Слободан Илиевски, прв претседател на ОО на ГРОМ – Центар
ГРОМ ЦЕНТАР-ПАРТИЈА НА МЛАДИТЕ
На седумнаесеттото по ред Основачко собрание на Општинска организација на Граѓанската опција за Македонија на Општина Центар, од страна на присутните 102 делегати, Слободан Илиевски беше избран едногласно за прв претседател на организацијата. На него, исто така беа изгласани и составите на Општинскиот и на Надзорниот одбор на Општинската организација.
Илиевски, изразувајќи благодарност за укажаната доверба, подвлече дека возрасниот просек на членовите на ГРОМ од Центар е 26 години, но и дека 90 проценти од нив досега биле политички неактивни.
– Единствен судија и репер за нашата работа во иднина ќе бидат граѓаните на оваа општина. Имајќи го за лидер Стевчо Јакимовски, човекот кој во својата кариера не го завршил само тоа што не го почнал и по чии политички потези некои сè уште не можат да се разбудат од кома, знам дека ќе постигнеме многу успеси – рече Илиевски во своето пригодно обраќање до центарци, што беше проследено со бурен аплауз.
Во прилог на податокот дека најголемиот дел од членовите на ОО на ГРОМ – Центар се млади луѓе, на присутните им се обрати и Бојан Велевски.
– За разлика од овде, во другите општини од Македонија, младите тешко се убедуваат политички да се активираат. Тие се веќе свесни дека на политичките партии им се потребни само еден месец пред избори – за лепење плакати, за делење рекламен материјал и за митинзи. Во ГРОМ младите добиваат шанса да ги изразат своите идеи, но и сигурност дека тие нивни младешки визии ќе бидат соодветно артикулирани низ органите на партијата и вградени во нејзината програма – подвлече Велевски.
Честитки до избраното раководство и поздрав до членовите на ГРОМ од Центар од Извршниот одбор на партијата, упати претседателот на Граѓанска опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Зборувајќи за специфичноста на Општина Центар како простор за политичка активност, тој упати апел до градоначалникот на оваа локална самоуправа „да престане со бистрењето политика и да се зафати со работа“.
– Мора да се прави разлика меѓу принципите и политичките убедувања. Во Карпош јас не запрев ниту еден владин проект, но секогаш кога имав аргументи да не се согласам со некој проект, тоа јасно го кажував и сè уште се придржувам на тој принцип. Само и единствено реалните аргументи можат да бидат причина да се спротивставиш на некоја идеја – порача Јакимовски.
Според неговата констатација, формирањето на партијата во овој момент е многу поинакво од периодот по осамостојувањето на Македонија, зашто сега во медиумскиот простор владеат атипични услови.
– Се соочуваме со поларизација на медиумите и тоа таква поделеност во која ВМРО-ДПМНЕ владее со помоќниот дел, а СДСМ со послабиот. ГРОМ, сепак, мора да се наметне и на политичката сцена и во медиумскиот простор, а тоа ќе го направиме со проекти, со визии, со решенија кои ќе им ги понудиме на граѓаните, па тие нека одлучат дали сме релевантен политички субјект – децидно истакна лидерот на ГРОМ.
Во својата пригодна реч, Јакимовски се задржа и на програмските заложби на Граѓанската опција за Македонија, за кои рече дека се причини за кои вреди да се поддржува ГРОМ. Тој, меѓу другото, зборуваше за мултиетничноста на партијата како за обележје што ја прави ГРОМ единствена во тој поглед во Македонија.
– Мултијазичноста на нашата земја треба да се искористи како предност во трговската размена со другите земји во опкружувањето. Ние мораме да бидеме свесни дека економскиот просперитет на државата ни зависи од политичката, а таа, пак, од етничката стабилност на земјата – рече Јакимовски. Покрај тоа, тој зборуваше и за проектот што подолг период ги засегнува жителите на Центар, изградбата на многубројните споменици и нивната концентрација на мал простор, и истакна дека ставот на ГРОМ во тој поглед е дека е нужно да се намали бројот на нестопанските инвестиции и да се вложува повеќе во развојот на стопанството.
Претседателот на ГРОМ зборуваше и за потребата од понатамошна децентрализација на државата зашто, како што рече, локалните власти се тие што се најблиску до граѓаните и тие што ги познаваат одблиску нивните проблеми во поглед на имотно-правните спорови, социјалната заштита, јавниот ред и мир…
– Не може по повеќе од 20 години очите сè уште да ни се свртени кон поранешна Југославија и да велиме дека тогаш се живеело подобро, побезбедно од сега. Ние сега живееме во држава во која сите се политичари, зашто за што и да почне, на граѓанинот му треба поддршка од политичка партија. Ако сакаш решен предмет во судот, мора да имаш партиска поддршка, за да се вработиш – партиска книшка… ГРОМ не се согласува со тоа да живееме во држава во која граѓаните ѝ се плашат на власта и ние тоа јасно го кажуваме – истакна Јакимовски.
Привршувајќи го своето обраќање до членовите на ГРОМ од Центар, лидерот на ГРОМ уште еднаш подвлече дека за да успее ГРОМ да стане релевантен фактор на политичката сцена, неопходно е да се биде постојано меѓу луѓето, без да се потцени ничиј став и мислење, зашто политиките отуѓени од граѓаните не добиваат нивна поддршка.