ТРИБИНА ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА ХРАНАТА
По повод Светскиот ден на храната 16 Октомври, во организација на Форумот на жени ГРОМ – Карпош се одржа трибина „ПРАВОТО НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ВО РЕЛАЦИЈА СО ИЗБОРОТ НА ХРАНА“ На трибината со стручна презентација се претстави М-р. Ирена Калајџиевска Милевска, која е долгогодишен истакнат работник во областа на здравата и безбедна храна и нутриционизмот. Овој ден Обединетите нации го воспостиле како интернационален ден на храната бидејќи на 16 октомври 1945 година е основана организацијата на Обединетите нации за храна и агрокултура.
Организацијата на Обединетите нации за храна и агрокултура (FAO) проценува дека постојат околу милијарда потхранети луѓе ширум светот, што значи дека скоро шестина од човештвото е гладно. Мотото под кое се одбележува светскиот ден на храната во 2016 година е “CLIMATE IS CHANGING. FOOD AND AGRICULTURE MUST TOO” (Климата се менува. Храната и агрокултурата исто така мора да се менуваат). На трибината се презентираа стручни и научни ставови за поимите за безбедна и здрава храна, биолошките и физичките опасности за квалитетот на храната, на што треба да се внимава при пазарувањето на прехранбени производи – органолептички својства на производите, декларациите, логото за сертифицираност на производите и други параметри. Исто така, низ примери од секојдневната пракса, беа презентирани и правата за заштита на потрошувачите и законските казнени одредби. Трибината побуди огромен интерес кај присутните и беше проследена со поставување на голем број прашања од страна на слушателите.