Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Во градот под Исарот формирана 25. Општинска организација на ГРОМ

Во градот под Исарот формирана 25. Општинска организација на ГРОМГРАЃАНСКАТА ОПЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА, ЧЕКОР ПРЕД ВРЕМЕТО

 Вечерва се одржа Основачкото собрание на Општинската организација на ГРОМ од Штип, на кое покрај Општинскиот и Надзорниот одбор, 90 присутни делегати за прв претседател едногласно ја избраа Драгана Ѓорѓиева.

Првата претседателка на ОО на ГРОМ од Штип, во своето пригодно обраќање до своите сопартијци, зборуваше за заложбите што таа и раководството планираат да ги спроведат за да ја подобрат состојбата на своите сограѓани.

– Сите знаат дека во Штип текстилното производство е главен извор на приход, но под какви услови се остварува е прашање што не засегна ниту една власт. Штип последните години е и студентски град, но какви се условите за студентите никој не знае. Неизбежен е и податокот дека во Штип имаме многу професионални војници, на кои по завршувањето на договорите за работа, по 45-тата година од животот, статусот им останува нерешен. Досега големите партии не ги поставуваа овие прашања, не ги прашуваа штипјани за тоа како живеат. Но, сега тука е ГРОМ, која вели: „Од денес ќе мора да ги прашате граѓаните на Штип!“ Токму затоа сме во оваа заедничка куќа, за да обезбедиме пристоен живот за сите нас, за да ги задржиме нашите деца овде – подвлече Ѓорѓиевска.

За актуелната состојба во земјава и за предностите што ги има ГРОМ наспроти другите партии, пред штипјани зборуваше и потпретседателот на Граѓанска опција за Македонија, Тодор Чепреганов. Тој истакна дека мултиетничкиот концепт што го нуди ГРОМ е можност „да се соединат двете реки што досега течеа една покрај друга“.

– Само со заемна почит и толеранција можеме да си обезбедиме прогрес, да обезбедиме иднина за нашата младина, на која во моментов очите ѝ се свртени кон Западот, кон туѓи предели наместо кон татковината – рече Чепреганов.

За меѓуетничкото обединување во Македонија зборуваше и претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Тој истакна дека заложбата на ГРОМ е да се оди еден чекор пред времето и да се надмине состојбата на постојано преговарање меѓу двата големи етникуми во Македонија и да се пристапи кон нивен меѓусебен разговор.

Јакимовски пред штипјани зборуваше и за другите визии што Граѓанската опција за Македонија ги инкорпорира во својата програма, како што е планот за еднаков регионален развој и тенденцијата да му се излезе во пресрет на стопанството со обезбедување лесно достапни финансиски средства и со намалување на глобите и даноците. Покрај тоа, тој направи споредба меѓу здравството и спортот како полиња во кои власта само привидно вложува, заробувајќи ги финансиите во објекти и во апаратура, без да обрне внимание на здравствените работници и на спортистите како клучни фактори што треба да донесат напредок на овие полиња во корист на сите граѓани.

Според зборовите на лидерот на ГРОМ, невложувањето во инфраструктура лошо се одразува на стандардот на граѓаните и на нивниот севкупен општествен живот.

– Со парите од само еден споменик, колку патишта, тунели, мелиоративни системи можевме да изградиме? Еве деновиве еден од тие споменици ни донесе и нови проблеми. Што сега? До кога преку ден ќе се ставаат споменици, а ноќе ќе се уриваат? Каде нè води тоа? – праша Јакимовски, коментирајќи ги актуелните настани што ја загрижија македонската јавност. Во тој контекст, тој се осврна и на безбедносната состојба во земјата, подвлекувајќи дека е неопходно јавниот ред и мир, по кој копнеат сите граѓани, да стане ингеренција на локалната власт.

– Имаме огромен број полицајци и многу приватни фирми за обезбедување, а сепак со ноќи грицкаме нокти и покрај прозорецот ги чекаме нашите деца да се вратат од клубовите или кафулињата. Нешто не е во ред со таа слика, нели? Не ви се чини дека некаде се измешале работите, па бандитите ни се вметнале во полицијата? Деновиве во Србија во тек е една полициска акција фигуративно наречена „Гром“. Е, па, нека почекаат ГРОМ да дојде на власт овде, па ќе видат каков „гром“ ќе ги удри тие бандити – порача Јакимовски.

Во финалето на својата пригодна реч, лидерот на ГРОМ на своите сопартијци од Штип им честита за избраното раководство и им порача достоинствено да одат по патот на успехот, патот што за сите нив го трасира ГРОМ.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin