Жените од ГРОМ-Влае на чајче-муабет со Баба Рада
Форумот на жени на ГРОМ – Влае, вечерва, 15 февруари 2014 година, за своите членки и за гостите од другите месни одбори при Општинската организација на ГРОМ – Карпош, приреди пријатна средба со Рада Бошковска, позната како Баба Рада. Во пријатна атмосфера, со топло чајче и домашни колачи, претставничките на понежниот пол се дружеа со специјалната гостинка, инаку нивна сограѓанка, и разговараа на тема што го допира сечие секојдневие – здравјето.
Баба Рада, со сета своја непосредност, повеќе од два часа одговараше на прашањата на своите сограѓанки, обидувајќи се на сите да им помогне со соодветен совет.
На вечерната дружба присутен беше и лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој изрази задоволство од можноста овој разговор со членките на ГРОМ некому да биде од корист.
– Никогаш не е доцна да се збогатат знаењата, особено кога тоа се однесува на здравјето. Покрај хигиената, чистите улици и соодветните услови за живот, на граѓаните им е потребно и здравје за да бидат целосно среќни и да ги уживаат благодатите на животот. Токму затоа, неопходно е да се направи сè што е во наша моќ за да им се излезе во пресрет на граѓаните, а некогаш тоа значи да се даде или да се обезбеди добар совет – рече Јакимовски.
Двоиполчасовната дружба со Баба Рада членките на ГРОМ ја искористија да ги збогатат своите знаења за моќта на медот, циметот, рузмаринот, семките од тиква и од сончоглед, да прашаат како се подготвува еликсир за подобрување на виталноста и уште многу други нешта.