ПРЕТСЕДАТЕЛСКИОТ КАНДИДАТ НА ГРОМ НА СРЕДБИ СО ЗАНАЕТЧИИ И СО ЗЕМЈОДЕЛЦИ
Кандидатот за претседател на Граѓанска опција за Македонија, проф. д-р Зоран Поповски, придружуван од претседателот на Градската организација на ГРОМ – Скопје, Алкесандар Трајковски, попладнево беше на прошетка во Старата скопска чаршија. Поповски разговараше со локалните дуќанџии, кои му предочија, меѓу другото, дека занаетите што се негуваат во чаршијата се добар извор на приход, но дека меѓу младите не постои или има многу малку интерес за продолжување на семејните традиции.
Кандидатот за претседател од ГРОМ беше и во населбата Топаана, во посета на ромското население, кое се соочува со проблеми со канализацијата и невработеноста.
– Во Карпош, каде што градоначалник е лидерот на ГРОМ, Стевччо Јакимовски, нема ниту една населба што нема фекална канализација. Неприфатливо е да се вложуваат народни пари во непрофитни инвестиции, а од друга страна, на само еден километар од строгиот центар на градот една цела населба да нема решено основен проблем – рече Поповски.
Пред големиот митинг во Аеродром, претседателскиот кандидат се сретна и со граѓаните на Кадино, општина Илинден, со кои разговараше за визиите на ГРОМ во поглед на земјоделството, со оглед на тоа што локалното население во ова село од скопската периферија се пожали на неисплатливост на млекопроизводството.
На земјоделците не им се потребни само субвенции, особено не такви што завршуваат во џебовите на земјопоседниците кои ја изнајмуваат земјата. На земјоделците им требаат пониски даночни давачки за нафта и семенски материјали, ослободување од данокот на дејност, поевтини резервни делови и пласман на произведеното – рече Поповски.