ГРОМ ја менува политичката сцена во Mакедонија
Основачко собрание на ОО на ГРОМ – Дебарца
На основањето на 43. општинска организација на Граѓанска опција за Македонија, со едногласна поддршка на присутните, вчеравечер, 16 март 2014 година, Боро Блажески беше избран за претседател на ОО на ГРОМ од Дебарца. На ист начин, беа изгласани и составите на Општинскиот и Надзорниот одбор на оваа општинска организација.
– Трудољубивоста, заедничката работа и беспоштедноста ќе ни создадат подобра иднина. Работејќи за ГРОМ, ширејќи ги нејзините идеи, ние работиме за нас, за нашите идни поколенија – рече Блажески, заблагодарувајќи се за изборот и поддршката од своите сограѓани.
Неговите сопартијци со задоволство го проследија и обраќањето на првиот човек на партијата, Стевчо Јакимовски, кој покрај тоа што детално ја образложи платформата на Граѓанска опција за Македонија и нејзините заложби, ја коментираше и состојбата на политичката сцена во земјава.
– Многупати сум кажал дека идејата е посилна од сè, а сега вам ќе ви кажам и дека нашата идеја е да се спротиставиме на двата политички блока кои како со нож го поделија македонското граѓанство, за со нивните секојдневни конфронтации да го одвлечат вниманието од тоа дека нашата земја постојано назадува, на секое поле – рече Јакимовски пред членството на ГРОМ од Дебарца.
Тој, исто така, ја искористи можноста и на свеченоста по повод формирањето на Општинската организација во оваа општина зборуваше за претседателскиот кандидат што на овие избори ГРОМ им го нуди на граѓаните. Тоа, како што нагласи лидерот на ГРОМ е и реализација на ветувањето на партискиот врв дека ќе обезбеди проширување на изборната понуда за македонското граѓанство, овој пат за највисоката државничка функција.
– Граѓанска опција за Македонија има извонреден кандидат за претседател на државата. Проф. д-р Зоран Поповски е сестрана личност, со професионална биографија на која многумина можат да ѝ позавидат, со богато политичко искуство во рамките на домашната и меѓународната политика. Најважно од сè, според мене, е што се работи за човек што секогаш е во дослух со граѓаните, со своите студенти, секогаш расположен да ги слушне нивните проблеми, идеи, визии, секогаш подготвен да помогне – истакна Јакимовски.
За крај, лидерот на ГРОМ на своите сопартијци од Дебарца им порача да се охрабрат и подготвени да ги дочекаат претстојните претседателски и парламентарни избори.
– За малку повеќе од половина година успеавме да собереме повеќе од 22.000 членови, за нешто помалку од еден ден, пак, собравме 10.600 потписи за кандидатурата на Зоран Поповски за претседател на Македонија. Тоа, но и други факти, зборуваат за нашата добра организираност и структуираност и порачуваат дека ГРОМ на овие избори ќе излезе подготвена да ја промени сликата на политичката сцена во Македонија – заврши Јакимовски.