ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: ЈАКИМОВСКИ ПОВТОРНО НАЈАВУВА ПОБЕДА ВО КАРПОШ

16.09.2017 година

„Општина Карпош, и понатаму ќе реконструира и асфалтира улици, ќе менува атмосферски канализации, ќе гради плоштади и паркови, ќе засадува дрвја и цвеќиња, ќе доделува бесплатни ужинки на основците, ќе доделува стипендии за најталентираните ученици и спортисти , ќе се грижи за социјално ранливите категории. Општината ќе гради и нови детски градинки, ќе продолжи да ги менува покривите на индивидуалните и колективни станбени објекти, како и ќе продолжи да инвестира во нови енергетско-ефикасни фасади.“

Ова денес, најавувајќи ја својата повторна кандидатура за градоначалник на Општина Карпош, актуелниот градоначалник на Општината, и претседател на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски го изјави пред медиумите. Јакимовски нагласи дека ГРОМ како политичка партија ќе учествува и со своја програма на изборите, како дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во  Општина Карпош ќе настапиме со сопствена листа за советници, како и со кандидат за градоначалник, додека во Општина Кавадарци, ќе настапиме со листа за советници, поддржувајќи го кандидатот за градоначалник предложен од нашиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ.

Во многу други општини, ширум Републиката ќе учествуваме со свои кандидати за советници на заедничката листа на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ .

Првиот човек на ГРОМ, истакна дека партијата кандидирала угледни и почитувани граѓани, кои ќе бидат вистински репрезенти во локалната самоуправа.

-Се надевам дека нашите претставници во локалната самоуправа, ќе ја оправдаат довербата дадена од граѓаните и ќе ги решаваат комуналните проблеми. Всушност локалната самоуправа е можеби најбитната власт, бидејќи преку Општините се решаваат оние директни проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани секојдневно, дециден беше Јакимовски.

Лидерот на ГРОМ потенцираше дека партијата ќе предложи кандидати за советници во: Градот Скопје, како и Општините: Аеродром, Центар, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Гази Баба, Илинден, Бутел, Вевчани, Делчево, Долнени, Велес, Радовиш, Крива Паланка, Куманово,  Неготино, Штип, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струмица, Прилеп и Василево.

-Досега имавме 13 наши советници, додека после локалните избори, тој број значително ќе се зголеми. Се надевам дека дел од нив ќе станат директори, раководители во општинските јавни претпријатија, и на тој начин ќе се фатат во костец со решавање на горливите комунални проблеми, прецизираше Јакимовски.