ГРОМ во европскиот Ерусалим
„Граѓанската опција за Македонија да ја направиме навистина граѓанска, зашто вистинските вредности ги создава токму граѓанинот“. Со ваков повик, Борче Велјаноски, член на Иницијативниот одбор и на Централниот одбор на ГРОМ, го отвори вечерашното, дванаесетто по ред, Основачко собрание на Општинската организација на ГРОМ – Охрид. На истото, 520 присутни делегати едногласно му ја дадоа својата доверба на Љупчо Настоски, советник во Општина Охрид од редовите на ГРОМ, да биде прв претседател на оваа општинска организација.
Во своето обраќање до присутните членови на ГРОМ, како и до видните гости, меѓу кои потпретседателите Горан Анчески и Мавие Мехмети, и генералниот секретар на ГРОМ, Виктор Цветковски, новоизбраниот претседател на охридската општинска организација ги повика своите сограѓани заедно да покажат дека не згрешиле што застанале зад програмата на ГРОМ, која во кризен период понуди нова визија, толку потребна за секој граѓанин на Македонија.
– Вечерашното Основачко собрание на нашата општинска организација го чувствуваме како празник зашто со него на голема врата се промовира ГРОМ, кој ќе го освежи црно-белиот амбиент во нашиот град, но и во Македонија – рече Настоски.
Топол поздрав од името на Извршниот одбор на ГРОМ до граѓаните на европскиот Ерусалим упати и лидерот на Граѓанската опција за Македонија, Стевчо Јакимовски. Тој на охриѓани детално им ги образложи заложбите што ги предвидува програмата на ГРОМ, задржувајќи се посебно на децентрализацијата во областа на социјалата, здравството, јавниот ред и мир и имотно-правните односи. Претседателот на партијата, Јакимовски, зборуваше и за потребата од пренасочување на буџетските трошоци кон инвестиции што ќе донесат трајни вредности, а кои би требало да ги опфатат сферата на енергетиката, стопанството, инфраструктурата…
– Како ќе се развива оваа држава ако и понатаму расте нејзината енергетска зависност? Таа зависност од увоз на енергенси ќе влијае на поскапување на производството, кое со секој нов ценовен удар на енергенсите ќе нуди сè помалку конкурентни производи. Како мислиме да развиваме земјоделство ако сè што правиме во тој поглед се стимулации и субвенции? Каде се инвестициите во мелиоративни системи, во инфраструктура, каде се можностите за окрупнување на земјоделските производствени капацитети? Можно ли е да се создаде квалитетен и конкурентен земјоделски производ ако секој посев зависи од милоста на Господ? – реторички праша Јакимовски.
Претседателот на Граѓанска опција за Македонија зборуваше и за нужноста од поддршка на приватниот бизнис-сектор, кој треба да се гледа како силен апсорбент на работната сила. Покрај тоа, тој ја истакна и потребата да се развива секторот на електронски комуникации кој, според негово мнение, е недоволно развиен и чии потенцијали се неискористени.
Во финалето на својата пригодна реч, Јакимовски им честита на охриѓани за направениот избор и им порача и понатаму да работат со истиот интензитет зашто од секој член на ГРОМ ќе зависи дали потребите на граѓаните се правилно артикулирани и преточени во партиската програма.
– Нема да дозволам отуѓување на ГРОМ од граѓаните зашто и мој личен пристап во работата е да бидам близок со сите и со секого – подвлече Јакимовски, заокружувајќи ја мислата со уште една порака до охриѓани, но и до сите членови на ГРОМ, дека ова е партија на храбрите.