Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ШАРЕНОТО Е ПОУБАВО ОД СИВОТО

Проф. Д-р Зоран Т. Поповски-

ГРОМ-ист од Тафталиџе II

Пријатели се бираат, но браќа и сестри не, а богами и комшии не се бираат. Како ќе функционираме во животот не зависи само од нас, како што не зависи ни само од нив, мислам на комшиите. Од тоа дали ќе се почитуваме или нема да сакаме очи да си видиме со нив,ќе зависи како ќе живееме, затоа што вака или онака тие ни се најблиски.

Слики од животот

Пред извесно време бев на прослава на обновувањето на училиштето во кое учев јас,а подоцна и моите деца. Тоа училиште од памтивек е двојазично, како што е мултиетничка и населбата во која живеам точно половина век. Се сеќавам дека програмата беше многу шарена, а се изнагледавме и изнаслушавме песни, монолози и танци кои ги исполнуваа ученици од двете националности. Уживав во тоа шаренило. Ама сеуште во ушите ми одѕвонува мојата омилена „Неправда“ која Петрит ја отпеа би рекол „мешано“. Една строфа на мојот мајчин јазик, а една на неговиот. Музиката во себе ги спои јазиците кои меѓу себе имаат малку заедничко. Звучеше прекрасно, а во публика седев со некои од моите „шарени“ школски другари со кои своевремено делевме и добро и лошо. Несвесно си ѕенѕавме, иако половина од песната не ја разбирав, впрочем како што уживам и во француските шансони кои исто така не ги разбирам.

Со оглед на тоа што веќе одамна не си праќаме разгледници и честитки едни на други заради модерната технологија, некако најблиску до таа убава пракса од минатото останаа СМС пораките. Тие ни се наоѓаат и во добро и во зло. Да си кажеме некоја мисла, да си испратиме некоја желба. За среќа повеќето се сеќаваме еден на друг, ние пораснатите колоритни другари, по добри поводи, големи празници, годишнини, јубилеи.Нешто што ни значеше на сите подеднакво. Но оттогаш ми остана некако, иако не сум некој посветен верник, да се радувам на верските празници. А знаете ли зошто? Затоа што тие ме потсетуваат на Санко, Рашид, Касим, Фатима, Мавие, Агим, Фатмир, Афердита, Азиз, Бардуљ, Муамед, Таук и многу други со кои меѓусебно си честитаме Божик, Курбан Бајрам, Велигден, Рамазан. Во тие неколку збора кои стигнуваат на кутивчето што „лафе“ гледам заемно почитување и добра мисла. Особено ако видам дека не е тоа порака истовремено пратена на многумина туку е упатена лично, како што тоа јас го правам.

Пред неколку години одевме на натпревар и на влегување во Тетово мислејќи се кој пат да го фатам, го заглавив комбето. Речиси од никаде, се создадоа неколку млади луѓе кои на о-рук го дигнаа возилото и ни посакаа успех на натпреварот. Со моите сопатници прокоментиравме дека ако ова ни се случеше во Скопје ќе требаше пола саат да бараме „доброволци“ да ни помогнат. Пак победа на човечноста, пред сивилото.

Треба ли да ве потсетувам на Мухамед Али Јашари од Кондово кој загина бранејќи го својот соученик или на оној млад јунак кој од водите на Вардар спаси девојка? И верувајте, вакви работи можам да набројувам уште, ама не ми е тоа целта. Уште помалку сакам да создавам идилични слики и илузии за божемна апсолутна меѓуетничка хармонија која често ја креираше системот што остана зад нас.

Поента

Македонското општество е шарено во секој смисол, особено во национален и верски. Наместо предност, тоа шаренило досега му беше кочница. Дури неколку пати го доведе во прашање неговиот опстанок. И за жал, тоа е never ending story. Коалиционите власти кога треба да го одвратат вниманието на јавноста од некоја горлива тема, ги потпалуваат меѓуетничките тензии на кои не им треба многу за да се разгорат. И така јавајќи на разбеснетите коњи на национализмот тие ги билдаат своите рејтинзи покажувајќи ги мускулите пред сопственото гласачко тело, а криејќи се зад тендерските интереси. Примери за тоа колку сакате (Кале, имиња на училишта, плоштади, џамии, цркви, споменици, спортски натпревари и т.н. и т.н.).

Но, за среќа, во годината на изминување се случи своевиден политички преседан. Во еден строј застанаа граѓани од различно етничко потекло и со различна вера. Ја прошараа политичката карта во Македонија и го нападнаа сивилото кое го оставаше зад себе  црно-белата реалност. Сите застанаа зад идејата дека Македонија треба да биде земја на еднакви граѓани кои ќе треба заедно да си ја градат својата и нејзината иднина.

Не беше лесно да се излезе од маѓепсаниот круг на овие досега, за жал, добитни политички комбинации. И сеуште е тешко да се стопи мразот, особено помеѓу исплашените и закоравени националисти.  Не ми е сеедно да гледам и слушам како моите партиски соборци и соборки од други националности, ги распнуваат по медиумите на нивниот мајчин јазик. Како ги прогласуваат за предавници и им го загрозуваат семејниот мир и спокојство.Само затоа што направиј исчекор. Надвор од кругот на голиот национализам, во името на неговата светост-граѓанинот.

Многумина пријатели постојано ми велат „Рано е“. За што е рано драги мои? Рано е да се разбудиме од грдиот сон? Рано е да ги закопаме сеништата од минатото и да почнеме да живееме како вистински комшии? Рано е да почнеме да живееме едни со други, а не едни покрај други? Рано е да се запознаваме и да се „храниме“ со нашата различност? Рано е да и дадеме шанса на Македонија да опстане како држава? Или има некое друго сценарио, за кое барем ние не знаеме.

На истекот на оваа година сакам да го споделам со вас драги читатели задоволството што за прв пат во мојот долгогодишен општествен ангажман се чувствувам пријатно што сум дел од една шарена ГРОМ-овска приказна. Тоа е можеби зракот на надежта за Македонија. Во спротивно агонијата на оваа мулти-култи држава ќе продолжи и којзнае еден ден каде ќе заврши.

ПС: Не верувам во Дедо Мраз, не верувам во вештачки насмевки и лицемерни изјави. Верувам во добра мисла и  искрени намери. Ајде од таму да тргнеме. Среќна Нова 2014 година.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin