Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Во Илинден формирана јубилејната 40-та ОО на ГРОМ

Основачко собрание на ОО-ГРОМ во ИлинденГРОМ ЌЕ БИДЕ ПАРЛАМЕНТАРНА ПАРТИЈА 

„За само четири месеци, од 28 септември досега, ни пристапија повеќе од 20.000 членови, од кои повеќе од 5.000 се млади луѓе. Со десетината општински организации што ќе ги оформивме деновиве, ќе бидеме целосно структуирани и подготвени за претстојните претседателски и сè поизвесните предвремени парламентарни избори“. Ваква порака упати вчеравечер, 2 февруари 2014 година, Стевчо Јакимовски, лидерот на Граѓанска опција за Македонија, од Илинден, каде што се одржа 40-тото, јубилејно Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМ.

Во присуство на 50 делегати-основачи, на собранието едногласно беа избрани Општинскиот и Надзорниот одбор, а за претседателската функција на оваа Општинска организација на ГРОМ поддршката ја доби Горан Гојчевски.

Тој им се заблагодари на своите сопартијци за дадената доверба и им порача дека сесрдно ќе се залага, заедно со сите нив, од ОО на ГРОМ – Илинден да направи водечка политичка опција за граѓаните на оваа општина.

Со многу аплауз и овации членовите на ГРОМ од Илинден го дочекаа обраќањето на партискиот лидер, Стевчо Јакимовски, кој на почетокот од својот говор направи краток осврт на актуелната политичка слика во земјава.

– Зошто ГРОМ, ќе прашате? Очигледно е дека владејачката гарнитура потфрли и не го испорача тоа што им го вети на граѓаните. За осум години, Македонија не е ниту еден сантиметар поблиску до евроатлантска интеграција, стандардот на граѓаните вртоглаво паѓа, политичкиот дијалог во земјава се сведува на нула. Од друга страна, СДСМ очигледно ѝ е недораснат противник на ВМРО-ДПМНЕ. Пред извесно време почнаа со некакви бледи предлози за враќање на средната класа, за враќање на данокот на додадена вредност, ама кога видоа дека нивните таканаречени идеи немаат поддршка кај граѓаните, пак си се вратија на старата тактика, па продолжија да плукаат по властодршците. Ете затоа ГРОМ! Со ГРОМ сакаме на нашите граѓани да им понудиме нешто ново, нешто поинакво од сè што досега е понудено, но пред сè, сакаме да понудиме избор и баланс на политичката сцена во Македонија – рече Јакимовски.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија говореше и за целите што, според ГРОМ, доколку се реализираат, ќе го подобрат животот и стандардот на граѓаните во многу сегменти од општественото битисување. Со силен аплауз беше поздравена тезата дека стопанството и граѓаните треба да имаат на располагање повеќе ликвидни средства од владата, а граѓаните од Илинден изразија одобрување и за поинаквите концепти и пристапи на Граѓанска опција за Македонија за развојот на енергетскиот сектор, земјоделството, образованието, здравството, спортот…

Во финалето на својата пригодна реч, Јакимовски се задржа на партиските планови за претстојните избори и порача дека иако Изборниот закон се скрои според желбите и потребите на СДСМ, што за ГРОМ, меѓу другото, значи неправична медиумска застапеност, сепак на овие избори Граѓанската опција за Македонија ќе го верифицира своето присуство на политичката сцена.

– Нè имало или нè немало во медиумите, ГРОМ ќе биде парламентарна партија – порача за крај Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin