Граѓанска Опција за Македонија

Граѓанска Опција за Македонија

Основачко собрание на ОО на ГРОМ – Чаир

Mavie MehmetiВИСТИНСКИ МОМЕНТ ЗА МУЛТИЕТНИЧКИ КОНЦЕПТ

Инспиративниот говор на потпретседателката на Граѓанска опција за Македонија, Мавие Мехмети, го одбележа 24. Основачко собрание на Општинска организација на ГРОМ, што вечерва се одржа во општина Чаир. Обраќајќи им се на членовите и симпатизерите на ГРОМ од оваа скопска општина на албански, а потоа и на македонски јазик, Мехмети истакна дека токму мултиетничката црта на ГРОМ е таа што ја прави оваа партија единствена на македонската политичка сцена и и дава предност наспроти сите останати политички партии.

– Навистина ми пречи тоа што некои велат дека е прерано за мултиетничка партија. Можеби за другите е, но за нас не е! Зашто ние не сме како другите, немаме ниту една допирна точка со другите! Ние се разликуваме од оние што сте ги виделе на политичката сцена! Ние, кога ветуваме, и реализираме, не ветуваме напразно – истакна потпретседателката Мехмети, осврнувајќи се на партиската програма за која образложи дека е плод на идеи што потекнале од народот и дека ги одразува неговите реални потреби.

Пред присутните 105 делегати, кои вечерва едногласно ги изгласаа Општинскиот и Надзорниот одбор на ОО на ГРОМ – Чаир, говореше и Шебаљ Прешова, член на Извршниот одбор на партијата. Таа, најпрвин на турски, а потоа и на македонски јазик, му се заблагодари на претседателот на партијата, Стевчо Јакимовски, за неговата храброст и за идејата за ГРОМ зашто со неа, според нејзините зборови, тој создал простор за луѓето повторно да ја вратат вербата и надежта.

Во своето обраќање до чаирчани, лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, рече дека во оваа општина „сме дојдени со благородна намера, да ги пренесеме добрите искуства од Карпош“.

– Во Карпош се докажа дека можеме да живееме едни со други, а не едни покрај други. Во општина Карпош не делевме никого! Единствено таму легално е изградена џамија во неалбански дел. Тоа покажува дека иако политичката сила на Албанците во Карпош е мала, ние се грижиме за нив, за нивните потреби. Ставот на ГРОМ е дека етничките права треба постојано да се унапредуваат и дека за овие теми веќе не смееме да преговараме како непријатели туку да разговараме како пријатели. Што е важно дали си Албанец, Македонец, Ром, Влав или од кој било друг етникум ако си сиромашен? – рече претседателот на ГРОМ, надоврзувајќи се на намерата на ГРОМ од Македонија да направи етнички и безбедносно стабилна држава, што ќе и донесе и економски просперитет.

Јакимовски зборуваше и за другите сегменти од програмата на Граѓанска опција за Македонија, како што се плановите на полето на енергетиката, образованието, здравството, спортот, регионалниот развој…

– Кој во оваа земја на премиерот му побара тркало? Кој беше тој што му рече: „Господине Груевски, изградивте сè, ни недостига само уште едно тркало за да се тркаламе, да се возиме? – низ сарказам праша Јакимовски, упатувајќи критика за нерационалните трошоци на оваа Влада. Тој подвлече дека наспроти велелепните споменици, кои никому не му носат полза, никој не би му упатил забелешка на премиерот ако ги вложи народните пари во инфраструктура, мелиоративни системи, енергетски објекти, ако отвори некоја градинка, училиште или ако ги насочи инвестициите во други проекти што ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.

Во финалето на својот говор, Јакимовски им упати честитка на чаирчани за изборот и апелира и понатаму да бидат храбри и да продолжат со работа на терен зашто во Чаир има плодно тло за визиите на Граѓанска опција за Македонија.\

Споделете го линкот на социјалните мрежи
Share on facebook
Facebook
Share on google
Google
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
Linkedin