ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: ИЛИ ВЛАДА ИЛИ БИЗНИС

11.09.2017 година

Потпретседателот на Граѓанската опција за Македонија, Љупчо Пренџов денеска одржа прес-конференција за медиумите, по повод најновите случувања на економско-политичката сцена во државава.

-Почитувани, луѓето на кои им беше полна устата за борба против криминал и корупција, воспоставија марионетска влада која очигледно не дојде да му служи на народот, туку да ги штити сопствените и интересите на „чадорот“. Случајот на компанијата ФЕРОИНВЕСТ, сопственост на потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев која доби тендер вреден 2,6 милиони евра во АД ЕЛЕМ, е скандал без преседан во овие 25 години слободна и демократска Македонија. – посочи Пренџов

Според него, потпретседателот Анѓушев се повлекол од управувањето во ФЕРОИНВЕСТ не затоа што сакал, туку бил приморан бидејќи  тоа законот го налага.

-Тој не управува со фирмата, но и натаму останува основач-сопственик и законот ова го прифаќа но, под услов, фирмата да нема зделки со владините институции, каде се трошат народни пари. Тендерите од АД ЕЛЕМ му носат профит на сопственикот на ФЕРОИНВЕСТ – потпретседател на Владата, Кочо Анѓушев и профитот  по завршната сметка  се слева на неговото лично конто. Иронијата да биде поголема, потпретседателот на Владата, Анѓушев е задолжен и за еконономски прашања – алармираше Љупчо Пренџов.

Од ГРОМ прашуваат, дали СДСМ на овој начин замислуваат да ја одвојат партијата од државата и дали сметаат дека ова е најдобриот модел за функционирање на пазарната економија. Според граѓанската опција,

потпретседателот на Владата, Кочо Анѓушев мора да одлучи дали ќе ја извршува актуелната функција – вицепремиер за економски прашања, но притоа се подразбира, да се откаже од било каква директна или индиректна деловна врска со Владата. Или пак логично, да си даде оставка од државната функција, па потоа да се занимава со бизнис во енергетскиот сектор.

-Господинот Анѓушев не може да седи во министерска фотеља и со истата таа Влада да прави бизнис. Сакаме да ја информираме јавноста дека до потпретседателот на Владата за економски прашања пристигнуваат разузнавачки информации кои се однесуваат на енергетскиот сектор, а кои се доверливи, строго доверливи или, пак, претставуваат државна тајна. Владата го подготвува и носи енергетскиот биланс кој е битен при донесување одлуки за неговата компанија. Исто така, Владата носи одлуки и разгледува информации кои се однесуваат на промена на девизниот курс кои и тоа како влијаат на неговиот бизнис – истакна Пренџов.

Тој објасни дека за светските лидери какви што се Русија и Соединетите Американски Држави, енергетскиот бизнис е главна стратегиска, економска и воено-безбедносна битка која ја водат меѓусебно, и од неа зависи  кој ќе ја снабдува Европа со гас, нафта, електрична енергија и останати енергенси.

-Значи да заклучиме господине Анѓушев, не можете да држите „две лубеници под една мишка“. Имате сериозен конфликт на интереси и Ве повикуваме да нé бидете арогантен, да нé одговарате дрско на прашањата од јавноста и да донесете одлука, согласно етиката за чесен претставник на Владата – додаде потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов.