Коалицијата ГРОМ стартуваше во претседателската трка
НА МАКЕДОНИЈА И Е ПОТРЕБЕН ХРАБАР ЧОВЕК
Визијата, да се направи Македонија подобро место за живеење, ја наговести коалицијата предводена од Граѓанската опција за Македонија, Српската напредна странка, Партијата на слободни демократи и Титовите леви сили, на централниот митинг кој денеска се одржа на платото во ТЦ ,,Лептокарија’’, во населбата Карпош 3.

Пред неколку илјадните подржувачи, ГРОМ со своите политички партнери понудија нови решенија, ширум отворајќи ги вратите за свежи идеи, со кои ќе започне нов процес на градење вистинска перспектива за нашата земја. Имено, потребите на граѓаните и нивните интереси да бидат во прв план и во функција на напредокот на Република Македонија.
На денешниот собир говореше претседателскиот кандидат на коалицијата ГРОМ, Зоран Поповски, кој им се заблагодари на своите сограѓани за нивната несебична поддршка.
-Од победнички Карпош, храбро тргнуваме во победничка Македонија. Повторно, ова е местото од кое почнуваат суштински промени во политичкиот живот на нашата држава. Иницијатива која беше управувана и водена од самите граѓани на Република Македонија. Денес, продолжуваме по истиот пат. По огромната поддршка од нашите сограѓани, се роди оваа идеја која во својата суштина значи фокус кон граѓаните, наспроти политичките партии – посочи Поповски.
Според него, постојат два основни приоритети кои треба да бидат огледало на секоја демократска средина. Тоа се ефикасните институции во нашето општество и поставување на граѓанинот во центарот на вниманието, со моќ за учество во креирањето на политиката. Кандидатот за претседател на Македонија вети дека ќе го заштити името и идентитетот на нашата држава, но притоа не нарушувајќи ги односите со нашите соседи. Воедно, Поповски напомена дека од особено значење за функцијата претседател на Републиката е тој да биде фактор на помирување меѓу политичките партии и враќање на дебатата во Собранието.
На денешниот митинг, со кој официјално стартуваше политичката кампања за избор на претседател на Македонија, свое обраќање имаше и лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода тој истакна дека граѓанскиот концепт е клучот кој и е потребен на Македонија, доколку сака да ги отвори вратите на европското семејство. -Да го поддржиме новиот процес во Република Македонија. Да создадеме услови за развој на младите луѓе. Оваа партија е направена пред сé за нив. Секој огин започнува од една искра. Тој огин започна да тлее уште во мај, минатата година. Токму затоа се собравме оваа вечер, да го разгориме огнот кој треба да ги стопли сите домови, сите срца во Република Македонија – низ метафора додаде првиот човек на ГРОМ.
Предочувајќи ја визија на Граѓанската опција, Јакимовски понуди сосема нови алтернативи за излез од политичкиот биполарен курс по кој се движи Македонија.
-ГРОМ сонува и ќе направи од Македонија, држава во која сите граѓани ќе бидат среќни и ќе ја почувствуваат стабилноста и ефикасноста на институциите. Нашите сожители заслужуваат власт која ќе ја почитуваат а не од која ќе се плашат. Спроведувањето на суштински реформи и подобрувањето на животниот стандард, се вистинските вредности кои ги нуди нашата коалиција – поентираше Јакимовски.
Во таа насока говореа, претседателот на Општинската организација на ГРОМ – Карпош, магистер Оливер Станоевски, претседателот на Титовите леви сили, Слободан Угриновски, претседателот на Партијата на слободни демократи Кире Гештаковски и претседателот на Српската напредна странка во Македонија Драгиша Милетиќ. Преку своите излагања, тие се обединија околу целите и програмата кои ги нуди третата политичка сила од центарот, Граѓанската опција за Македонија.