КОЛУМНА НА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ: Русофобија

11.08.2017 година –

Со доаѓањето на Доналд Трамп, за прв пат во САД е избран претседател кој односите со Русија сака да ги сведе на рационално ниво. Тој сака да востанови партнерски односи со Русија, но, наиде на сериозни пречки бидејќи во неговото општество, но и пошироко, „русофобијата“ е создавана со децении. Така, од 1945-та наваму, Русите се прикажувани како најголемото зло на планетава. Прикажувани се како лоши луѓе, сурови, криминалци, без доволна култура, агресивни. Со еден збор, како луѓе-нелуѓе. Тоа е влезено во потсвеста на секој Американец уште од најрана возраст. Оваа антируска хистерија по доаѓањето на Трамп зема невидени размери. Зад неа стојат протагонистите на војна, и милитантите во политичките кругови. Тие не би можеле своите замисли да ги спроведуваат ако немаат своја пропагандна машинерија, и нивните лажовизии на чело со Си-Ен-Ен. Замислете до каков апсурд го доведуваат американскиот граѓанин, перејќи му го мозокот дека секој руски хакер може да си избере претседател на САД.

Сега, главната теза со која им се полнат главите на американските граѓани, е дека, тие лоши луѓе, луѓе-нелуѓе, Русите, им наметнале претседател на нив, Американците, кои се сметаат за покултурни, пософистицирани, посупериорни и полни со сопственото его.

Не е ли цинизам, земјата која што е мирудија во секоја светска манџа. Администрација која се меша во сите избори на земјината топка, сега да спроведува истрага со која се проверува кој се сѐ сретнал со рускиот амбасадор во Вашингтон. Дали синот на Трамп се сретнал со руски адвокат, дали некој Американец одел по истата улица каде што одел некој Русин? Каква хистерија?! Какво лудило, во една земја која себеси се прокламира за демократска!

Токму затоа Доналд Трамп и го потпиша законот со кој што се воведуваат нови санкции против Русија, бидејќи пропагандата против него е невидена. Добро ја смислија приказната, дека на власт го донеле руските хакери и затоа отпочнаа истрага за неговиот избор, сé со цел да оневозможат релаксирање на односите со Руската Федерација, кои се на најниско ниво и се полоши дури од времето на Студената војна со СССР.

Затоа Трамп јавно им кажува на Си-Ен-Ен, дека се лажговци, дури и на одредени новинари не им дава ниту право да му постават прашање, и наместо на прес конференции, тоа што има да го каже, го прави преку својот Твитер или на Фејсбук.

Токму поради тоа во САД веќе неколку медиуми колабираат. Тој е доволно паметен да не му се спротивставува на Конгресот, затоа што со двотретинско мнозинство ќе го надгласаат, но, знае дека овие санкции ќе влијаат многу негативно, пред се, на Германија, Италија, Франција. На санкциите остро се спротивставува и Унгарија. Штетите од санкциите на овие земји, вклучително и на САД, нема да се бројат во милијарди, туку во трилиони долари, евра… И, противниците на Трамп ќе мора да попуштат, најмногу за шест месеци, поради сериозните економски последици. А, пред се, поради негодувањето на европската локомотива – Германија.

Повеќедецениското перење на мозоци во Америка со лошите Руси, денес се обидуваат да го пренесат и на тлото на Европа и на Балканот, со наводното големо руско влијание и со желбата на Русија за насилно менување на границите.

Внимавајте добро, за насилно менување на граници зборува САД!

Но, јасно треба да ставиме до знаење дека Американците можат да им го перат мозокот на своите граѓани, но на Македонските не! За нив, секогаш постои непријател, а меѓу нив задолжително мора да е и Советскиот Сојуз или Русија. По 90-те години и потпишувањето на договорот „Стар 2“ помеѓу Горбачов и Реган, нов измислен непријател стана Садам Хусеин. Па Гадафи. Па Талибанците, па на ред дојде Осама бин Ладен и пак се вратија на Садам Хусеин и на Гадафи. Кога нив ги ликвидираа, нова „сатана“ е Башар ал Асад и нормално, Русите. И Путин.

Да не мислат про-американските подлизурковци во Македонија дека сите ние слепо веруваме на нивната антируска хистерија, и хушкањето и создавањето на невидлив непријател, а тие божем ќе не бранеле. Затоа сме требале да влеземе во НАТО, за да не спасат од луѓето-нелуѓе Русите, ама имало еден мал проблем, да сме кажеле дека не постои Македонски народ, не постои македонски јазик, да се откажеме од Македонците во Бугарија и да го потпишеме договорот за добрососедство со Бугарија, кој ќе биде заверен во ОН и ќе предизвикува правни последици во Република Македонија.

Втората жаба што треба да ја голтнеме, е, да си го смениме името, третата е да го признаеме Вранишковски и ПОА, и четвртата да ја редефинираме македонската држава со сите нејзини последици. За возврат, ќе не примеле во НАТО и ние ќе сме биле сигурно заштитени, од НИВНИОТ, а не наш непријател – Русите.

Ех, зајчиња, зајчиња. Не сме наивни како што ти и твојот чадор не мислите! Рејтингчето кое што и досега го немаше се топи како топка сладолед, затоа што кадровските решенија се тапа. Пожарите не е кадарен да ги изгаси. Паднаа во вода тезите на седесињата дека Заев имал американска поддршка. Џабе му е поддршката, кога Бејли наместо него не ја зеде напртњачата и да оди во Македонски Брод да гаси пожари, туку тој треба да ги засука ракавите и да оди да спие по шумите, заедно со министрите како што тоа го правеше Груевски.

Значи, странците си се странци, а проблемите во земјата не може вечно Роле да ти ги решава! Сите проблеми ги нема во утринското ливче напишано од Бејли, што треба денес да прави. Таму стојат само главните работи. Името, двојазичноста, договорот со Бугарија, бинационалноста, и толку. Бејли не се бави со ситници!