ХИПОКРИЗИЈАТА НА МАКЕДОНСКАТА ДИЈАСПОРА
Проф. Д-р Зоран Т. Поповски
Отсекогаш сум имал резерви кон интересот на нашата дијаспора за заедничката татковина. Неа ја доживувам како заедница на луѓе кои најчесто заради економски причини, ја напуштиле својата родна грутка барајќи подобар живот во туѓина, а од таму “изразуваат особена“ загриженост за Македонија.Не е дека не сум свесен за нивните неколку стотини милиони евра, долари или франци кои годишно ги испраќаат до своите најблиски за да врзат крај со крај. Без нив, лошата економската ситуација кај нас, би била уште полоша. Свесен сум, ама и јасно ми е дека нив многу не ги боли Македонија туку ги боли егзистенцијата на нивните роднини. Тоа е сосема легитимно, но доаѓаме до клучниот момент. Таа нивна грижа за најблиските многу умешно ја манифестираат и како ѓоа грижа за државата. И за жал, морам да признаам дека во таа глума многу добро им оди. Со таков индолентен однос кон државата и нејзиниот опстанок тие успеја лесно да влезат дури во македонскиот парламент со неколку стотини гласови. Па за каков легитимитет на овие дијаспорски пратеници зборуваме ако од неколку стотините илјади македонски граѓани во дијаспората, своето уставно право на глас го искористиле само неколку илјади од нив или некој промил. Кого застапуваат тие? Не е дека нашиве домашни пратеници се нешто многу арни, ама барем нив ги бира барем половина (50%) од гласачкото тело во Република Македонија и секој од нив тежи околу десет илјади гласа. Оваа состојба ми дава за право да верувам дека македонската дијаспора е заинтерирана за политичкиот живот во Македонија, колку што актуелната власт ја интересира слободата на медиумите, колку што опозицијата ја интересира интересот на граѓаните, а сите нас ланскиот снег. Има уште еден аргумент за овој мој навидум суров став. Kога последен пат сте слушнале дека некој долгогодишен економски емигрант или популарен гастербајтер се з`гнал од белиот свет и дел од својот капитал го вложил во македонската економија? Ајде да изброиме колку успешни (не one man show) компании во Македонија функционираат со капитал од нашите иселеници. Мнооогу малку. Зарем тоа не покажува колку „многу“ им значи Македонија на нашиве бизнисмени од дијаспората? Уф, ќе заборавев дека еден наш дијаспорски бизнисмен замислете вложол пари во изградба на станови во Битола. Па медиуми, па градоначалник на гости… како да ќе ги поклонува становите. Бог да чува и да брани! Во последните неколку години во секој состав на оваа Влада има најмалку по два министри или советници од македонската дијаспора кои требаше да бидат гаранција за влез покрај на странски и на иселенички капитал. Какви се ефектите од нивниот одличен англиски и напорен македонски јазик во обезбедувањето на вакви инвестиции во ова инвестициско „елдорадо“? Скоро нула. Значи и оваа внатрешна подршка за вакви зафати не вроди со плод, а богами се изредија баеѓи Ташковци, Самаковци, Павлевци, Зафировци, Ивановци… На толку муабети, шетања и успешни биографии, Македонија е сеуште земја со најниско ниво на инвесиции во Европа. Ајде настрана инвестиции. Па овие звучни имиња пред извесно време ни соопштија дека не се во состојба да обезбедат ни 10 милиони евра за фонд кој требал да биде подршка за развој на малите и средни претпријатија во Македонија. Додуша, најавија дека имало интерес кај некои компании за овој фонд. Алооооо господа, овде луѓето не пијат нафта и не цицаат весла. Ако се вратам уште малку назад, неодминливо ќе се потсетам на „гордата“ изјава на еден од лидерите на „новиот дијаспорски бран“ кој полн со себе на македонската јавност и соопшти дека Австралија ќе ја признаела Република Македонија под уставно име. Не знае кога точно и како, ама инстиктот му вели дека тоа ќе се случи. Мора дечково да е некој изданок на култната баба Ванѓа, бог да ја прости. Тој истиот претседател на една од стотините организации со бомбастични имиња исто така ни соопшти дека од годинашниот „грандиозен“ собир на нашата дијаспора во Македонија ќе се слееле замислете, над 300.000$. Абе момче, тоа е колку мадињата на Букефал и пелената на Прометеј. Кога сме веќе кај овој „гламурозен“ собир, можам да ги разберам претставниците на власта кои се испофалија дека грижата за ваквата дијаспора почнала од нив. Ама никако не можам да ги разберам силните дипломати кои ја „удостоија“ оваа наша греота. Некој можеби ќе ми забележи дека сево ова го пишувам гледајќи ги работите од страна. За таквите имам алиби. Имено, и мене патот неколку пати ме