Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Младите на ГРОМ зачекорија во иднината

Младите на ГРОМ - „Марш на храброста“ 26.01.2014 година
Младите на ГРОМ – „Марш на храброста“ 26.01.2014 година

Со енергија на ГРОМ, ентузијазам и визија, околу 2.000 младинци на најмладата политичка партија на македонското политичко небо, вечерва ја исполни скопска „Универзална сала“. Таа беше претесна  да ја собере двеилјадната младината на Граѓанска опција за Македонија од 36 општини, која таму го одржа Основачкото собрание на Форумот на млади, ФОМ – ГРОМ. Тие едногласно и громогласно го избраа својот прв претседател, актерот Бојан Велевски.

– Се собравме вечерва под слоганот „Љубов + единство = иднина„. Љубов, затоа што ГРОМ е едно големо семејство. Семејство во кое треба да се почитуваме, поддржуваме, да си помагаме едни со други. Семејство во кое треба да се здружуваме за да му помогнеме на оној на кој најмногу му треба подадена рака. Единство, затоа што мора да бидеме сплотени, да работиме заедно за доброто на сите. Единство кое раѓа меѓусебна почит со која ќе докажеме дека во оваа партија, во ова семејство, сите сме заедно, без разлика на националната, верската или која било друга припадност. Единство кое треба да нè држи заедно и за големите прашања, како што се името, уставот, националниот идентитет. Само ако успееме да ги соединиме љубовта и единството, оваа младина ќе може успешно да ја гради својата иднина – им порача Велевски на своите млади сопартијци, дополнувајќи дека повозрасните имале на располагање цели 23 години да ја изнесат оваа држава на прав пат, а, наместо тоа, ги изнесоа младите од Македонија.

Првиот претседател на Форумот на млади на ГРОМ од говорницата порача и дека еланот на младината на партијата треба да се искористи за да се изгради држава во која власта ќе биде почитувана, бизнисмените, студентите, особено новинарите и уметниците ќе бидат слободни, стопанството, а не администрацијата ќе биде извор на вработувања…

– Драга генерацијо! Ние од Граѓанската опција за Македонија градиме една поинаква младина. Младина по европски терк. Со свој оригинален начин на работа и поставеност. Прво: ова ќе биде единствена младина во историјата на оваа држава што ќе има своја сопствена програма која ќе се занимава исклучиво со нашите проблеми. Со  проблемите во образованието и образовниот систем, невработеноста на младите, студентите, средношколците, студентските домови… Од вас бараме активно да се вклучите во креирањето на оваа програма со ваши конкретни идеи, проекти и визии. Програма, која ќе биде од младите за младите. Исто така, од нас се бара и активно да учествуваме во креирањето на изборната програма на ГРОМ! Најдобрите проекти ќе бидат и лично претставени пред медиумите од претседателот Јакимовски, а свој простор во медиумите ќе добие и младиот човек кој е носител на проектот! Второ: оваа младина ќе го урне најголемиот стереотип во партиското работење во историјата на Македонија. Оваа младина нема да лепи плакати! Не ве повикавме во ГРОМ за да лепите плакати, туку да го искористиме вашиот креативен и интелектуален потенцијал! Пренесете им го ова и на вашите пријатели и другари и од другите партии – порача Велевски.

Громогласни овации и френетичен аплауз го поздравија и лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Во своето свечено обраќање до членовите на ФОМ – ГРОМ, тој истакна дека е особено горд, но и возбуден зашто ја гледа иднината на Граѓанската опција за Македонија.

– Денеска, некому шега, некому вистина, се прикажува низ цела држава: каде одат најчесто младите од Македонија? Некој во Америка, некој во Австралија, Канада, Германија, ама најмногу одат во ГРОМ. Каде се случило да отидат над 5.000 луѓе за четири месеци на едно место? Се разбира, само во ГРОМ. Тоа се гледа и вечерва. Колку нè има тука? Две илјади? Малку е! Во цела Македонија над 5.000 млади веќе се членови на ГРОМ. Со цело срце и душа. Исто како што досега ГРОМ прими над 20.000 членови од сите краишта на Македонија – рече Јакимовски, додавајќи дека тоа се должи на фактот што во ГРОМ во преден план се токму младите.

Претседателот на Граѓанска опција за Македонија изрази задоволство и од тоа што, како што рече, „оџакот на ГРОМ веќе чади во 36 општини во земјава“, благодарение на здружените идеи, труд, елан, слободно време и средства.

– Резултатот веќе се гледа. Тој е пред нас – тука. Сосема е оправдано тие што се вложија себеси во ова партија да очекуваат подобри услови за живеење, вработување, перспектива, подобар стандард, подобри услови за живот и во најдалечното катче во Македонија. Раководството на ГРОМ тоа го сфати од самиот почеток. Тогаш решивме нашата успешна приказна, по теркот на Карпош, да ја пренесеме низ цела Македонија. Да им покажеме на оние сомничавите, па и на разочараните, дека може поинаку и поубаво. Дека убавото што вирее во Карпош може да вирее секаде: од Дојран до Ќафасан, од Меџитлија до Јажинце, од Деве Баир до Љубаништа – порача Јакимовски.

Тој истакна и дека  за ГРОМ не е доволно младите да се збутаат како во кафез, само во една Агенција за млади и спорт или на нив партиите да се сетат еднаш во четири години, кога некој треба да лепи плакати.

– Овие млади одлучија да се вклучат и во реалниот политички живот на Македонија. Тие се креатори на иднината, тие сакаат да го осмислат својот живот. ГРОМ тоа им го нуди. ГРОМ еден ден ќе биде расадник на млади кадри кои на своите крила ќе го донесат не само успехот на најнадежната партија во државата, туку и успехот на Македонија.  Младите сакаат активно да се вклучат: да дискутираат и одлучуваат за помал буџет, за повеќе пари кај граѓаните, за еднакви можности за живот на сите граѓани, за поубави патишта, модерно здравство, европско образование, сакаат да зборуваат за претприемништво, а не за „гола политика“, сакаат да живеат од својот труд, а не да бидат издржувани. Младите на ГРОМ одлучија да ја земат судбината во свои раце. Факт е дека неоправдано долго младите се држат настрана од „големата политика“ – истакна Јакимовски и порача дека партијата што за кратко време се етаблира во маркантен фактор на македонската политичка сцена, ќе доживува и подеми и падови, и победи и порази, но дека љубовта и лојалноста кон неа треба да остане нешто трајно.

– Секој од нас треба да го даде максимумот, за своето семејство, за партијата, за Македонија. Така треба да биде и на овие претседателски и, се надевам, предвремени парламентарни избори кои веројатно ќе се случат на 13 април. Да ги засукаме ракавите, да влеземе во секој дом, да се доближиме до граѓаните и да ја добиеме нивната доверба. Зашто повеќе од очигледно е дека граѓаните не го добија она што го очекуваа од ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, СДСМ знае да им понуди решение. Тие се занимаваат со вечните дворски игри и со внатрешните пресметки. Сега е нашата шанса! Зашто нудиме нешто ново, нешто свежо, нешто различно и реално – приврши Јакимовски, посакувајќи им на младите добредојдовте во семејството на ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin