Оформена Општинската организација на ГРОМ – Демир Капија
ДОВЕРБАTA ЌЕ ЈА ПРЕТОЧИМЕ ВО РАБОТА
„Благодарноста за дадената довeрба ќе ја преточиме во работа“, рече тукушто избраниот претседател на Општинската организација на ГРОМ од Демир Капија, Живко Костадинов, за кој едногласна поддршка дадоа 56 присутни основачи-делегати на партијата на вечерашното Основачко собрание во овој град.
– Ние, раководството на оваа Општинска организација на ГРОМ, во соработка со сите членови на партијата од овој град, заедно ќе придонесеме за растењето на Граѓанска опција за Македонија и за нејзините успеси – порача Костадинов.
Членството на ГРОМ од Демир Капија со задоволство го ислуша обраќањето на претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој ги охрабри своите сопартијци и понатаму да го следат својот инстинкт и да не подлегнуваат на притисоците од двете големи политички партии.
– ГРОМ го создаваме за вас, за младите од помалите градови во Македонија да имаат перспектива, да добијат своја можност да се докажат, да не мораат да гледаат само црно и бело – истакна Јакимовски.
Тој зборуваше за визиите на Граѓанската опција за Македонија, за целите што оваа политичка партија си ги поставила пред себе како мотив за работа во полза на подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани на земјава.
– Не може државата од пред 20 години да ја паметиме како подобра од таа во која сега живееме. Јас не сум југоносталгичен, но сум разочаран од тоа што за 20 години ние не направивме подобра татковина за сите нас, за нашите поколенија. Каде двете големи партии ја заплеткаа Македонија? Во безидејност и безперспективност – упати забелешка Јакимовски.
Тој зборуваше и за вредностите што ГРОМ ја прават поинаков политички субјект, како нејзината мултиетничност, во која сите гледаме голема предност. Покрај тоа, Јакимовски се осврна и на плановите на Граѓанска опција во поглед на понатамошното одвивање на децентрализацијата, инвестициите во енергетиката, поддршката на културата и на спортот. Меѓу другите теми опфатени со програмата на ГРОМ, Јакимовски обрна внимание на образованието кое го оквалификува како премногу теоретско и со мала употребна вредност.
– Зошто сите водоинсталатери во Македонија се самоуки? Зошто немаме ниту едно средно училиште во кое стручно би се оспособил ваков тип кадар, кој очигледно е дефицитарен на пазарот на трудот? – низ прагматични прашања ја отслика Јакимовски состојбата во нашето општество во поглед на образованието.
Споменувајќи ги можностите за вработување, лидерот на ГРОМ елаборираше и еден од најгорливите проблеми со кој се соочува и Демир Капија, како еден од помалите градови во Источна Македонија – одливот на младото работоспособно население.
– Младите од внатрешноста доаѓаат во Скопје за да најдат работа, но дури и кога ќе најдат, решиле еден проблем, а себеси си создале друг – проблемот со станбеното прашање. Целта на ГРОМ е за младите да обезбедиме работа во нивните родни места – рече Јакимовски.
Во тој контекст, тој посочи дека императив на ГРОМ е да се поддржи стопанството, со намалување на даночниот притисок, со ослободување од стегите на глобите, со понуда на подобри услови за кредитирање. Според претседателот на Граѓанска опција за Македонија, младите не треба да бараат перспектива во администрацијата, туку во приватниот сектор, но за тој да отвора работни места, потребна му е поддршка.
За крај на Основачкото собрание на Општинската организација на ГРОМ – Демир Капија, Јакимовски на своите сопартијци им го честита изборот на новото раководство и им порача да бидат храбри зашто тоа подразбира да се осмелат да живеат достоинствено.