ГРОМ поблиску до кичевци
17 август 2013 година, Кичево, во централниот дел на градот, со пригодна свеченост и со најава за одржување на основачкиот партиски конгрес на 14 септември, беше отворена втората канцеларија на Граѓанска опција за Македонија. Многубројни кичевци, членови и симпатизери на ГРОМ, присуствуваа на настанот кој на свој начин, со оглед на мултиетничкиот предзнак на ГРОМ, означува почеток на новата историја на градот и на Македонија.
– Оваа канцеларија ќе биде достапна за секој граѓанин, за топло да го пречека, да му понуди совет и помош, без разлика на неговата верска и етничка припадност, со што ќе докажеме дека Граѓанската опција за Македонија е за зближување на граѓаните на нашиот град. Затоа сме решени, сите членови на ГРОМ, макотрпно да работиме и да им докажеме на граѓаните на Кичево дека во нашата партија има место за сите кои им мислат добро на Кичево и на нашата држава – рече Анто Трајановски, член на Иницијативниот одбор на ГРОМ од Кичево, најавувајќи го претседателот на Иницијативниот одбор на партијата, Стевчо Јакимовски.
Во својот пригоден говор, лидерот на ГРОМ на кичевските членови на партијата им посака успешна работа во новите канцеларии, изразувајќи надеж дека во нив ќе се слават многу победи и ќе доаѓаат многу членови, а особено млади луѓе со визија за подобра Македонија.
– Тоа што ние како Иницијативен одбор го правиме како напор да имате добри просторни и технички услови за работа, во голема мера ќе придонесе да се чувствувате супериорно во однос на другите политички партии овде, во Кичево, а тоа, секако, ќе ви даде уште поголем поттик за работа, за кооптирање што е можно повеќе наши истомисленици за идејата и мисијата на Граѓанската опција за Македонија да ја шириме што е можно повеќе и на изборите во март да се закитиме со добри резултати – им се обрати Јакимовски на присутните.
Тој додаде дека Граѓанската опција за Македонија досега има 8.700 членови и изрази надеж дека до 1 септември ќе бидат надминат бројот 10.000.
– Сакам да ве информирам дека конгресот на партијата ќе биде на 14 септември и дека тогаш ќе ги избереме органите на партијата, по што ќе почнеме со активен политички живот – подвлече Јакимовски.
Покрај тоа, тој рече и дека очекува дека граѓаните на Македонија со Граѓанската опција за Македонија ќе добијат одлична понуда, трета опција, и ќе видат вистинска разлика меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
– Се надевам дека граѓаните ќе видат дека не може сè да биде црно или бело, дека можно е да биде и шарено, каков што е и знакот на ГРОМ, дека можна е политичка партија во која ќе членуваат и Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци и сите оние што ја сакаат Република Македонија. Според анкетата што неодамна ја направивме, на 66 проценти од граѓаните им е многу битно новата политичка партија да има граѓани од различен етнички состав. Анкетата покажа и дека таа партија треба да биде партија на центарот, што е и наша определба, а морам да ви кажам дека претседателот на вашиот Иницијативен одбор на тие анкети стои многу подобро од другите политичари на Република Македонија што значи дека имаме позитивна клима, поволен ветер во едрата и дека треба само добро да изработиме – им порача Јакимовски на кичевци во финалето на својата пригодна реч, посакувајќи им успешна работа во слога и во љубов.