Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Миле Спасовски, прв претседател на ОО на ГРОМ – Радовиш

Миле Спасовски, прв претседател на ОО на ГРОМ – РадовишЗАЕДНО ДА ИМ СЕ РАДУВАМЕ НА ПОБЕДИТЕ НА ГРОМ

„Датумот 23 март 2014 година ќе биде запаметен како ден кога група храбри луѓе од Радовиш се осмелија да го напуштат црно-белиот свет“, истакна претседателот на Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ од Радовиш, Миле Спасовски. Тој вчеравечер беше избран за прв претседател на ОО на ГРОМ во овој град, на Основачкото собрание на кое, исто така, беа именувани и првите луѓе на Форумот на млади на ГРОМ, Спасе Лукаровски, и на Форумот на жени на ГРОМ, Билјана Ристова.

– Мартин Лутер Кинг велеше „I have a dream“. Да, и јас имам сон, а тоа е заедно да ги засведочиме и да им се радуваме на победите на ГРОМ – рече претседателот Спасовски, најавувајќи им го на радовишани лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски.

Тој, откако на раководството на 49. општинска организација му честита за изборот, пред радовишките членови и симпатизери на Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ зборуваше за идеите и визиите што ГРОМ ја прават поинаква партија од сè што е досега понудено на македонската политичка сцена.

– На овие избори, поддршка ќе си обезбедиме со упорна работа, но и со квалитетна понуда на кадри. Уште отсега велам, јас нема да бидам носител на ниту една од листите на ГРОМ. Јас останувам градоначалник на скопски Карпош зашто не ја создававме партијата за јас да дојдам на власт. Јас веќе имам власт. Но, ГРОМ има квалитетен кадар и има што да понуди. Таква добра понуда за македонското граѓанство направивме кога за кандидат за претседател го избравме проф. д-р Зоран Поповски, а моја задача на овие избори ќе биде својот максимум да го дадам за севкупниот успех на ГРОМ – рече Јакимовски.

Претседателот на партијата пред членството и симпатизерите на Граѓанска опција за Македонија од Радовиш ја коментираше и актуелната состојба на македонската политичка сцена.

– ВМРО-ДПМНЕ не ги испорача своите ветувања, особено оние што на граѓаните требаше да им донесат повисок стандард. СДСМ, пак, никако не успева да се наметне како опција што би можела да ја замени актуелната власт. Но, сега тука е ГРОМ!… На овие избори и едните и другите ќе се обидат да ги натераат граѓаните да гласаат против некого, а не за некого. Според ним добро познатиот метод,  секојдневно плукајќи по противниците, ќе се обидат на веќе познат начин да ги убедат граѓаните да им ја дадат власта. За разлика од нив, ГРОМ ќе понуди конкретни проекти! Нашата партија ќе ја сподели својата јасна визија, за да им кажеме на граѓаните во која насока мислиме да ја водиме нашата земја доколку станеме дел од власта – истакна лидерот на ГРОМ, Јакимовски.

Во финалето на својот свечен говор, тој го повика членството да се заложи за што подобар резултат на овие избори.

– Како што вели нашиот кандидат за претседател, проф. д-р Зоран Поповски, бидејќи на 17 февруари го положивме колоквиумот, ајде на 13 април да го положиме испитот, а на 27 април да си ја земеме дипломата за влез во Собранието и во Владата – рече Јакимовски.

Кликни за фотогалерија

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin