Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ им подава рака на граѓаните

Кликни за фотогалерија - Формирана ОО на ГРОМ – ДолнениФормирана 46. општинска организација на ГРОМ

„На претстојните избори, да го потиснеме стравот за да му отстапиме простор на разумот. Ако сите собереме храброст, сигурен сум дека ќе успееме за сите да обезбедиме подобра иднина“, порача лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, од Основачкото собрание на Општинската организација на ГРОМ од Долнени.

На свечениот чин по повод основањето на 46. општинска организација на партијата, што вечерва, 18 март 2014 година, се одржа во долненското село Пешталево, за прв претседател на ОО на ГРОМ – Долнени беше избран Велјанчо Радески, а со целосна поддршка на присутните членови-делегати беа изгласани и составите на Општинскиот и на Надзорниот одбор.

– Очекувам ваша целосна поддршка и во понатамошната работа, особено во пресрет на претстојните претседателски и парламентарни избори, за заедно да се осигураме дека ГРОМ ќе го добие заслуженото место во политичкиот живот на нашата општина – им рече Радески на своите сопартијци, заблагодарувајќи им се за укажаната чест и за довербата.

Долненци со громогласен петминутен аплауз го поздравија свеченото обраќање на претседателот на Граѓанска опција за Македонија, кој на самиот почеток изрази задоволство од тоа што поголем дел од долненските членови на ГРОМ, како и тукушто избраниот претседател на општинската организација, се млади луѓе.

– За вас, за вашата перспектива ја направивме оваа партија. Вие го имате најголемото богатство, младоста, и сè што треба да направите понатаму е да бидете храбри – апелира лидерот на ГРОМ.

Јакимовски пред членството и симпатизерите речиси половина час детално ја образложуваше партиската платформа, односно заложбите на ГРОМ во поглед на бизнис-сферата, енергетиката, инфраструктурата, здравството, спортот и културата, образованието, но особено се задржа на земјоделството, како стопанска гранка од која најголемиот број долненци ја обезбедуваат својата егзистенција.

– Бадијала субвенциите и стимулациите ако не сме вложиле ниту денар во инфраструктура, ако 80 проценти од посевите ни зависат од Господ зашто не сме изградиле ни еден мелиоративен систем. Каде се тие субвенции, тие големи пари за стимулации? Одат за консултантски услуги, за вакви и онакви обуки? Земјоделецот нема ќар од тоа – истакна Јакимовски и додаде дека во земјоделската политика вистинска мерка би било да се зборува за намалување на даночните стапки за пестициди и вештачки ѓубрива, за „зелена нафта“, за намалување на данокот на доход…

Лидерот на ГРОМ, со особено внимание, на членовите на партијата од Долнени им го претстави и претседателскиот кандидат, Зоран Поповски, особено истакнувајќи дека Граѓанската опција за Македонија во својот кандидат за претседател има олицетворение на високи морални вредности.

– Поповски својата кариера ја градел потпирајќи се единствено на својот труд и на своите способности. Не еднаш му било понудено да остане и да работи на некој од универзитетите низ светот каде што бил предавач. Имал многу шанси засекогаш да замине одовде и, можеби, да напредува уште повеќе и да постигне уште поголеми успеси. Но, тој секогаш повторно ѝ давал шанса на Македонија – потцрта Јакимовски.

Привршувајќи го своето обраќање кон сопартијците од Долнени, лидерот на ГРОМ се наврати и најактуелната тема деновиве, почетокот на предизборната кампања за претстојните претседателски и парламентарни избори.

– ГРОМ на овие избори е подадена рака кон граѓаните. Ние овојпат нудиме нова, трета опција, нудиме избор и излез од црно-белата реалност што со години наназад ги притиска граѓаните и која успеа да всади страв во душите на земјоделецот, административецот, претприемачот, дури и невработениот. ГРОМ нуди визии, перспективи, проекти и идеи, а не 365 дена плукање по политичките конкуренти – рече Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin