ПРЕС -КОНФЕРЕНЦИЈА: Договорот со Бугарија целосно ги негира Македонците

27.07.2017 година

„Конечно паднаа маските околу фамозниот договор за добрососедство со Република Бугарија- ремек делото на господинот Зоран Заев, кој упорно сака да ни го подметне како кукавично јајце.“ – ова денеска во партиското седиште пред медиумите го изјави претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски.  Понатаму, Јакимовски запраша од каде толкава радост во бугарската јавност од потпишувањето на овој контроверзен договор?

– Нивната радост доаѓа од негаторскиот триумф кој вешто е „ спакуван“ во договорот за добрососедство со Македонија. Според ГРОМ , договорот е целосно негаторски за Македонците и тоа во три клучни сегменти:

  1. Во договорот никаде не се спомнува македонскиот народ, тој според двете влади како да не постои.
  2. Со овој договор се откажуваме од грижата за македонското национално малцинство во Бугарија. Во неговите формулации, за неупатените има еден трик во кој стои „ грижа за нашите државјани во соседството“.

– Господине Заев да ви појасниме: Македонците во Пиринска Македонија, не се македонски, туку се бугарски државјани кои речиси и ги нема во Бугарија. Тоа практично значи дека вие се грижите за празно множество или исклучиво за туристите -македонски државјани кои се на одмор во Бугарија.

  1. Во овој контроверзен договор тотално се негира македонскиот јазик. Тој се спомнува најдолу во потписот на двете влади во делот каде што се вели дека: договорот ќе се потпише според јазикот во Уставот, на македонски јазик, категоричен беше Јакимовски.

Токму тука е целосното негирање. Или ние имаме јазик само затоа што имаме Устав, и дали ако немаме Устав- немаме ни јазик?

Првиот човек на ГРОМ Стевчо Јакимовски запраша:

Имаат ли Ромите Устав? –Немаат.

Дали им е признат јазикот? – Да, признат е.

Имаат ли Власите Устав? – И тие исто така немаат. Дали им е и на ним признат јазикот? Да, признат им е.

Петнаесет милионските Курди имаат ли сопствен јазик? –Имаат!

Дали имаат свој Устав? – Немаат!

Дали сето ова значи дека источниот сосед ќе ни го признава јазикот само до оној момент додека постои Уставот? Можеби некогаш ќе ја нема државата, но македонскиот народ и македонскиот јазик ќе опстојат и ќе постојат!

  • Најголемиот удар , на нас Македонците треба да ни го нанесе т.н Комисија за утврдување на фактите за заедничката историја. Ако имаме заедничка историја се остварува тезата која долго време се пласира од Бугарија за : „ еден народ, две држави“. Почитувани, еден Македонец со потекло од Ресен, со родено име Симеон Радев, во Букурешт го потпишал договорот за поделба на Македонија, и тоа во време на поробена Македонија. Денес во слободна, суверена и независна Македонија, новиот Симеон Радев, овој пат од Струмица, ќе го потпише договорот за целосна негација на македонскиот народ, дециден беше Јакимовски.

ГРОМ нема да го прифати овој довогор, а заканите за цензура и ограничување на слободата на говорот, на што според овој договор се обврзува Зоран Заев, нас нема да не попречат во битката за неприфаќање и неспроведување на овој договор. Почитувани членови на СДСМ , мене ми префрлувавте дека сум го предал Социјалдемократскиот Сојуз едно време. Дали сега гледате кој ја предава Република Македонија? запрашувајќи  го заврши своето излагање пред медиумите претседателот на Граѓанската опција за Македонија Стевчо Јакимовски.