Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Основање на Општинска организација на ГРОМ – Василево

Основање на Општинска организација на ГРОМ - ВасилевоВО МЛАДИНАТА Е ИДНИНАТА

На 33-то основачко собрание, кое вчеравечер се одржа во село Владевци, дипломираниот криминалист Марјан Митев беше избран за претседател на општинската организација на ГРОМ за Василево. Во оваа прилика тој им се заблагодари на присутните делегати за искажаната доверба и вети дека сериозно ќе пристапи кон предизвикот кој го носи оваа функција.

-Горд сум што сум член, а сега и претседател на оваа општинска организација, на партијата која својата политика ја креира според потребите на граѓаните и во која граѓаните се секогаш на прво место. ГРОМ има слух за потребите на сите луѓе, без разлика на нивната расна, етничка или социјална припадност. Целта на нашата партија е внимателно да ги сослушаме граѓаните и проблемите со кои тие се соочуваат. На тој начин, ќе ја вратиме довербата на луѓето во политичарите – истакна Марјан Митев.

Тој напомена, дека партијата од центарот особено ќе се залага за здравата животна средина, за развојот на младите и спортот, за подигање на културната свест кај граѓаните, како и за воспоставување на конкретни мерки со кои ќе се подобрат условите во јавното здравство.

-Ние сме должни да обезбедиме еднакви можности за сите. Сметам дека социјалната кохезија е аспектот, за кој досега, ниту една политичка партија нема изградено сериозен пристап.Токму затоа, ние во ГРОМ создадовме стратегија со која би се подобриле животните услови за секое семејство, како основна клетка на нашето општество – додаде Митев.

Пред присутните, кратко обраќање  имаше и членот на Централниот извршен одбор на ГРОМ  за Струмица, Никола Ѓорѓиевски, кој потсети на загрижувачката тенденција, за одливот на младите луѓе од нашата држава. Како главна причина за оваа социјална аномалија, тој ги предочи безперспективноста  и недостатокот на алтернативи со кои,  тие се соочуваат во секојдневието.

-Свесни сме за овој негативен тренд, кој за жал стана единственото решение за нашите сограѓани.  Ние велиме, доста е! Затоа ГРОМ ќе биде партија во која ќе се обединат младите, перспективните, а воедно и сите граѓани кои размислуваат поинаку од оваа негативна практика која преовладува во нашата татковина – констатираше Ѓорѓиевски.

На оваа свеченост присуствуваше и Секретарот на Граѓанската опција за Македонија, Виктор Цветковски, кој го изрази своето задоволство и ентузијазам од присуството на младите луѓе на вечерашниот собир.

-Гледајќи ве вас заедно, кај мене се раѓа надеж дека се наоѓаме на добар пат да го моделираме граѓанскиот концепт во Македонија. Бидејќи политичката понуда досега беше сериозно ограничена, ГРОМ се појави како неминовна опција која треба да ги исполни очекувањата на сите граѓани, а особено да ја збогати понудата за помладите жители. Во таа насока, сметаме оти Владата треба да ги стимулира домашните инвеститори подеднакво како и странските, со тоа што дополнително ќе вложува во условите за развој на младите  домашни кадри, кои подоцна ќе работат и егзистираат на нашата територија – изјави  Секретарот на ГРОМ.

Како главни партиски приоритети, Цветковски ги посочи новите економски модели за рестартирање на малото и средно стопанство, борбата против корупција, реформите во образованието и децентрализацијата.

-Нашиот концепт предвидува продлабочување на процесот на децентрализација. Тоа значи дека, преку зголемувањето на надлежностите и буџетите на општините, би се забрзал развојот на локалните самоуправи кои ќе можат да го пратат современиот живот и ефикасно да одговорат на потребите кои произлегуваат од него. Со самото тоа, ние аналогно градиме посилна  и поструктуирана држава – рече Цветковски.

Тој особено се осврна кон новите мерки кои се неопходни за развој на земјоделието, како недоволно искористен потенцијал со кој располага нашата држава.

-Тука спаѓа системот на субвенционирање кој треба да допре до поголем број на земјоделци, но исто така, потребни се сериозни зафати во областа на инфраструктурата, како и укинувањето на данокот на доход за земјоделците. ГРОМ ќе бара предвремени парламентарни избори, бидејќи граѓаните заслужуваат подобри услови за живот, внатре во Македонија а не надвор од неа – резонираше Виктор Цветковски.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin