

– Што не сторија да нè спречат на патот кон успехот. Нè оцрнуваа пред граѓаните, се потсмеваа по партиските портали, посегнаа по камења, спрејови, ни кршеа штабови. Ние не плачевме, си одевме по нашиот пат и опстоивме на нашето. Не водевме црна кампања зашто не сакаме да личиме на нив. Се формиравме да бидеме различни и да нè препознаваат по добро, а не по лошо – потсети на кампањските активности на големите партии, лидерот на ГРОМ. Тој, исто така, порача и дека Граѓанската опција за Македонија мандатот го бара од граѓаните на Република Македонија, кои го имаат последниот збор да кажат дали ГРОМ ќе биде власт или не.

– Ние не сакаме власт за да владееме и за да заплашуваме некого, ние сакаме да им помогнеме на сите доколку е тоа можно: на Македонци, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи или која и да е друга етничка заедница.

Сите ние, граѓаните на Македонија, сакаме едно исто: да живееме во благосостојба, а не во сиромаштија. Сиромаштијата и невработеноста се тие што се заеднички непријатели за секој од нас – истакна Јакимовски. Тој порача дека иако

Македонија е мала земја, доволно е голема за сите да живеат во разбирање, а не во омраза.

– Оние што бараат 62 и 25 пратеника, обраќајќи се со националистичка реторика, ги бараат гласовите за да имаат двотретинско мнозинство во Собранието, за да менуваат Устав, име, знаме. Затоа им требаат толку пратеници, а омразата ќе остане меѓу луѓето, меѓу граѓаните – упати критика Јакимовски до двете владејачки партии.

Во финалето на својата свечена реч, претседателот на коалицијата ГРОМ, уште еднаш истакна дека надежта на македонското општество е токму во третата опција, онаа што ја претставува и ја нуди ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin