ВЕРСКО-ПОЛИТИЧКИ ИГРИ БЕЗ ГРАНИЦИ
Проф. Д-р Зоран Т. Поповски
Иако имам некакво попско потекло (барем според презимето) секогаш сум се прашувал дали тие луѓе ја исполнуваат својата благородна мисија да просветуваат, да зближуваат, да помагаат. Тоа што сум биолог и што имам свој став околу развојот на цивилизацијата апсолутно не ми создава предрасуди да ги искоментирам „обраќањата“ на црковните великодостојници во текот на Божикните празници.
Обично овој период од годината е време на пораки за здравје, среќа, бериќет упатени од различни страни. Оние искрените доаѓаат од најблиските, од роднините и пријателите, потоа оние куртоазно-техничките пораки доаѓаат од политичките лидери, ама некако најпровокативни ми беа оние од нашите духовни лидери. Морам да признаам дека за разлика од нашите политички лидери, овие другиве беа многу поинвентивни. Еве зошто.
Прво ме предизвика изјавата на Архиепископот Охридски и Македонски кој оваа можност за обраќање кон своите верници ја искористи да ги искара и евентуално да ги издисциплинира помладите верници и да побара од нив во иднина повеќе посветеност на верата и поголемо присуство на црковни обреди. Се запрашал ли воопшто нашиот владика зошто младите тоа и сега не го прават? Зошто младите се помалку се идентификуваат со вредностите на нашата црква? Тоа некако ме потсеќа на ситуација кога момче и вели на девојка или обратно дека во иднина треба повеќе да се сакаат. Но, ако за тоа нема заемен флуид, ако покрај љубов нема и пожртвуваност и личен пример, можете ли тоа така едноставно да си го „порачате“ до партнерот/партнерката?
На оваа строга порака од нашиот духовен татко се „надоврза“ и уште еден висок претставник на МПЦ-ОА кој упати порака до властите дека веронауката треба да биде интегрирана во образовниот систем и дека младите во школо треба да се запознаваат со сопствената вера. И како многу пати досега, повторно се поставуваат прашањата за оправданоста на постоењето на верските објекти ако училиштата треба да служат за таа намена, за секуларноста на државата, за одлуката на Уставниот суд и т.н. Но, порака си е порака и таа секако треба да биде испорачана.
И кога мислев дека нашиве црковни високодостојници претераа со пораките, случајно вртејќи по програмите имав „чест“ да проследам „по-рака“ (или подобро по нога) на соседниот патријарх. Тој во стил на искусен политичар и порача на Бившата Југословенска Република Македонија да го ослободи „архиепсикопот Охридски“, а ќе се обрател и до меѓународната заедница за заштита на човековите права за верско здружување кои не биле почитувани во соседната држава. Колку злоба од устата на овој човек кој треба да шири верба и почит меѓу луѓето. Настрана што неговиот „архиепископ“ има поддршка на шака верници во Македонија и што додека бил дел од тукашниот црковен естаблишмент сакал раката да ја брцка во медот.
Но, „добронамерниот“ патријарх не застана таму. Следни на нишан беа нивните доскорешни браќа-Црногорците чии црковни луѓе лесно ги прогласи за атеисти и криминалци, а власта, во оваа доскоро братска република, за режим кој безмислосно ги узурпира правата на нивната црква. Многу слично на него се обрати и црногорскиот владика кој ги потсети верниците дека и понатааму одржуваат литургии под ведро небо и дека немаат дерман од хегемонистичките аспирации на „големата“ црква која никако да се освести дека колку повеќе напиња, толку повеќе отпор создава кај своите сестрински цркви.
Капак на оваа божикна „добронамерност“ беше одлуката на косовските власти да им забранат на своите иселени граѓани од српска националност да си го посетат верскиот храм и да си ја одржат богослужбата во местото во кое нивните претци живееле со векови. Ајде сега тие што така одлучиле, нека се потсетат на универзалното правило кое вели: “не го прави тоа што не сакаш другите тебе да ти го прават“ и нека замислат ситуација нивните верници да не можат да пријдат во верскиот објект во кој се молеле со години.
Зарем може некој да препознае добра мисла и добра намера во сите овие пораки и постапки? А ѓоа за ваквите празници требало да се заборават недоразбирањата и да закопаат воените секири. Напротив, мене ова ми личи на долевање масло на оган. Нека им служи на чест на тие што тоа го кажаа и направија. Нам на обичните граѓани и верници не ни преостанува ништо друго освен искрено да си посакаме ХРИСТОС СЕ РОДИ – ВИСТИНА СЕ РОДИ, да сме живи и здрави и од убаво да не куртулиме.