Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ влезе во Аеродром

_MG_5918Граѓаните на општина Аеродром имаат алтернатива. Тоа е ГРОМ-Граѓанската опција за Македонија. Ова беше главната мисла- водилка околу која беа собрани над 200-тини присутни делегати и симпатизери на ГРОМ на основачкото собрание на ГРОМ Аеродром, кое вечерва се одржа во Бизнис салата на Скопски саем.

На него, Љиљана Митовска, дипломиран машински инжинер од општина Аеродром, беше избрана за претседател на општинската организација.

-ГРОМ својот зародиш го имаше во Карпош, рече во својата поздравна реч Митовска, но ГРОМ не запре. Него се повеќе го има во сите општини низ Македонија, а тоа говори дека граѓаните имаат сенс за политичко позиционирање и избор на најсоодветно решение. Со формирање на политички субјект со граѓански концепт, конечно ќе се изостави стереотипниот начин на политичко делување, ќе се воспостават нови стандарди, кои се карактеристични за современите политички движења, рече претседателката на ГРОМ Аеродром Љиљана Митовска. Со тоа акцентот ќе се стави на граѓанинот, на мултикултурата, на демократските вредности, на заедништвото, довербата, на создавање еднакви можнсти за сите, со почитување на различностите. Така ќе изградиме едно демократско оптштество какво што сакаме да биде Република Македонија. Променета и поинаква. Знам, дека го избравме патот на центарот, потешкиот пат, при што го заобиколивме биполарниот политички курс. Но, ние ќе се бориме за здрави идеи, за заеднички живот, и ние ќе победиме, затоа што сакаме да бидеме први, сакаме да бидеме различни, рече во својот говор првиот човек на ГРОМ Аеродром.

Поздравувајќи ги присутните во името на Извршниот одбор на ГРОМ, неговиот член Владо Поповски говореше за  идејните почетоци на новата политичка партија на македонскиот простор, која се роди од историското „не“ на нејзиниот лидер на бојкотот на локалните избори. Ветувањето што им го даде на своите граѓани возвратно се преточи во довербата во него, но идејата на ГРОМ не остана само во Карпош. Таа се шири и ќе се шири. ГРОМ изгради куќа за сите: и работници и за доктори, и за студентите и за професорите, и за земјоделците и за пензионерите. На влезот на портите на ГРОМ нема да ве прашаат ни за верската ниту за етничката припадност, рече Поповски. Тука ќе можете слободно да ги изнесете и реализирате своите идеи. Куќата на ГРОМ ќе биде полна со љубов, топлина меѓусебно разбирање и толернација. ГРОМ нема да биде партија која ќе ветува брда и долини, шарени лаги, ветер и магла. Она што ќе го вети  ќе го оствари, а тоа ќе биде согласно потребите и маките на граѓаните.

ГРОМ, најави членот на ИО Поповски, наскоро ќе се соочи со сериозен предизвик-изборите. Без оглед дали ќе бидат само претседателски или и парламентарни оваа партија самостојно ќе се претстави пред граѓаните на Република Македонија, со сопствена програма и визија.

Пред присутните членови на Граѓанската опција за Македонија вечерва, посебно инспиративен говор имаше претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски.

Својот говор пред членството од Аеродром Јакимовски го почна со обраќање кон младите кои треба да ја понесат идејата на ГРОМ ширум целата држава. Судбината или СДСМ или ВМРО е лоша судбина рече лидерот на Граѓанската опција за Македонија. Секогаш постои трета опција – тоа е ГРОМ. Партијата која во себе ја носи мултиетничката стабилност. Без неа нема ни политичка, ни безбедносна стабилност,а без нив двете нема ни економски просперитет на државата, рече Јакимовски, нагласувајќи дека токму врз Македонците како најголема етничка заедница е одговорноста за тоа како се чувствуваат помалите етнички заедници во земјата.

Говорејќи за оригиналната идеја на „дескопјеизација“ првиот човек на ГРОМ рече дека Скопје нема ниту инфраструктурен ниту економски потенцијал да ги згрижи сите граѓани од внатрешноста на Македонија кои  претендираат да живеат во него. Оттаму власта треба да инвестира во другите, помали места во земјата а не само во непродуктивни инвестиции во центарот на Скопје.

Чекор во таа насока е и правилниот третман на замјоделството и земјоделците, каде се истураат милиони денари субвенции, а и покрај тоа,  сите земјоделски и сточарски гранки бележат континуиран пад. Според парите дадени за субвенции, рече Јакимовски, досега секој земјоделец требаше да има најмалку по два стана и да возеше најмалку голф, ама состојбата реално им е далеку под тоа. Тоа значи дека или  парите се дадени на погрешно место или не се навистина дадени толку средства. ГРОМ истакна тој, треба да ги потпира малите и средни претпријатија каде е вистинската шанса за креирање на нови работни места, а не јавниот сектор кој се задушува. Не можеме сите да живееме по теркот на Тодорживкова Бугарија сите во јавна администрација и ќе си земаме по 120 лева плата.

Лидерот на ГРОМ ги опфати сите сегменти на живеење и делување од сферата на енергетската ефикасност, до намалување на буџетските трошења се до политичките состојби во државата.

-Ние, рече Јакимовски, не сакаме да се караме со СДСМ. Нам не ни одговара преслаб СДСМ, како што не ни одговара ни прејако ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО не може да мисли дека со исти финти ќе победува доживотно и дека ако му зеле мерка на СДСМ ќе победат секого. Е сега веќе нема, сега е тука ГРОМ и граѓаните на Македонија може да сметаат сериозно на него. Проектот Карпош, ќе се прошири секаде низ земјата, заклучи Јакимовски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin