Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Драган Ковачовски, претседател на ОО на ГРОМ – Берово ГРОМ Е РЕАЛНОСТ

OO BerovoСо едногласна поддршка од 135 присутни делегати, вечерва, 25 јануари, во Берово беше конституирана Општинската организација на Граѓанска опција за Македонија во овој град и беа избрани Општинскиот и Надзорниот одбор. Исто толку гласови, на машинскиот инженер Драган Ковачовски му ја обезбедија претседателската функција на беровската општинска организација.

– Чест и задоволство ми е што вечерва сум овде, во улогата што ми ја доверивте, зашто овој чин, ова Основачко собрание на Општинската организација ГРОМ- Берово, е манифестација на завршетокот на борбата за напуштање на црно-белиот маѓепсан круг. Овде и сега докажуваме дека е можно да се избере и нешто друго, поинакво, нешто што досега не било понудено, но кое сега е реалност – рече во своето пригодно обраќање Ковачовски и додаде дека за членовите на ГРОМ – Берово, кои раскрстиле со сивилото, почнува нова битка со цел да се обои Берово во боите на животот.

Новоизбраниот претседател на ОО на ГРОМ – Берово истакна и дека недозволиво е Берово да стане град на духови и младината и понатаму својата перспектива да ја бара во Скопје, па дури и во странство.

– Токму затоа се создаде ГРОМ. Граѓанската опција за Македонија има цел регионалниот развој да биде еднаков во сите делови на нашата земја, за и во градовите како нашиот, граѓаните да можат да си обезбедат пристоен живот. Последниве години, во Берово малку живна туризмот. Сосем малку, но дава надеж. Ама, можно ли е да се развива туризам, па и која и да е друга стопанска гранка без инфраструктура? – поентира Ковачовски.

Со речиси петминутен аплауз, беровските членови на ГРОМ го поздравија лидерот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Во својот свечен говор, тој на своите сопартијци од овој град им ги презентираше програмата и заложбите што ГРОМ ја прават партија со уникатен концепт на македонската политичка сцена. Јакимовски зборуваше за мултиетничкиот признак на Граѓанска опција за Македонија, за поинаквиот пристап што партијата го планира за своите млади членови, од кои, како што рече, ќе се очекува да бидат дел од сите политички случувања и одлуки.

Лидерот на ГРОМ говореше и за намерата на ГРОМ да работи на еднаков регионален развој на земјава, со намалување на буџетските трошоци за нестопански инвестиции.

– Проектот „Скопје 2014“ е еклатантен пример за тоа колку е лесно да се потрошат лесно стекнатите пари. Овие пари му се потребни на стопанството за да креира нови работни места, за да се развива. Присилно собраните пари се трошат лесно, а не се оплодуваат на вистинскиот начин. Покрај тоа, притисокот што се врши врз малите и средни претпријатија доведува до нивно затворање и генерирање вишок работна сила, која својот спас го бара во администрацијата – рече Јакимовски.

Лидерот на партијата зборуваше и за тенденциите на ГРОМ да обезбеди напредок во спортот, образованието, здравството, како и во многу други сфери од граѓанското живеење, нудејќи квалитетни предлози за решавање на проблемите со енергетската зависност на земјава, со намалувањето на учеството на земјоделството во општествениот бруто-производ…

За крај, Јакимовски, констатирајќи дека многу млади лица се дел од Општинската организација на ГРОМ – Берово, им честита на изборот на раководните тела и ги покани на утрешното Основачко собрание  на Форумот на млади на ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin