Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ДА ЗАОКРУЖИМЕ 4 И 8 ЗА ДА ГИ ПОБЕДИМЕ СТРАВОТ И ЛАГИТЕ

Кликни за фотогалерија - Претставени кандидатите за пратеници од коалицијата ГРОМПретставени кандидатите за пратеници од коалицијата ГРОМ

Во извонредна и многу позитивна атмосфера, со громогласни аплаузи и скандирање на имињата, беа поздравени 120-те кандидати за пратеници на коалицијата ГРОМ, кои вечерва, 5 април 2014 година, во преполната сала на Домот на културата „Трајко Прокопиев“ во Куманово, на свечена конвенција им беа претставени на поширокото членство на партијата и на јавноста.

Чинот на обзнанувањето на кандидатските листи на ГРОМ, својата свеченост ја манифестираше низ говорите на лидерите на коалиционите партнери на Граѓанска опција на Македонија. Прв на членовите на ГРОМ им се обрати Кире Гештаковски, претседател на Сојузот на слободни демократи, кој посочи дека најголемиот патриот во Македонија е токму меѓу членството на ГРОМ. Алудирајќи на лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, Гештаковски истакна дека политиката на ГРОМ е против тоа за името на земјата да се одлучува на референдум.

– Оваа генерација политичари нема право во името на нашите предци и во името на  нашите поколенија да одлучува за името на земјата на референдум – порача Гештаковски.

Лидерот на Либерална партија, пак, Ивон Величковски, говореше за тоа што ги обединува коалициските партнери во ГРОМ.

– Нас нè спојуваат визијата и идејата дека ГРОМ не е трета опција, туку дека таа е вистинската опција . Нè спојува потребата на граѓаните за поинаков концепт, потребата за сплотување без оглед на националната и верската припадност и желбата да се обезбеди подобра иднина за сите – рече Величковски.

По него, претседателот на Сојузот на Титови леви сили, Слободан Угриновски, низ метафора порача дека „громот навестува дожд, а по дождот доаѓа сонце“, а лидерот на Српска напредна странка во Македонија, Драгиша Милетиќ, истакна дека во политичката опција ГРОМ граѓаните нема да го чујат зборот „напред“, туку „по нас“, со значење дека коалицијата не планира да се крие зад граѓаните, туку да се бори за нив и да ги води.

Со овации беа поздравени и носителите на кандидатските листи за пратеници од шесте изборни единици. Горан Анчески, носителот на листата во изборната единица 6 и потпретседател на партијата, истакна дека концептот на ГРОМ е да понуди нешто поинакво и ново, но дека на гласачите им останува самите да одлучат за кого ќе гласаат, иако тој знае дека изборот е токму ГРОМ. Носителот на листата во петтата изборна единица, Љупчо Настоски, пак, подвлече дека шансата за напредок на македонското општество е во сплотувањето околу граѓанската идеја. Панчо Минов, носител на листата во изборната единица 4 и организациски секретар на ГРОМ, пред присутните рече дека иако учествувал во многу изборни циклуси, овојпат чувството е „ГРОМ“ зашто предизвикот е да се реализира една голема идеја за афирмација на граѓанинот на Македонија. Од изборната единица 3, носителот на листата, Штерјо Николов, истакна дека иако е дебитант во политиката, сепак е храбар зашто храброста ја црпи од ГРОМ, партија во која препознал идеја што ги понесе сите граѓани на Македонија. Организацискиот секретар на ГРОМ, Чедомир Саздовски, кој е носител на листата во изборната единица 1, порача дека Граѓанска опција за Македонија ќе биде парламентарна партија зашто ќе ја негува поинаквоста која од самиот почеток им ја нуди на граѓаните за да го разбие црно-белиот поредок. Последен од носителите на листи за кандидати за пратеници се обрати Виктор Цветковски од изборната единица 2, генерален секретар на ГРОМ, кој навраќајќи се на минатогоишните локални избори, ги потсети членовите на партијата, но и јавноста, дека Граѓанска опција за Македонија е создадена од идејата да се победи во името на напредокот. Цветковски со пиетет го најави и претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, Зоран Поповски, споредувајќи го со олицетворение на храброста зашто прв го скрши мразот под бајракот на ГРОМ и со тоа им остави обврска на другите да покажат дека се водени единствено од интересот на граѓаните и на Македонија.

Кликни за фотогалерија - Претставени кандидатите за пратеници од коалицијата ГРОМ

Громко скандирање „Зоки, Зоки“ го дочека и кандидатот за претседател на ГРОМ, Зоран Поповски. Тој на присутните им порача дека  ова не се избори за претседател и за пратеници во Собранието, туку избори за Македонија, на кои „ќе трчаме заедно и ќе си подаваме рака едни на други, за заедно да дојдеме на толку посакуваната цел“.

Успех на претстојните парламентарни избори на сите кандидати за пратеници им посака лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој свечената конвенција ја исползува за детално да ја претстави изборната програма на коалицијата ГРОМ.  Јакимовски зборуваше за визиите на ГРОМ во поглед на економската политика, земјоделството, малото стопанство, целта на ГРОМ инвестициите да се насочат во инфраструктура и во проекти што ќе донесат прогрес на македонското општество во секој негов сегмент.

Знам дека за да ги реализираме овие наши цели, ќе се соочиме со многу тешкотии, како што во оваа кампања ќе се соочиме со тешкотии и со страв, но ајде да бидеме храбри и со високо крената глава, на 13 април да заокружиме 4 и на 27 април да заокружиме 4 и 8 и да се збогуваме со стравот, со лагите, со манипулациите – порача за крај лидерот на коалицијата ГРОМ и претседател на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin