Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ГРОМ ќе оди по свој автентичен пат

ГРОМ ќе оди по свој автентичен патВечерва, 20 октомври 2013 година, во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Кичево, со акламација беше избран првиот претседател на Општинската организација на Граѓанската опција за Македонија – Кичево, Анто Трајаноски.

Во поздравниот говор до присутните 158 членови-делегати што му ја дадоа својата поддршка, Трајаноски изрази благодарност, но, исто така, рече и дека му е доделена огромна одговорност зашто ГРОМ – Кичево треба да се докаже како една од најдобрите политички опции во тој град.

–          Во ГРОМ нема да се делиме на херои и на предавници! Во ГРОМ не смее да има мои и туѓи! ГРОМ ќе прави разлика само меѓу тие што сакаат и тие што не сакаат да работат. Ние нема да дозволиме ГРОМ да стане „скопска“ партија, туку со работа, поттикнување и со поддршка на младиот потенцијал што го имаме, ќе докажеме дека сме еднакво вредни како секоја друга општинска организација на оваа партија во Македонија – истакна Трајаноски.

Со видна возбуда и исчекување меѓу присутните, беше дочекано обраќањето на лидерот на партијата, Стевчо Јакимовски, кој на тукушто избраното раководство му честита и му порача дека од Кичево на следните претседателски и предвремени парламентарни избори очекува добри резултати.

–          Особено ме радува што меѓу вас гледам многу млади луѓе, полни со ентузијазам за работа – подвлече Јакимовски. Навраќајќи се и на денешниот избор на Извршниот одбор на партијата и истакнувајќи дека со изборот на Мавие Мехмети за потпретседател на ГРОМ, се реализира првичната замисла на Иницијативниот одбор на ГРОМ, во оваа партија да не се прави разлика по полова, етничка или верска основа. Тој, покрај тоа, изрази очекување дека многу наскоро општинските организации, досега седум на број,  ќе ги оформат своите тела за организирање на жените и на младината, како и дека до 15 декември годинава партијата ќе ја има целосно формирано својата структура и ќе може да ги афирмира своите политички ставови.

Во понатамошното обраќање, Јакимовски ги истакна основните заложби и цели на ГРОМ, што овозможуваат оваа партија да отскокнува од сè што е понудено на актуелната македонска политичка сцена. Меѓу другото, тој се задржа на намерата на ГРОМ да воспостави рамномерен регионален развој во земјата, да ја зајакне локалната власт, да ги намали нестопанските инвестиции, а да вложува во енергетскиот сектор, во инфраструктура и во поддршка на малото и средното стопанство.

–          Ние го поздравуваме подобрувањето на финансиската дисциплина, но безмилосните казни што ги спроведува власта ја прават инквизитор, а не контролор. Тие казни не соодветствуваат на моќта и обртот на средства со кои располагаат малите и средни претпријатија и им нанесуваат непоправлива штета – потцрта Јакимовски.

Според зборовите на претседателот на Граѓанска опција за Македонија, на земјава ѝ се потребни и инвестиции во здравството, образованието, во спортот и во културата.

–          Спортот во Македонија лежи на грбот на неколку фирми и општини, а неговиот правилен развој може да донесе и заработувачка и афирмација за земјава. Ниту еден политичар не може да ја афирмира својата земја така како што тоа го може еден квалитетен спортист или културен деец. Секаде во светот Македонија е препознаена, на пример, по името на Тоше Проески или Влатко Стефановски – поентира Јакимовски.

Кон крајот на своето обраќање кон кичевци, лидерот на ГРОМ ги прокоментира и актуелните случувања на македонската политичка сцена.

–          Ние сметаме дека навистина немаше потреба од спектакуларно апсење на Мирослав Шиповиќ на Виенскиот аеродром, но и дека е погрешно напуштањето на институциите на системот од страна на опозицијата. Да се напушти Државната изборна комисија неколку месеци пред избори, според нас, е бегање од избори и обезбедување алиби за уште еден изборен неуспех на опозицијата – рече Јакимовски.

Тој уште еднаш посочи дека Граѓанската опција за Македонија ќе оди по свој „ГРОМовски пат“, не поддржувајќи ги ниту власта ниту опозицијата и го заврши своето обраќање со порака за сите членови на партијата да бидат блиску до народот и да имаат слух за сечиј проблем и за сечие мислење, зашто, само таквиот однос кон граѓаните води кон успех.

 

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin