ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: БЕСПЛАТНИ ЧАСОВИ ЗА ВОЗАЧКА ДОЗВОЛА ЗА МЛАДИТЕ КАРПОШАНИ

01.10.2017 година

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош и претседател на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски од кејот на реката „Вардар“, денеска најави дека локалната самоуправа ќе ја финансира обуката на младите карпошани кои ќе полагаат за возачка дозвола. Како што нагласи Јакимовски, досега се што ветил тој, граѓаните на Карпош, знаат дека се исполнило.

– Ветивме бесплатни ужинки, бесплатни екскурзии и стипендии за талентирани ученици и спортисти и тоа граѓаните знаат дека го исполнивме. Овој пат ветуваме финансиска помош за нашите млади карпошани кои наполниле 18 години и кои ќе полагаат за возачка дозвола. Односно општината ќе го покрива оној дел кој значи финансирање на возачките часови кои кандидатите за возачка дозвола ќе ги имаат во авто школите, потенцираше Јакимовски.

Кандидатот за градоначалник на општина Карпош Стевчо Јакимовски истакна дека ова е сериозен надоместок, бидејќи и најголем дел од средствата кои родителите ги издвојуваат се токму за обуката на кандидатите за возачка дозвола.

– Околу 25.000 денари или 400 евра чини обуката и ние како локална самоуправа тоа ќе го надоместиме. Ова го правиме се со цел младите карпошани што поскоро да се вклучат во сообраќајот и што побрзо да ја научат сообраќајната култура на возење, истакна Јакимовски.

Јакимовски нагласи дека ова ветување ќе важи за сите граѓани на Карпош кои во 2016 и 2017 станале полнолетни и ќе се применува и во наредните години за полнолетните граѓани на општина Карпош.