однесе на неколку години надвор од Македонија во земји каде што има многу македонски иселеници. Додуша, моите престои биле исклучиво мотивирани од академски причини, односно предавања и истражувања на тамошните универзитети. Како и да е, тие искуства ми овозможија работите да ги почувствувам одвнатре. Да видам како функцинираат македонските заедници во овие држави. И, почитувани читатели, искрено ви велам дека моите поранешни наречете ги предрасуди за оваа категорија на наши земјаци, се претворија во реален впечаток. Еве зошто. Како Фулбрајт визитинг професор една академска година престојував на еден од најпроминентните универзитети во САД, во град во кој според кажувањата на некои мои познаници живеат над 5.000 Македонци. Од нив запознав неколкумина и среќа што беа само толку. Едниот од нив се занимава со купопродажба на коли и ми „тутна“ кола за чија висока цена ми се чудеа на работа, а парите од продажбата на таа иста кола при моето заминување од истиот мој земјак ги добив после година и пол чекање и молење. Ама затоа на неколкуте вечери на кои исклучиво јас бев домаќин, постојано се удираше во гради „бранејќи ги интересите на Македонија“. Вториот, фала богу не го ни видов, оти кога го побарав да му предадам подарок од Македонија, како за срце да го фатив. Но, да не грешам душа. Налетав и на едно прекрасно семејство од Македонија кое толку се интегрирало во САД, што ниту има каде да се врати, а имам впечаток и дека не сака да се врати. Но, настрана сето тоа. Најважно е дека црквата таму била најголема македонска црква надвор од границите на Република Македонија. Да не ми кажеа дека е македонска, според витражите ќе мислев дека е католичка. Ете толку воделе сметка овие наши дијаспорци за традицијата и народната архитектура. Пред оваа „средба“ со нашите прекуокеанските иселеници, имав едно пократко искуство во една од европските земји каде што престојував повторно како визитинг професор. Никогаш нема да го заборавам „пречекот“ во македонскиот клуб каде што картаџиите и таблаџиите не сакаа ни добар ден да ми кажат. Да се разбереме. Јас не очекував црвен килим и ловорики, ама очекував малку повеќе внимание. Верувам дека бев прв универзитетски професор од Македонија кој на покана на еден од 50-те најдобро рангирани универзитети во светот дошол во тие простории. Пак да не грешам душа и да признаам дека и таму запознав едно прекрасно и успешно македонско семејство кое за жал само ја потврдува онаа народната дека „исклучокот го потврдува правилото“. Малку поодамна, бев уште во една европска земја заради усовршување и таму случајно налетав на едно македонско семејство кое живееше до шталата со кравите кои ги опслужуваше. Добрите наши луѓе немаа време да мислат на ништо друго, освен на својата егзистенција. Низ споменативе контакти со нашите иселеници никогаш не слушнав некој наш успешен човек да изрази интерес да се врати во Македонија и да го пренесе бизнисот ваму, во родната грутка. За тоа има две можни причини. Едната е дека и покрај ризикот, не си ја сакаат доволно својата родна земја. Другата е дека најголем дел од нив се доживотни пролетери кои користејќи ги банкарските акробации во новите огништа купиле куќи и коли на долгогодишни кредити. И толку. И иронијата да биде уште поголема, тие не само што не сакаат да помогнат во економското закрепнување на татковината, туку очекуваат таа да им дава бесплатни учебници, да плаќа наставници кои ќе ги подучуваат новите генерации иселеници на македонскиот јазик, па дури и ќе финансира одржување на катедри за македонски јазик на универзитети во тамошните држави. Бог да чува и да брани. Ова не е „рекла-казала“ муабет и го почувствував на своја кожа додека работев во Министерството за образование и наука. Една млада лекторка од катедра за македонски јазик во една далечна прекуокеанска држава која била финансирана од земјата домаќин, побара ние да го преземеме финансирањето на таа катедра бидејќи било од витално значење за македонската заедница. Се обидов да и објаснам дека за жал во Македонија сеуште има училишта со полски клозети, со покриви кои прокиснуваат и дека е лицемерно да финансираме катедра во држава каде нашите луѓе добро заработуваат. Не сум сигурен дали ме разбра, ама знам дека остана разочарана. ПС: Кога зборувам или пишувам за нашиве иселеници, не можам, а да не се потсетам на еден од скечовите на култната К-15. Тој скеч кажува многу повеќе од овој и од многу други текстови посветени на „грижата“ на македонската дијаспора за татковината.