Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Средба на Иницијативниот одбор на ГРОМ во Делчево

Средба на иницијативниот одбор на ГРОМ во ДелчевоВчера, 17 јуни 2013 година, во Делчево се одржа средба на претседателот на Иницијативниот одбор на Граѓанската опција на Македонија – ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со претставници и членови на партијата од овој град. По тој повод, Јакимовски одржа и прес-конференција, на која пред медиумите ги посочи целите и заложбите на партијата, како и намерите во поглед на развојот и напредокот на овој регион од земјата.

– Дојдени сме во Делчево да почнеме со иницијативниот одбор да ја формираме ГРОМ. Сметаме дека во овој град има погодно тло за третата опција, за граѓанската опција, имајќи предвид дека ваков биполарен политички свет не им одговара ниту на граѓаните на Делчево. Тоа е, пред сè, затоа што во изминатиот временски период можеме да констатираме дека граѓаните не ги остварија своите идеали ниту, пак, може да се очекува некоја перспектива од главната опозициона партија. Тоа се основните причини зошто сакаме на граѓаните на Делчево да им дадеме шанса да имаат да избираат, односно и делчевчани да имаат повеќе понуди на наредните избори што ќе се одржат во март 2014 година.
[nggallery id=4]
Во однос на очекувањата за поддршка на Граѓанската опција за Македонија, Јакимовски подвлече дека со оглед на состојбата во Источна Македонија и разочараноста на граѓаните, неминовно е тие да изразат потреба од трета опција.

– Познавајќи ја состојбата на територијата на поранешна Југославија, за жал, можам да кажам дека најнеразвиено подрачје од неа е токму Источна Македонија. Покрај тоа, во овие речиси 10 години, инвестициите што се прават од државата во континуитет ги заобиколуваат градовите од Источна Македонија и сметам дека има причина граѓаните оттука да бидат незадоволни од државните авторитети. Инфраструктурата не е на соодветно ниво, стопанските субјекти не можат да опстанат во овие услови на работење. Значи, треба, пред сè, да се дадат даночни олеснувања. Од друга страна, во врска со прашањето поврзано со земјоделството, сметаме дека не е доволно да се има само стимулации и субвенции, кои ги поддржуваме, туку мора да се вложува и во инфраструктурата. Сметаме дека мора многу повеќе да се работи на подобрување на животниот стандард на граѓаните – истакна Јакимовски.

Тој додаде и дека во поглед на соработката со постојните политички субјекти и нивните разграноци, во Делчево очекува поддршка од сите граѓани на овој град.

– Ова е партија што овозможува политички да се реализираат сите граѓани што досега не биле политички ангажирани. Најмногу ни пристапуваат граѓани кои не биле членови на ниту една политичка партија, кои сега почнуваат со својот активен политички живот, но, во исто време, има и луѓе кои биле членови на други политички партии. На раководството од Делчево задача ќе му биде да ги сплотиме сите тие со една позитивна енергија за да се добијат што е можно повеќе гласови на наредните парламентарни избори – заврши Јакимовски, подвлекувајќи дека партијата веќе работи и на статутот и на програмата и дека се очекува кон крајот на август да се одржи и основачко собрание, на кое ќе бидат формирани органите и телата на партијата, по што ќе се пристапи кон создавање на општинските организации на ГРОМ, во кои ќе влезе и таа од Делчево.

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin