Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ ГИ ОХРАБРИ КОЧАНЧАНИ

Кликни за фотогалерија - Митинг на ГРОМ во КочаниГраѓанската опција  ја запали искрата надеж која му беше потребна на секој чесен граѓанин, на вечерашниот митинг во центарот на Кочани кој го одржа коалицијата ГРОМ, по повод претстојните претседателски избори. Пред многубројните подржувачи на третата политичка опција, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, ги образложи основните темелни вредности за кои се залага неговата партија.

-И илјада милји започнуваат со првиот чекор. Токму тоа го сторивме. Го направивме првиот чекор и тргнавме да ги слушнеме шепотењата на народот, кој е исплашен да говори гласно за своите проблеми. Почувствувавме потреба да застанеме зад народот, да ги охрабриме и заедно со политички средства да ја вратиме демократијата, достоинството и надежта за подобар живот во Македонија – посочи Јакимовски.

Во своето обраќање, претседателот на ГРОМ укажа на редица општествени недостатоци, кои во нашата држава станаа секојдневие.

Кликни за фотогалерија - Митинг на ГРОМ во Кочани

-Македонија се топи како топка снег на жешкото сонце на неправдата. Се потрошија премногу народни пари за нестопански и непродуктивни инвестиции. Судството и медиумите се изложени на политички притисоци, а стопанството и економијата тонат во безизлез. На народот му е потребна долгорочна стратегија за излез од оваа летаргична ситуација, а не реклами за подобар живот. Дојде време да се тргне политичкото сивило над Македонија, а чесните и храбри луѓе препознаваат во ГРОМ, третата политичка сила која ќе донесе подобра иднина за нив – додаде Јакимовски.

Со стоечки овации, на говорницата беше дочекан претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, професорот Зоран Поповски, кој својата поента ја насочи кон македонската дипломатија.

– Неприфатливо е надворешната политика и дипломатските односи на државава да ги водат истрошени партиски кадри, или неискусни луѓе во политиката. Како што знаете, нашите евроатлански интеграции се основна стратешка цел која одамна ја одредивме. Во таа насока, доколку ми ја дадете вашата доверба, ќе се погрижам Македонија да ја претставуваат професионални дипломати, а не луѓе чиј основен критериум е партиската книшка – истакна Поповски.

Во своето обраќање тој потенцираше дека ќе се залага за драстично намалување на сегашните драконски казни, кои пред сé, треба да бидат од превентивен карактер.

-Мораме да го растеретиме стопанството од високите давачки и нелогично високите казни со кои се соочуваат стопанствениците. Државата треба да ги стимулира, а не да ги демотивира. Затоа граѓаните пристапуваат кон ГРОМ, бидејќи насетија дека граѓанската опција ќе ја сврти новата страница во политичката историја – додаде претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, Зоран Поповски.

Пред кочанчани се обратија и претседателот на ОО ГРОМ од Кочани, Бојко Илиев и претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, кои изразија заедничко задоволство за поддршката од граѓаните.

– ГРОМ е центарот околу кој орбитираат свесни политички партии. Затоа постои ова коалиција. Ние не бегаме од обврски и не се криеме од граѓаните, туку напротив, подготвени сме заедно, визијата за подобра Македонија да ја претвориме во стварност – додаде Величковски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin