ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: НОВ УРБАН КОНЦЕПТ ЗА ТЦ „ЛЕПТОКАРИЈА“

03.10.2017 година

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош и претседател на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски, денеска пред новинарите презентираше целосен проект за изгледот на ТЦ „Лептокарија“. Како што истакна Јакимовски, освен естетското разубавување на фасадите на зградите кои се наоѓаат во целината на трговскиот центар, предвидено е и изградба на подземен паркинг, со кој ќе се реши сообраќајниот метеж и проблемот со паркирање на возилата.

– Овој трговски центар во Карпош 3, како што карпошани популарно го нарекуваат „ Лептокарија“, со нашиот проект и нашата визија ќе добие целосно нов изглед. Планираме да изградиме подземен паркинг, со кој ќе се реши проблемот со паркирање на возилата на станарите кои живеат во овие станбени згради, а онаму каде што се наоѓаат паркираните возила предвидено е хортикултурно уредување и изградба на модерна фонтана, со што ова карпошово катче ќе добие сосема нов лик, потенцираше Јакимовски.

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, нагласи дека со ова граѓаните на Карпош ќе добијат една од најубавите фонтани, како во градот Скопје, така и во Република Македонија. Исто така ќе добијат естестко фасадно разубавување на нивните станбени живеалишта, и со хортикултурното уредување на просторот и со другите интервенции, ќе се растоварат од сообраќајниот метеж.

– Овој трговски комплекс се наоѓа на самиот булевар „ Партизански одреди“, односно на најфрекфентната сообраќајна артерија во градот Скопје. Освен естетски , нашата замисла е и растоварување на сообраќајот кој се создава со паркираните возила, за да граѓаните на овој дел од општината, да можат подобро и полесно да функционираат, извршувајќи ги секојдневните обврски, дециден беше Јакимовски.

Целата инвестиција е предвидено да чини околу 2,5 милиони евра, а проектот за овој потег е веќе урбанистички подготвен.