
„Лесно е да глумиш боксер пред огледало, ајде да ве видам да се соочите со народот, со граѓаните! Ајде соочете се на еден дуел па да види народот кој какви кандидати за претседател им нуди и кој е кој.“ Со овие зборови лидерот на Граѓанската опција на Македонија-ГРОМ Стевчо Јакимовски вечерва на големиот митинг во Велес, пред повеќе од 1.500 граѓани на градот на Рацин, ги повика кандидатите за највисоката функција во државата-претседател на Република Македонија, да се претстават пред граѓаните на Република Македонија наместо да се кријат зад смислените кампањи.
„Еден се фали дека се сретнал со 450 државници, а другиот бил советник на двајца претседатели. Епа првиот нека го гласаат за претседател тие со кои се сретнал, а не да бара поддршка од граѓаните на Македонија зад кои никогаш не застанал со ниеден потег. А другиот кој бил советник нека каже кога некој советник одговарал ако давал погрешни совети? Ние не бираме претседател ниту за Баросо, ниту за Вашингтон и за Брисел, туку за нас“, рече претседателот Јакимовски, кој истакна дека ГРОМ го предлага најквалитетниот претседател кој го поддржуваат граѓаните на Македонија без оглед на етничка или верска припадност.
Говорејќи за новата политичка понуда која ја нуди ГРОМ на претстојните претседателски и парламентарни избори, Јакимовски рече дека само ГРОМ во моментот има храбрости и сила да го одвои доброто од злото, лагата од вистината, честа од криминалот.
„Ова стана држава на уплашен народ, народ кој шепоти и офка, а само таквиот народ ја говори вистината. Тој народ или се плаши да не ја изгуби работата, или ако е навработен дека никогаш нема да се вработи,а социјалните случаи дека ќе ја изгубат социјалната помош. Зар за ваква држава се боревме во 1992 година“, праша првиот човек на Граѓанската опција за Македонија. Држава во која граѓаните ќе се плашат од сопствената власт? Точно е дека сме во криза, ама ајде да ја споделиме кризата, а не целата да паѓа на грбот на граѓаните. Нека ја почувствува малку и владата, а не, а снема пари, земи кредитче. Во оваа држава добро живеат само банкарите и лихварите, бидејќи граѓаните живеат и работат само да плаќаат долгови, а извршителите стана најголеми богаташи.

-Изразувајќи го своето задоволство што цело едно попладне минал со обичните граѓани во Велес, кандидатот за претседател на ГРОМ Зоран Поповски, рече дека сака да го види овој прекрасен град како европски град, град на една просперитетна Македонија. Сепак тој со жалење констатираше дека Велес од индустриски се претворил во град на стечајци и дека видел многу луѓе со тага во очите кои дури со страв се ракуваат со него, било да се од власта или од опозицијата.Ракувањето е рече Поповски, понуда за соработка, а не притисок врз граѓаните. Тие кај себе го имаат „златниот клуч во раката-пенкалото“ и тие и само тие ќе одлучат на 13 април кому ќе му го дадат својот глас, повикувајќи тоа да биде за бројот 4.
Поповски се осврна и на проблемите на младите кои ја напуштаат земјата или работа во неа кај странски газди за енормно ниски плати.
-Ние како ГРОМ се залагаме да нема плата под 15-16.000 и младите да почнат да доаѓаат во земјата наместо да заминуваат.Македонија мора да стане земја која ќе ги стави на страна интересите на политичките партии и која во центарот ќе го стави граѓанинот. Поповски вети дека кога ќе биде претседател на Република Македонија ќе се заложи да се смалат сите драконски казни кои ги уништија бизнисите, посебно малите, како таксистите и дуќанџиите. Тој вети дека максимално ќе ги искористи сите уставни ингеренции и повеќе од тоа, за да биде мегафон на народот.
Кога решивме ние како Либерална партија да се приклучиме кон коалицијата ГРОМ рече нејзиниот претседател Ивон Величковски, немаше никаков друг интерес освен оној еднаш засекогаш да се прекине со делбите, да се прекине со кавгите и лошите мисли. Јас не сум тука да направам нешто за себе, рече Величковски, туку да сторам нешто за вас, а најдоброто што можам да го направам е да застанам зад човек каков што е проф.д-р Зоран Поповски. Човек почитуван во фелата, кој и во сред планини може да преживее сам, без страв. Човек кој ненаметливо се искачи на политичката сцена, кој стана матрица како треба да се размислува. Храбар човек,горда држава, го заврши своето обраќање пред велешани лидерот на ЛП.
Обраќање пред своите сограѓани имаше и Штерио Николов, претседател на Општинската организација на ГРОМ од Велес,кој рече дека над 1.000 членови на ГРОМ од Велес се нафатиле за сериозна задача: Да ја пренесат мисијата и визијата на ГРОМ на што поголем број роднини и пријатели, на сите граѓани на Република Македонија.Ние таа мисија ја спознавме, рече Николов, но сега таа вистина треба да дојде до што повеќе граѓани во државата затоа што таа е единствената вистинска политичка опција која им ја нуди својата куќичка како покрив и заштита на сите без оглед на вера, нација или друга припадност, рече Николов.