Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Изгласани раководните органи на ОО од Чучер-Сандево

Изгласани раководните органи на ОО од Чучер-СандевоГРОМ-ИДЕЈАТА ПРЕРАСНА ВО 18-ИЛЈАДНА ВОЈСКА

Вчеравечер, 22 декември, со одржувањето на Основачкото собрание, Општинската организација на ГРОМ од Чучер-Сандево за претседател го избра Аце Црничиќ.

Црничиќ им се заблагодари на своите сограѓани и сопартијци за поддршката и за довербата и им порача на сите што досега се двоумеле, сега да пристапат во ГРОМ.

– Успесите на нашиот лидер Стевчо Јакимовски се општо познати. Тој е човек од народот, но докажан политичар кој направи многу за својата општина. Со ГРОМ, чинам, може да направи многу и за Чучер-Сандево – рече Црничиќ во обраќањето кон своите сограѓани.

На жителите од оваа скопска општина им се обрати и претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски, кој на новоизбраниот претседател на Општинската организација му порача дека најважно од сè е да имаш идеја и верни другари, со кои ќе можеш да ја реализираш.

– ГРОМ почна како идеја, а сега зад себе има војска од повеќе од 18.000 членови. Во раководството имаме претставници на српскиот, албанскиот, ромскиот етникум, наши членови се и Власи, Турци, Хрвати, Бошњаци, Словенци – рече Јакимовски, истакнувајќи го мултиетничкиот признак на партијата како една од предностите во однос на сите останати политички субјекти на македонската политичка сцена.

Лидерот на ГРОМ пред присутните говореше и за другите визии и идеи имплементирани во Програмата на ГРОМ, со кои оваа партија отскокнува од политичкото милје во Македонија. Тој зборуваше за тенденцијата да се ослободи стопанството од спрегата на власта со која му се отежнува на стопанственикот да дојде до ликвидни средства, кои би ги оплодувал преку својот бизнис, создавајќи поголеми приходи, но и отворајќи нови работни места. Јакимовски ја спомена и потребата да се работи на еднаков или барем приближно еднаков развој на сите региони од земјава, што би создало услови за целосно спроведување на децентрализацијата.

– Оваа власт смета дека и вам овде, во Чучер, Сандево, Кучевиште, Бразда и во другите села од оваа општина, ви се допаѓаат и ви се потребни спомениците во центарот на градот. Па, ако се во право, повторно гласајте за нив. Но, ако ви треба нешто друго, ако ви е попотребна инфраструктура, ако ви се попотребни перспективи за вработување или пониска цена на електричната енергија, тогаш подразмислете – порача Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ на сопартијците од општина Чучер-Сандево им ги презентира и ставовите на партијата во поглед на екологијата, енергетиката, здравството, земјоделството, образованието, социјалната заштита, спортот…Тој, исто така, зборуваше и за актуелните случувања на македонската политичка сцена.

– Евроинтеграциите ни се во застој, ни се зголемуваат недоразбирањата со соседите, па покрај Грција, сега на врат ни е и Бугарија, а никако да го решиме и спорот во однос на црквите што го имаме во односите со Србија. На сите треба да ни е јасно: во Европа не нè сакаат со проблеми! Во Европска Унија ќе влеземе само тогаш кога сите прашања со соседите ќе ги затвориме и решиме! Тоа, пак, е можно само ако ѝ погледнеме на вистината в очи, ако се соочиме со проблемите, ако не бегаме од нив. Мислење на ГРОМ е дека секој граѓанин и секој член на оваа партија има право да го знае политичкиот став на партијата во однос на секое прашање – дециден е Јакимовски.

Во финалето на својата реч, лидерот на Граѓанска опција за Македонија уште еднаш му честита на новоизбраното раководство на Општинската организација од Чучер-Сандево и порача дека ако барем во неколку куќи во сите села од оваа општина чади оџачето на ГРОМ, успехот и тука ќе биде неминовен.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin