
Претседателскиот кандидат на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ, проф. д-р Зоран Поповски, попладнево, пред големиот митинг во спортскиот центар „Форца“, ги посети скопските села Грчец и Крушопек.
На средбите со граѓаните од овие села Поповски зборуваше за предноста на Македонија како мултиетничка држава. – Доста е од декларативни заложби за соживот. Вистинскиот соживот, според мене, подразбира да научиме едни од други, да се запознаеме со нашите обичаи и навики. Да живееме заедно низ споделување на нашите култури, уметност, музика, спорт… – порача Поповски. Претседателскиот кандидат на ГРОМ, покрај тоа, уште еднаш ги повика граѓаните в недела, на 13 април, да го заокружат бројот 4 и да му ја дадат довербата за да ги реализира визиите на Граѓанска опција за Македонија што ги носи функцијата „татко на нацијата“.