КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Блефери

12.08.2017 година –

Корејскиот залив и јужнокинеското море се полни со оружје. Напнатоста е до невидени размери. Ким Јунг Ун се заканува со ракетирање на островот Гвам на кој има сместено американска воена база. Во исто време, Трамп вели дека во таков случај Северна Кореја ќе се соочи со жесток напад. Доколку би дошло до вакво ракетирање од страна на Северна Кореја врз оваа американска база, веројатно тоа би била и последна закана на Ким, затоа што врз него би се срушил целиот американски гнев сконцентриран во базата на гореспоменатиот остров, потоа од големата воена база во Окинава, па нападот врз Северна Кореја би дошол и од Јапонската армија која се повеќе се вооружува, а во војната би влегла и Јужна Кореја.

Направена е проценка за екс-претседателот Клинтон, што би било во случај на војна со Северна Кореја? Американските воени експерти прогнозираат најмалку 1 милион жртви во првиот момент на двете страни, а Сеул би бил збришан од лицето на земјата.

Во конкретната ситуација не се знае кој е поголем ексцентрик: Ким Јонг Ун или Доналд Трамп. Досега Ким, како и неговиот татко, се покажаа како мајстори за блефирање. Тие немаат друго решение освен развивање на нуклеарната програма, и лансирање на нуклеарни балистички ракети од среден дострел. Северна Кореја веќе лансираше нуклеарна ракета која има дострел од 1.000 километри.

Овој нуклеарен потенцијал на Северна Кореја служи за одвраќање на евентуална агресија од САД. Се чини дека Ким веќе не ја слуша ниту Кина, и дека сака тензиите да ги крене до таков апсурд, со цел да влезе во директни преговори со САД без посредство на меѓународната заедница, што за крајна цел би имало спас на неговиот режим.

Северна Кореја не е воено слаба. Во Северна Кореја живеат 24 милиони жители. Таа поседува повеќе нуклеарни боеви глави, има над 2.500 ракетни системи како и огромни количини на хемиско оружје и други воени отрови, околу 450 авиони (претежно МИГ-25), воени бродови и подморници. Со тоа што Северна Кореја може да лансира нуклеарна балистичка ракета од подморница, таа стана петта нуклеарна подморничка сила. Ким му се заканува на САД со нуклеарни боеви глави, базирајќи се на најновите подморници од типот „Симпо“ кој се вооружени со по три нуклеарни боеви глави. Инаку, развојот на подморничката технологија во Северна Кореја своевремено и ја продаде Тито по величенствениот пречек кој беше направен во негова чест.

Кина веќе се изјасни дека САД може да ја нападне Северна Кореја, само ако Северна Кореја лансира ракета од среден дострел кон гореспоменатиот остров. Зошто Кина мора да застане зад Северна Кореја? Ако се изврши сериозен напад би дошло до промена на режимот во Северна Кореја. Потоа би следело обединување на Северна и Јужна Кореја под патронат на САД, а со доминација од Јужнокорејците. Кина би се соочила со голем бран на бегалци.  Инаку Јужна Кореја е петта економска сила на Пацификот, а 11-та во светот. Волку моќна економски и бројчано држава на своите граници за Кина би била опасност и уште повеќе ако се има во предвид три милионското корејско малцинство во Кина, кое во тој случај би сакало да се припои кон својата матица. Ова значи дека во евентуалниот судир меѓу САД и Северна Кореја во кој би биле вмешани Јужна Кореја и Јапонија, Кинезите би морале да застанат на страната на севернокорејците. Тоа би било војна од невидени размери.

Кина не е играчка, затоа што во моментов ја има најмногубројната стоечка војска, од 2.285.000 и повеќе десетици милиони резервен состав на армијата. Кина располага со 5.900 авиони, над 6.000 тенкови, околу 800 воени бродови и подморници како и два носачи на авиони. Најопасното е што Кина располага со 6.500 нуклеарни боеви глави. Во моментов Кинеските и Американските крстарици се наоѓаат на само 500 милји оддалеченост. Кинезите во континуитет прават острови на коралните гребени, на кои што прават аеродроми, поставуваат против-авионски системи, и ракетни системи за гаѓање кон морето, како и пристаништа за нивните воени бродови. На негодувањето на Америка за овие острови кои веќе се наоѓаат на 2.000 милји од брегот на Кина, Кинезите им одговараат „Америка да не провоцира и да си ја гледа работата“. Кинеската армија е одамна реформирана и модернизирана, и ја разви таканаречената „Мајка на сите ракети“ или ДФ-ЗФ која носи нуклеарна боева глава и развива брзина од 10.000 километри на час. Уште пострашно за американската армија е тоа што Кинезите имаат најмодерна ракета, која може да го уништи секој сателит. Технологија која Американците ја немаат. Со евентуално уништување на некој од американските сателити, паѓа во вода целата нивна воена стратегија и практично тие би биле обезглавени.

Сето ова покажува дека Америка повеќе плаши мечка со решето, отколку што има реална сила да влезе во сериозен воен конфликт. Таа, се повеќе наликува на некои маалски тепач на кој што му поминале годините, и сега новите, млади момчиња се повеќе го потиснуваат. Тие млади момчиња се Кина и Русија. Според гледиштата на американските генерали кои учествувале во војната во Ирак и во Авганистан, тие сметаат дека НАТО треба да ги избегнува провокациите со Русија затоа што во овој момент, ако се закачат со Русите ќе бидат поразени. Односно, тие се поправаат и велат, цитирам: „Ќе бидеме уништени!“. Ова важи само доколку има ограничен конфликт со конвенционално вооружување против Русија, а пак, ако дојде до нуклеарна војна, тука САД нема шанси.

Затоа, на Америка и се брза да го заокружи Балканот со членство во НАТО и да притисне, покрај Црна Гора и Македонија да влезе во системот, и ќе се митари (ќе дава отстапки на Вучиќ) за евентуално да ја придобие и Србија на нивна страна. Затоа треба да се биде ладнокрвен, да не се оди, што би рекле „главом без обзира“ во членство на Алијансата, затоа што колку тие нас ни требаат, исто толку им требаме и ние нив. Или во НАТО ќе влеземе достоинствено како сите останати земји, или Македонија треба да остане воено неутрална. А, тие нека си ги вадат очите.

Згора на тоа, се повеќе воени аналитичари сметаат дека светот веќе не е еднополарен, и тој ќе стане мултиполарен, дали тоа било по волја на САД или не.

На Македонија, стратегиски повеќе и одговара мултиполарен свет, оти од еднополарниот го видовме досегашниот аир.