Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

ПОВИК ЗА ФЕР И ПРИЈАТЕЛСКИ ПРЕЧЕК НА ГРЧКАТА РАКОМЕТНА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

ГРОМУтре недела,15 јуни, во Скопје гостува грчката ракометна репрезентација на реванш „бараж“ натпревар за пласман на светското првенство.  Граѓанската опција за Македонија – ГРОМ ги повикува сите добронамерни граѓани, а особено навивачи кои ќе присуствуваат на овој натпревар да го покажат традиционалното македонско гостопримство и пријателство. Да го заборавиме говорот на омраза, да ги заборавиме разликите и недоразбирања и во фокус да ни биде само спортот, е ставот на ГРОМ во пресрет на утрешниот натпревар меѓу двете репрезентации.

Застојот во  евро-атланските интеграции на Република Македонија кој трае веќе една деценија, дури и ескалирира во неповолна насока, е се поголем товар како на државата, така и на сите граѓани кои ѝ сакаат поголема глобална перспектива на земјата. Една од клучните причини за таквата состојба, покрај другото, е и заради недоразбирања со своите соседи. Единствен начин за стекнување на заемна доверба и почитување е развивање на добрососедските односи, надвор од секојдневните политички недоразбирања.

Уште во текот на кампањата за претседателските избори истакнавме дека е најважно да се негуваат и унапредуваат односите помеѓу граѓаните од соседните земји на културен, образовен, научен, медиумски, економски и спортски план. Спортот е најплодно поле за негување на такви поволни меѓусебни односи.

Ајде утре да покажеме дека Република Македонија е цивилизирана држава која знае да си ги поддржува своите спортисти, но, и дека знае срдечно да ги пречекува и почитува противниците на спортските борилишта.

Со такво однесување ќе им покажеме на нашите соседи дека во Македонија и нејзините граѓани треба да гледаат традиционални партнери со кои ќе треба да живеат и соработуваат.

Дека може и поинаку покажа и неодамнешната средба на кандидатот за претседател на Република Македонија на последните претседателски избори од ГРОМ и нејзиниот потпретседател проф.д-р Зоран Поповски со потпретседателот на светската федерација за училишен спорт, господинот Стилиос Даскалакис со кого зборуваа за унапредување на соработката во училишниот спорт и за нашето учество на Едукативните спортски игри кои ќе се организираат догодина во Атина.

ГРОМ во ваквата комуникација и соработка гледа долгорочно решавање на проблемите со соседните земји кога станува збор за името, јазикот, црквата и други отворени прашања.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin