Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

КРЕАТИВНОСТА НАСПРОТИ ОМРАЗАТА

Гоце Дуковски – 

член на Извршниот одбор на ГРОМ-Ѓорче Петров

Изминативе денови сите сме преокупирани преку малите екрани и дневните весници со тоа кој од двата спротиставени табори доделил повеќе тендери на свои блиски, кој поседува и продава парцели по багателни цени, кој има повеќе непријавени станови, кои за волја на вистината, по својата квадратура наликуваат на индивидуални куќи итн.

Не можам, а да не се изначудам до каде стигна оваа држава!? Па зарем овие луѓе немаат ни трошка срам, ни елементарна домашна култура, па го потценуваат овој народ и безочно, преку своите прес конференции, бараат да го зголемат бројот на своите подржувачи и гласачи?! Чиниш дека овие се воспитувани по некои други норми и се она што не учеле нас постарите тие го разбрале обратно.

Какво безобразие е ова? Да не нудиш никаков концепт туку само навреди и омаловажувања. И што можеме да очекуваме по ова? Како на ова да реагираат младите луѓе? Тие добиваат впечаток дека со такво однесување се доаѓа до работно место и подобар социјален статус во општеството. Па ни се случува девијантно однесување на младите, секојдневно насилство, непочитување и сл. За оваа состојба вината е во двете партии кои себе се доживуваат како државотворни, а всушност одвнатре ја подјадуваат оваа држава и овој народ. За народот им е гајле како за ланскиот снег, и во него гледаат само бројка која би им овозможила и натаму да бидат убаво сместени во нивните фотељи.

Борбата во плуканици и оцрнувањето на политичкиот конкурент никако да заврши. Таман кога ќе помислам дека е готово, се јавуваат оние чудни ликови кои ги водат нивните прес конференции од кои зрачи ароганција и желба да се подели народот по сите основи. Се прашувам самиот себеси, каде го учеа овој поглед, оваа дикција, оваа омраза.

Но, агонијата не застанува тука, туку се најавуваат уште нови пресови на кои ќе се презентирале дополнителни докази за сторен криминал. Криминал ваму, криминал таму, човек да помисли дека сме на средина од некоја мафијашка пресметка  во која треба да очекуваме жртви и од двете страни.

А ние што мислиме поинаку од нив? Ние ќе бидеме колатерална штета со истенчени нерви и желба да не ги видиме следниот ден.

Се споменуваат цифри во евра со многу нули, чиниш сме во држава во која се заработува многу лесно и парите те чекаат на секој агол, само , вината е во тебе што не си ги земал досега. Мене ме чуди и тоа што никој не реагира на овие нивни меѓусебни обвинувања. Тука, пред се, мислам на институциите кои треба да разоткриваат и санкционираат евентуално сторен криминал. Наместо тоа, тотален молк од сите страни во очекување дека ќе паднат на кондиција и ова конечно ќе заврши.

Затоа да се мобилизираме сите и да ги казниме на избори за ваквото нивно неодговорно однесување и да им дадеме шанса на луѓе кои не носат ,, опашки” зад себе за сторен криминал и незаконско богатење. Да го  испратиме во историја ваквото недолично однесување, црна пропаганда која систематски не  загадува две децении.

Еднаш засекогаш во оваа држава мора да се расчисти со неетичноста на луѓето кои понесени од желбата за власт, во буквална смисла на зборот го малтретираат и трујат обичниот човек и го доведуваат до една летаргичност и очај. Мора сите заедно да се избориме нашето општество да ги задржи традиционалните морални вредности кои секој нормален човек треба да ги практикува и пренесува на своите поколенија како влог во иднината. Само конкретните идеи и нивната применливост во пракса треба да бидат единица мерка за тоа на кого ќе му ја дадеме довербата да ја води и претставува нашата држава. Позитивниот пристап кон нештата не е слабост во однос на другите, туку е супериорност и треба да е главен аргумент во политичката борба.

Да се натпреваруваме меѓусебе преку идеи кои ќе го подобрат животот на сите граѓани, ќе го подобрат стандардот и ќе креираат нови работни места, а со тоа ќе ги задржат луѓето да останат тука.

Нека исчезнат и се помалку  да се употребуваат оние стари народни поговорки во кои се зборува за зависта, омразата, алчноста.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin