ГРОМ НЕДОСТИГАШЕ НА МАКЕДОНСКАТА ПОЛИТИЧКА СЦЕНА
Френетични аплаузи и громогласни скандирања на имињата на претседателскиот кандидат и на лидерот на ГРОМ го обележаа промотивниот митинг на проф. д-р Зоран Поповски вечерва, 25 март 2014 година, во Гостивар.
Со особено воодушевување, покрај обраќањето на претседателот на Општинската организација на ГРОМ од Гостивар, Влатко Костов, присутните го проследија говорот на потпретседателката на партијата, Мавие Мехмети, која на гостиварци, и на албански и на македонски, им упати една порака: да го поддржат кандидатот на ГРОМ зашто на Македонија ѝ се доволни разединувања по етничка, религиска и по партиска основа.
– Дојде денот да ги измериме силите со големите, кои две децении владеат со нашата земја, а ние ниту живееме подобро, ниту забележуваме напредок. Нешто тука очигледно недостигало, а тоа, според мене, е ГРОМ – рече Мехмети.
Проф. д-р Зоран Поповски им се обрати на граѓаните на Гостивар со ветување дека ќе биде претседател на сите граѓани на земјата и дека ќе се залага за тоа граѓанинот да биде вратен во фокусот на вниманието на политиката.

– Ние од ГРОМ ги предвидуваме нештата, а не чекаме да се случат. Затоа испративме барање до НАТО за брз прием врз основа на апликацијата од 2008 година, а со оглед на случувањата во Украина. Само два дена подоцна, пристигна и информацијата дека алијансата повторно најавува проширување – ги коментираше Поповски актуелностите на меѓународната политичка сцена кои ја инволвираат и Македонија.
Членството и симпатизерите на Граѓанска опција за Македонија со силен аплауз го поздравија и својот лидер, Стевчо Јакимовски, кој почетокот на политичката кампања на големите партии го оквалификува како масло што ќе го разгори меѓуетничкиот оган.
– Каква е таа реторика што дополнително ги подгрева проблемите што одамна тлеат во македонското општество? Големите политички партии треба да се свесни дека токму нивната реторика ќе предизвика конфликти, пресметки што тие нема да ги водат, туку ќе ги водат граѓаните на Македонија – рече Јакимовски.
Претседателот на партијата во финалето на митингот ги повика гостиварци на 13 април да учествуваат во победничката атмосфера на ГРОМ така што ќе го дадат својот глас за претседателскиот кандидат Зоран Поповски и ќе се заложат за подобра иднина на сите граѓани на Македонија.