Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Прес-конференција: Без предвремени избори напролет – можна е уставна криза

Без предвремени избори напролет - можна е уставна криза„Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ од вчера  е легитимен политички субјект на политичката сцена во Република Македонија, бидејќи ја добивме судската регистрација, со сите избрани органи и тела на партијата.Тоа значи дека од сега натаму, јавноста во Македонија ќе може да ги слушне сите ставови по повод актуелните политички прашања во земјата, како и од сферата на економско-социјални проблеми.

Освен тоа, ГРОМ натаму ќе делува на политичката сцена со свои предлози и политички ставови кои ќе ја отсликуваат партиската програма и партиските заложби согласно Платформата на ГРОМ, како партија на центарот на која во средиштето и е токму благосостојбата на граѓанинот и просперитетот на државата.“

Ова го изјави лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, на денешната конференција за печат на која покрај тоа што го официјализира добивањето целосен легитимитет за функционирање на  партијата ја елаборираше и позицијата на Граѓанската опција за Македонија околу потребата од предврмени парламентарни избори.

„Денес, Граѓанската опција за Македонија ќе го промовира својот став околу политичката одговорност на двата најголеми политички субјекти за моменталната состојба во државата. Оттаму ГРОМ се залага за организирање на предвремени парламентарни избори напролет и тоа од три  битни за нас причини:

-Ние, рече претседателот на ГРОМ, во 2013 година имавме локални избори што практично значеше дека од 11 јануари до 24 април ние имавме техничка влада. Тоа значеше дека ниту можеше да се носат некои одлуки, ниту закони, а сето тоа се пренесува врз работата на локалната сампоуправа. Догодина исто така ќе имаме претседателски избори и исто толкав период техничка влада. Потоа во 2015 редовни парламентарни избори, што значи дека во 36 месеци ние практично 12 месеци ќе имаме техничка влада, што е исклучително неповолно за земјата. Доколку и мислиме добро на државата, нагласи Јакимовски, тој процес треба да се скрати и напролет треба да имаме истовремено и претседателски и парламентарни избори.

Втора битна работа за нас, рече претседателот на Граѓанската опција за Македонија, е дека доколку одиме само на претседателски избори, ќе имаме проблем со цензусот, а во тој случај освен што ќе имаме сериозна политичка криза, ќе се доведеме во ситуација да имаме и уставна криза.

Последната трета битна  работа за нас, зашто треба да имаме предвремени парламентарни избори, е зашто имаме застој во евроатланските интеграции, економската состојба не ни е онаква каква што очекуваа граѓаните и каква што посакуваме. Освен тоа, има сериозен застој во политичкиот дијалог, а по оставката на Борис Кондарко од функцијата претседател на Државната изборна комисија, политичките конфронтации ќе ескалираат. Затоа, ставот на ГРОМ  е дека најдобро напролет народот да се изјасни дали оваа власт треба да остане  натаму или ќе дојде до смена на власта за да се разрешат многу проблеми во Република Македонија.

Поради тоа, ГРОМ, вели Јакимовски, го повикува ВМРО-ДПМНЕ како владејачка политичка партија да направи сé, без било какви изговори, да ги спроведе препораките на ОБСЕ и ОДИХР и да  направи сé изборите на пролет да бидат фер, демократски и согласно европските стандарди.

Во исто време го повикуваме СДСМ веднаш по распишувањето на огласот во Парламентот да го дадат својот претставник во ДИК. Во спротивно оставката на Кондарко ќе ја сметаме како политички маневар и барање алиби за неодење на избори, изјави на денешната прес конференција првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Одговарајќи на новинарски прашања околу името на можниот претседателски кандидат на ГРОМ за догодина, Јакимовски рече дека за предлогот ГРОМ ќе се изјасни после  15 јануари следната година.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin